Одржана инфо сесија за повикот на ФИТР „Стартапувај 3“

На 20.05.2021 година со почеток од 11.00 часот Бизнис Центарот при Центарот за развој на Југоисточниот плански регион заедно со Фонд за иновации и технолошки развој за компаниите од Југоисточниот и Источниот регион одржаа онлајн презентација наменета за презентирање на условите за финансирање под инструментот за поддршка „Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин оф“.
За време на презентацијата беа разјаснети условите и начинот на аплицирање, целта на поддршката на овој повик, какви трошоци можат да се финансираат, комисијата одговорна за прегледување и оценување на проектите, времетраењето на проектот и слично.

Интересот на компаниите од Југоисточниот и Источниот плански регион за информирање за овој инструмент за поддршка беше голем. Над 70 компании беа онлајн приклучени на презентацијата, и по нејзиното завршување поставуваа прашања кои беа директно одговорени од страна на претставниците на Фондот за иновации и технолошки развој.

Компаниите можат да аплицираат на овој јавен повик електронски заклучно до 12.06.2021 година.
Целата документација заедно со правила за пријавување се достапни на следниот линк: https://fitr.mk/startapuvaj3/.

Апликација за менторска поддршка за новоосновани старт ап и спин оф компании кои ќе аплицираат преку новиот повик на ФИТР „Стартапувај 3“

Бизнис Центарот при Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките на Ваучерската шема за давање стручна помош овозможува БЕСПЛАТНА МЕНТОРСКА ПОДДРШКА за сите фирми кои се заинтересирани да аплицираат преку новиот повик објавен од страна на ФИТР за инструментот за поддршка – Кoфинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф достапен на следниов линк: https://fitr.mk/startapuvaj3/.
Преку пополнување на апликацијата новооснованите фирмите од Југоисточниот регион се стекнуваат со право за добивање на менторска поддршка, а поради ограничен износ на средства, редоследот на корисниците на менторската поддршка ќе се определува по принципот „прв пријавен-прв услужен“.
За дополнителни информации обратете се во Бизнис центарот при Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, на Бул. Маршал Тито бр. 1-1, Струмица или побарајте не на 034/340-139.

Oдржан четвртиот работен состанок во рамки на проектот “COMBINE2PROTECT”

Во рамките на проектот “Заеднички стратегии за заштита на биолошката разновидност и одржлив развој на билатералнaта мрежа на заштитени подрачја – COMBINE2PROTECT” финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Р.Северна Македонија на 17ти мај (понеделник)  се одржа четвртиот работен состанок онлајн преку платформата ЗООМ.

На состанокот присуствуваа претставници од: Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Универзитетот “Аристотел” во Солун, Грција, Државниот инспекторат за животна средина од Република Северна Македонија, Регионот на западна Македонија од Флорина, Грција како и македонски експерти од областа на биодиверзитетот.

На состанокот беше презентирaна Регионалната Стратегија за Биодиверзитет во Југоисточниот плански регион, Студијата за прецизно утврдување на Моноспитовското блато и Студијата за квалитетот на водата заснована на микроорганизми; Документарни филмови кои опфаќаат делови од прекуграничниот регион и Програмата Greenium за брендирање на бизниси во рамки на проектот. Исто така се разговараше и за организирањето на следните настани како интернационалните конференции за биодиверзитет, состаноците за размена на експертиза и обуките за биодиверзитет кои ќе следат во рамки на проектот и кои поради ситуацијата со пандемијата Ковид19 немаше можност да се реализираат во предвидениот временски период.

Последниот работен состанок на проектниот тим се планира да се одржи во Флорина.

Овој проект е кофинансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички

Второ прскање против ларвициди по земјен пат во општините во Југоисточниот регион

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во соработка со десетте општини од регионот започна со активности за третирање против ларвицидна и возрасна форма на комарци по земјен пат. Предвидени се две третирања за ларвициди и три третирања против возрасни комарци на територијата на Југоисточниот регион со вкупна површина од 5.376 ха.

Се известуваат сите граѓани на десетте општини во Југоисточниот плански регион дека второто ларвицидно прскање ќе се изврши во период од 17 до 19 Мај 2021 година, со следниот распоред:

  1. На 17.05.2021 година (Понеделник), во период од 09 до 16 часот во општините Валандово, Дојран, Гевгелија и Богданци.
  2. На 18.05.2021 година (Вторник), во период од 09 до 16 часот во општините Ново Село, Босилово, Василево и Струмица.
  3. На 19.05.2021 година (Среда), во период од 09 до 16 часот во општините Радовиш и Конче.

Се известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

Промоција на социјално инклузивни проекти финансирани од Швајцарската Агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа

На 05 мај 2021 година, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион на две локации во Струмица и Радовиш ги промовираше проектите: „Академија за реинтеграција на маргинализирани лица“ и „Создавање на услови за поголема социјална инклузија на лицата со посебни потреби во Југоисточниот плански регион“, реализирани со финансиска поддршка од Швајцарската Агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.

Гости на настанот беа Министерот за локална самоуправа на Република Северна Македонија, Г-н Горан Милевски, претставници од Швајцарската Агенција за развој и соработка, претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион како и Градоначалникот на општина Радовиш, г-н Герасим Конзулов.

Настанот започна со посета на терен во Здружението за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанци – ИЗБОР во Струмица, со чиешто партнерство Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементираше проектот „Академија за реинтеграција на маргинализирани лица“.

Како резултат на овој проект се унапредија постоечките услуги во Југоисточниот регион за подобро вклучување на маргинализираните лица на пазарот на трудот преку набавка на опрема наменета за органско производство на овошје и зеленчук, пекарство, пакување и етикетирање на прашкасти и зрнести производи, градинарство и цвеќарство.

Со помош на набавената опрема социјално загрозените лица имаат можност да се стекнат со вештини кои ќе придонесат да бидат самостојни, корисни во општеството и квалификувани на пазарот на трудот. Преку овој проект исто така се овозможи вработување на три лица кои стекнаа работни вештини во рамки на Програмата за реинтеграција, а во наредниот период се очекуваат дополнителни вработувања на лица кои се веќе во фаза на рехабилитиација во Здружението – ИЗБОР“ – изјави Г-а Данче Поп-Иванова Илиева, координатор на проектот.

Промоцијата продолжи во Дневниот Центар за лица со попреченост во општина Радовиш, кој е еден од четирите опремени Дневни Центри во регионот со реквизити и опрема за работна окупација, психомоторен развој и достапност преку проектот „Создавање на услови за поголема социјална инклузија на лицата со посебни потреби во Југоисточниот плански регион“ кој се имплементираше од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Овој проект придонесува кон подигање на свеста за вклучување на лицата со различни попречености во општествениот и социјалниот живот во регионот како и подобрување на секојдневниот престој во Дневните Центри преку набавената опрема и стекнатите знаења кои ќе овозможат долгорочни промени во однос на нивно работно оспособување и вклученост на пазарот на трудот.

Станува збор за два успешно реализирани проекти кои беа избрани на партиципативен начин со директно учество на граѓаните од Југоисточниот регион преку Грантовата шема за иновативни и инвестициски проекти овозможени преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ и во иднина ќе служат за пример како еден регион е потребно да се развива одржливо во областа на социјалната инклузија.

Заврши асфалтирањето на локален пат Зубово – спој со пат Ново Село -Мокриево

Успешно заврши имплементацијата на проектот „Изградба на локален пат Зубово-спој со пат Ново Село-Мокриево“ во должина од 907 метри, кој се реализираше од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со општина Ново Село и истиот е ставен во употреба.

Со асфалтирањето на локален пат Зубово – спој со пат Ново Село – Мокриево ќе се овозможи поврзување на населените места по асфалтен пат со што ќе се избегне заобиколувањето кое досега го правеа жителите за да стигнат од едно до друго населено место. Со овој проект на граѓаните им се овозможи подобрување на меѓусебна комуникација и условите за живот, пристапот до своите домови, училишта, работни места, земјоделски површини, откупни центри како и подобар пристап до туристичките места во Подбеласичкиот регион.

Проектот е финансиран од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2018 година, преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој според мерка 321 Подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, подмерка 321.1 Инвестиции во локална патна инфраструктура за поврзување меѓу две или повеќе населени места во рурални средини како и од Буџетот на општина Ново Село.

Градежните работи за проектот ги изврши економскиот оператор „ДГТУП ЏОВИ КОМПАНИ ДООЕЛ“ с.Мокрино, општина Ново Село со вкупна вредност од 4.709.732,82 денари со вклучен ДДВ.

Осовременувањето на овој локален пат ќе ја подобри комуникацијата помеѓу споменатите населените места, како и околните населени места од овој микро-регион со што значително се подобрува локалната патна инфраструктура во Југоисточниот плански регион.