ЦРЈИПР со сертифицирани кадри за јавни набавки по EU PRAG и проектен менаџмент

Претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР) во периодот од 24–26 март 2026, учествуваа на Final Training Event, кој се одржа во хотелот Ramada Plaza во Гевгелија, во периодот од 24 до 26 март 2026 година.

Настанот беше организиран во рамки на проектот „Technical Assistance EU for Municipalities“, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од конзорциум предводен од GOPA PACE S.A. Обуката опфати две главни тематски области: „EU Project Management“ и „EU PRAG & Procurement Contract Management“, со фокус на практични знаења и вештини за управување со проекти и јавни набавки според ЕУ стандарди.

Во текот на тридневната обука, учесниците имаа можност да се запознаат со клучни аспекти на проектниот циклус, вклучително и Project Cycle Management (PCM) и методологијата PM2, како и со алатки за анализа, интервенциска логика и изработка на Logical Framework Matrix (LFM). Дополнително, беа обработени теми поврзани со теоријата на промени, дефинирање индикатори и управување со резултати.

Посебен акцент беше ставен на процедурите согласно EU PRAG, вклучително и видови постапки, критериуми за доделување договори, подготовка на тендерска документација, како и евалуација и управување со договори. Учесниците работеа на практични примери и добија насоки за ефективна примена на правилата во реални ситуации.

Вториот ден беше посветен и на буџетирање и финансиско управување со проекти, каде што беа разгледани процесите на финансиско планирање, мониторинг, контрола и известување, во согласност со донаторските барања и националното законодавство.

Третиот ден, означен како „IT Day“, понуди заеднички сесии за сите учесници, насочени кон унапредување на дигиталните вештини во јавната администрација. Темите вклучуваа дигитална ефикасност во секојдневната работа, употреба на AI алатки во административни и проектни процеси, како и практична примена на ИТ решенија за подобрување на општинските услуги, вклучително и управување со данок на имот и користење на GIS системи.

Настанот заврши со писмен тест за проверка на стекнатите знаења и доделување сертификати.

Дополнително, важно е да се истакне дека Центарот за развој на Југоисточниот плански регион веќе располага со сертифицирани обучувачи во областа на јавните набавки, што претставува значаен ресурс за пренос на знаење и јакнење на институционалните капацитети. Воедно, дел од вработените успешно се стекнаа со сертификати за проектен менаџмент, со што дополнително се зајакнува експертизата на институцијата за ефикасно управување со проекти финансирани од Европската Унија.

Со учеството на овој значаен настан, претставниците на ЦРЈИПР дополнително ги унапредува своите капацитети и придонесуваат кон подобрување на локалниот и регионалниот развој преку квалитетна имплементација на ЕУ проекти.