Одржана прва прес конференција во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ на 24 Септември 2021 година, во Хотел Сириус, Струмица одржа прес конференција на која беа поканети претставници од медиумитеод регионот. Проектниот тим заедно со Директорката на Центарот, Г-а Жулиета Ѓуркова и со претставник од територијалната противпожарна единица (ТППЕ), Струмица, ги презентираа активностите и очекуваните резултати со цел подетално запознавање на јавноста која е целта на проектот и кои бенефити се очекуваат од истиот.
Преку овој проект 112 пожарникари од Југоисточниот плански регион ќе добијат специјализирана лична заштитна опрема за шумски пожари, а истиот се реализира како резултат на анализата која покажа дека ниту една противпожарна единица во овој регион не поседува одела за пожарникарите наменети за шумски пожари.

“Нашата цел и нашата идеја е да бидат рамо до рамо со сите европски пожарникари, да ја имаат комплетната опрема да можат да одговорат. Тие се способни, ги имаат сите вештини, обучени се, меѓутоа треба да имаат соодветна опрема и соодветно да бидат облечени за да бидат ефикасни.“ – посочи директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Ѓуркова.

За пожарникарите набавката на новата опрема е многу значајна бидејќи со неа ќе се овозможи многу поголема ефикасност за време на интервенциите во шума, а истовремено ќе се зголеми нивната безбедност, истакна Г-н Ристо Јанакиев – претставник на ТППЕ Струмица, и додаде дека со опремата тие значително ќе се приближат до стандардите на Европската Унија.

На прес конференцијата преку кратка презентација од страна на проектниот тим беа информирани новинарите и за останатите активности кои се планирани во рамките на овој проект, а тоа се формирање на прекугранична мрежа за превенција и одговор од природни и еколошки опасности кои настануваат од шумските пожари, организација на шест специјализирани обуки за дел од претставниците на територијалните противпожарни единици и волонтерските здруженија со меѓународно сертифицирани обучувачи, промоција и подигање на јавната свест за поттикнување на волонтеризмот во справување со пожари како и спречувањето на шумските пожари.

Проектот е предвиден да трае 24 месеци.

ПРИЗНАНИЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈИПР ЗА ИНТЕНЗИВНА СОРАБОТКА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА И АКАДЕМИЈАТА НА РЕГИОНАЛНО НИВО ВО 2020 ГОДИНА

Единствените доживотни, сигурни мотивации се оние што доаѓаат одвнатре, а најсилните од нив се радоста и гордоста што растат кога сте добиле признание дека сте направиле нешто добро во година која и покрај отежнатите околности вработените од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион интензивно работеа на секое поле.
На ден 13.09.2021 Министерот за локална самоуправа Г-н Горан Милевски на Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова преку Проектот „Одржлив инклузивен рамномерен регионален развој“ врачи ПРИЗНАНИЕ на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион за интензивна соработка со бизнис заедницата и академијата на регионално ниво во 2020 година.
Изборот се спроведе преку рангирање на регионите во 8 категории. Иако Центарот за развој на Југоисточниот плански регион покажа одлични резултати во повеќе категории и области, сепак од страна на Комисијата беше одлучено да добие признание во Категоријата – Интензивна соработка со бизнис заедницата и академијата на регионално ниво во изминатата година.
Регионалниот Бизнис Центар во рамките на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во изминатата 2020 година интензивно работеше и ќе продолжи да работи со истиот интензитет и уште поголема мотивираност на поттикнување на регионалната бизнис клима и поддршка на малите и средни претпријатија од регионот, зајакнување на капацитетите на компаниите во регионот и ќе продолжи да создава клима за развој на одржливи и профитабилни бизниси.
Оваа награда е за досегашниот труд на вработените и ќе служи за уште поголема мотивираност во иднина и достигнување уште повидливи резултати за доброто на регионот.

Пилот акција „Беласица 2021“ на тема пожар спроведена во рамки на проектот „ХЕЛП“

На 03 и 04 септември 2021 година се организираше дводневен настан, Пилот акција “Беласица 2021“, во рамки на проектот “Интегриран оперативен центар за обезбедување хуманитарна помош – ХЕЛП“ кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Центарот за управување со кризи и проектните партнери од соседна Грција.

Вежбовната акција за симулација на пожар „Беласица 2021“ беше официјално отворена од страна на Заменик Министерот за локална самоуправа Г-н Зоран Димитровски, Раководителката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова, Директорот на вежбата Г-н Урим Вејсели и претставник од о. Ново Село Г-нот Туше Стојанов, кои со поздравен говор го истакнаа значењето за остварување на непречена координација со соседна Грција во време на природни катастрофи, воведување на современи алатки за брзо реагирање и јакнење на капацитетите за справување со кризи на меѓународно ниво.

По претходно креирано сценарио за справување со природни катастрофи, во овој случај пожар на Беласица, на обете страни од границата, активностите на терен се одвиваа во месноста на Ѓавлски Мост, Сечена Скала, Шарена чешма, Ѕвезден врв, Тумба, Ловечка Куќа и други локално именувани високи делови на планината каде претставници од Центарот за управување со кризи, претставници од Дирекција за заштита и спасување, Црвен Крст, Противпожарни единици, МВР Струмица, невладини организации спроведуваа вежбовни активности за спречување на пожарот користејќи ја опремата на мобилната единица Команден Центар – C4I кој е поставен во Струмица.

Целта за организирање на овој настан беше да се информира јавноста за начинот на управување со опремата, информативниот систем, мапирање на катастрофа, платформата за гејмификација, развиените планови за справување со катастрофи согласно националните протоколи кои се достапни во Командниот центар – C4I, развој на тест настани за употреба на опремата, да се подобрат оперативните и организациските способности на надлежните институции, да се подобри нивото на комуникација и соработка со Грција во време на катастрофи како и поттикнување и активно учество на граѓаните и чинителите во активности за управување со кризи со цел да се зголемат нивоата на нивната свест и реакција.
Како прв Команден центар за управување со кризи кој е поставен во државата, во иднина се очекува оптимално користење на опремата, олеснување на работата на надлежните институции и поврзување за време на природни непогоди со Командниот центар кој е поставен во прекуграничниот регион во Грција.

Со успешната организација на дводневниот настан, Пилот Акција на тема пожар “Беласица 2021“, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ја привршува имплементацијата на активностите кои се дел од проектот “Интегриран оперативен центар за обезбедување хуманитарна помош – ХЕЛП“, ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.

Одржана триесеттата (XXX) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

Советот за развој на Југоисточниот плански регион, на ден 06.09.2021 година (понеделник), ја одржа триесеттата седница. Поради настаната ситуација со COVID-19, истата беше одржана онлајн на платформата ZOOM.

На Седницата присуствуваа Градоначалниците од општините во состав на Југоисточниот плански регион и директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Жулиета Ѓуркова.

На одржаната седница едногласно беа донесени Одлука за одобрување на проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи“ – eFIDAR со новиот буџет согласно преговорите пред потпишување на договор и Одлука за одобрување на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем“ – Be In со новиот буџет согласно преговорите пред потпишување на договор, а се финансирани преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Северна Македонија.

Прв состанок на тимот по проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ одржан во Благоевград, Република Бугарија

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р.Северна Македонија на ден 30.08.2021 и 31.08.2021 година, во Благоевград во просториите на Водечкиот партнер – Асоцијација на Југозападни Општини, Република Бугарија се одржа првиот состанок на проектниот тим.

Целта на состанокот беше да се продискутираат проектните активности, што е имплементирано до сега и кои се следните чекори на имплементација на секој од партнерите.

Согласно обврските на тимот за поднесување на Барања за прво ниво на контрола (Request for First level control) двата партнери заедно во координација ги поднесоа барањата во рамките на зададениот рок. На состанокот беше разгледан и дискутиран Извештајот за напредокот на проектот (Project Progress Report 2 – PP2) кој беше поднесен на Порталот за бенефициенти за предходниот проектен период.

Тимот разговараше и за одржување на првите прес конференции во рамките на проектот, како и за првата работилница за воспоставување на прекугранична мрежа за превенција и одговор во случај на опасности на природата и животната средина.Во рамките на предвидените планирани настани се одлучи истите да бидат релизирани согласно активните мерки во тој момент за COVID-19.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.