СМАРТ опрема во општина Дојран

Во рамките на проектот „Туризмот – иднината на регионот!“,  Центарот за развој на Југоисточниот плански регион набави СМАРТ опрема за општина Дојран.

Набавени и поставени се полнач за електрични автомобили, 20 Е – велосипеди со паметни брави и две градски информативни ЛЦД табли (информативни тотеми). Поставена е и безжична опрема за wireless хот спот интернет конекција на централниот дел од Стар Дојран.

Со поставувањето на полначот за електрични автомобили, Дојран како туристичка дестинација ќе биде достапна и за туристи кои користат електрични автомобили како превозно средство.

Информативните ЛЦД табли се поставени на две доста значајни локации и содржат корисни информации за тоа што се случува во Дојран, што е тоа што Дојран го нуди. 20 е-Велосипеди ќе се користат за организирани туристички тури со цел преку изнајмувањето и возењето на електричен велосипед да може да се доживее Дојран на еден нов и поинаков начин, каде освен возењето по пешачко – рекреативната патека долж езерото, мештаните и туристите ќе може да ги откријат и ридските убавини кои досега беа тешко достапни поради теренот, да се посети Фердинандова чешма и да се вози електричен велосипед по патеката од Првата светска војна.

Претходно во рамките на истиот овој проект беше обележана, порамнета и проширена ридската велосипедска патека на Фронтовата линија во должина до 16 км започнувајќи од Нов Дојран па се до езерото Паљурци.

Со СМАРТ опремата Дојран добива нови содржини и нова модерна слика за привлекување на поголем број на туристи, се доближува до модерните туристички локалитети и е во чекор со новото модерно време во креирање на Паметен град (SMART CITY).

Оваа активност е финансирана од Бирото за регионален развој преку Програмата за Рамномерен регионален развој 2022-2023, а се имплементира од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со општина Дојран.

 

   

Се инсталираат фотонапонски централи предвидени по проектот „Енергетски ефикасен регион“

Во Радовиш се одржа вториот промотивен настан по проектот “Енергетски ефикасен регион”, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а е финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и од Швајцарската Влада, а со сопствени средства учествуваат и општините Радовиш, Конче и Василево.

На настанот на кој присуствуваше министерот за локална самоуправа во Владата на Р. С. Македонија, градоначалниците на општините Радовиш и Конче, директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и претставници од проектната канцеларија на проектот “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој” беа претставени досегашните реализирани активности.

Со имплементацијата на проектот, од една страна општините Радовиш, Конче и Василево ќе имаат голем бенефит во однос на заштеда на потрошувачка на електрична енергија, а од друга страна корист ќе имаат и граѓаните при што ќе се зголемат средствата за инвестирање во инфраструктурни проекти кои ќе водат кон зголемен економски развој.

– „Се надевам дека сите национални и меѓународни институции ќе ги препознаат придобивките од овие проекти и ќе финансираат други вакви проекти во иднина, со што ќе се овозможи полесно функционирање и полесна одржливост на општините и општинските институции во регионот“ – истакна директорот на Центарот, Г-нот Камчев.

Се очекува до крајот на месец ноември оваа година, комплетно да бидат поставени фотонапонските централи на двата објекти во Радовиш, по што ќе следи и изработка на софтвер за мониторинг на енергија, а планирани се и обуки за користење на системот, наменети за претставници од трите партнерски општини.

Одржана XIX (деветнаесетата) седница на Советот за развој на ЈИПР

На 13.09.2023 година се одржа XIX (деветнаесеттата)  седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, која се одржа online на платформата ZOOM со почеток во 13:00 часот.

На оваа седница присуствуваа мнозинството од членовите на Советот и беаше донесена Одлука за изработка и имплементација на проект „Зелена прекугранична хармонија“ (Green cross-border harmоny).

Исто така се водеше и дискусија и дефинирање одредени информации по проектот: „Е-полначи за електрични возила: техничка документација “.