Југоисточниот регион е еден од осумте плански региони во Република Северна Македонија формирани согласно Законот за рамномерен регионален развој во 2007 година и претставува основна единица за планирање на развојот во Стратегијата за регионален развој. Југоисточниот регион се протега на крајниот југоисточен дел на Република Северна Македонија и го опфаќа подрачјето на Струмичко – Радовишката и Гевгелиско – Валандовската котлина, односно долината на реката Струмица и долниот тек на реката Вардар. Географската поставеност на регионот ги опфаќа спомнатите котлини и масивите на планините Беласица на југ, Огражден на исток, Плачковица на север, Срта во централниот дел и источната страна на Кожуф планина. На југ граничи со Република Грција, на исток со Република Бугарија, а на север и запад со Источниот и Вардарскиот регион.

Регионот зафаќа површина од 2.835 км2, односно 10,9 % од вкупната површина на државата. Го сочинуваат вкупно 10 општини: Општина Богданци, Општина Босилово, Општина Валандово, Општина Василево, Општина Гевгелија, Општина Дојран, Општина Конче, Општина Ново Село, Oпштина Радовиш и Општина Струмица, со вкупен број од 148.387 жители и густина на населеност од 63,2 жители на км2.

Карактеристично за Југоисточниот регион е тоа што во 2012 година е забележана највисока стапка на вработеност од 60,9% во споредба со другите региони и најниска стапка на невработеност од 13.8%. Просечната исплатена нето-плата по вработен во Југоисточниот регион во 2012 година изнесувала 16.600 денари, односно 79,4% од националниот просек. Југоисточниот регион учествува со 9,7% во формирањето на вкупниот БДП на Република Северна Македонија.

Поради специфичната географска и топографска положба Југоисточниот регион го карактеризираат долги топли лета со високо среднодневни температури и намалено годишно количество врнежи, намалени зимски температури и појава на ветрови од сите правци. Со околу 230 сончеви денови годишно овој регион е најсончев во земјата. Ваквите климатски услови се поволни за развој на земјоделството. Квалитетното и обемно производство на раноградинарски култури, свеж зеленчук и овошје, како и индустриски земјоделски култури, овозможува развој на конзервно-преработувачката индустрија на земјоделски производи, по што овој регион е препознатлив. Други значајни сектори се текстилната индустрија, тутунската, градежништвото, угостителството и трговијата. Иако доминира индустријата, со исклучително динамичниот раст сé позначајно учество имаат услугите, градежништвото и земјоделството. Во овој регион се креираат најголем број нови работни места чиj генератор се градежништвото, услугите и индустријата.
Југоисточниот регион располага со 120.583 (ха) земјоделска површина со вкупна обработлива површина од 56.907 (ха). Земјоделската површина во Југоисточниот регион изнесува 9.5% од вкупната земјоделска површина во Република Северна Македонија. Според површините пак под лозја Југоисточниот регион со 4.408 (ха), односно 20,7%, се наоѓа на второ место после Вардарскиот регион.

Во однос на патната мрежа Југоисточниот регион располага со најмала должина на локална патна мрежа од 957 км во однос на Полошкиот регон кој располага со локална патна мрежа од 1.381 км. Според бројот на легла Југоисточниот регион се наоѓа на трето место после Југозападниот и Пелагонискиот регион со 6.088 легла, а со 305.163 ноќевања учествува со 14,2 % во вкупниот број на ноќевања во Република Северна Македонија.

Овој регион е богат и со природни ресурси. Микро-регионот Радовиш и Конче се карактеризира со наоѓалишта на минерални неметални суровини како што се кварцот и глината. Од минералните метални суровини, во општина Радовиш се среќаваат железо и цинкова руда, бакар, злато, сребро, хром, ураниум, а во општина Конче се среќаваат варовник, мермери бакар. Во Струмичкиот микрорегион, рудникот за експлоатација на фелдспад „Хамзали”, е од натриски карактер и е единствен во Република Северна Македонија и на Балканот. Рудникот за експлоатација на CaCO3 „Mемешли” е наоѓалиште кое во основа претставува мермеризиран варовник, и е едно од ретките во Република Северна Македонија. Испитувања се вршат на планината Огражден во непосредна близина на населеното место Иловица, каде постојат индикации за потенцијални наоѓалишта на руда (бакар и злато).

Регионот исто така располага и со термоминерален хидропотенцијал. На околу 12 км југоисточно од градот Струмица, под планината Беласица се наоѓаат термоминералните извори на Бања Банско. Од вкупно пет термоминерални извори, само едeн и тoa најголемиот, е стручно каптиран. Останатите четири слободно се изливаат без посебна каптажа. Температурата на водата во изворите е 71 °С во главниот извор и 56 °С во останатите. Во однос на минералниот состав, сите се со ист минерaлошки состав, што потврдува дека сите потекнуваат од еден ист извор. Во Гевгелискиот микрорегион, на 5 км северозападно од Гевгелија, на надморска височина од само 59 метри се наоѓаат Негорски Бањи. Таа е најниската бања во нашата земја со два извора – Врела Бања со температура од 40°С и Студена бања со температура на водата од 38°С. Водата во својот состав е богата со калциум, магнезиум,рубидиум, цезиум, радон и други минерали.

Од водените ресурси со кои располага Југоисточниот регион можат да се издвојат Смоларскиот водопад со височина од 39,5 метри и Колешинскиот водопад со височина од 15 м, и двата во Општина Ново Село. Исто така, регионот располага и со повеќе вештачки езера меѓу кои „Мантово” во општина Конче, „Турија” и „Водоча” во Општина Струмица, „Паљурци” во Општина Богданци. Природното Дојранско Езеро во Општина Дојран пак е едно од најубавите природни ресурси во Република Северна Македонија.

Во Југоисточниот регион постојат бројни познати историски локалитети и објекти што треба да се посетат. Археолошкиот локалитет „Исар” во с. Марвинци, потоа „Идомена” – подземен споменик на културата, „Стакина чешма” во Општина Валандово, археолошкиот локалитет „Страната”, во близина на село Ангелци, како и црквата „Св. Петка” во селото Требичино, Општина Василево, археолошкиот локалитет Вардарски рид во Општина Гевгелија, Манастирот Свети Стефан во Општина Конче, археолошкиот локалитет„Црвено Поле” во близина на селото Барбарево, „Ќерамидарка” некропола од 11 век со околу 20 гробови со уникатен накит во селото Мокрино, Општина Ново Село, црквата „Светa Троица” во Општина Радовиш, Манастирската црква Света Богородица Милостива (Елеуса) во село Вељуса, комплексот цркви Св. Леонтиј во селото Водоча како и познатиот локалитет Цареви кули во општина Струмица се само дел од објектите кои го одбележуваат Југоисточниот регион.

Југоисточниот регион не изостанува и во одржувањето на културни и спортски настани, фестивали, изложби и претстави кои се организираат во голем број во текот на целата година. Некои од поважните настани се: Фолк Фест Валандово; Струмички Карневал; Струмица опен фестивал; Смоквијада Гевгелија; Ден на празот, с. Градашорци, Василево; Фестивал на Смоларскиот костен Ново Село; Првомајски трки во с. Стојаково, Богданци; Фестивал на изворен фолклор Гајда, с. Ињево, Радовиш; Манифестација Топол културен бран Конче; Манифестација Дојрански ракувања; Празник на Општина Босилово; итн.

Сите овие природни богатства и карактеристики го привлекуваат вниманието на посетителите, привлекуваат се поголем број туристи од државата и од странство така што во последните години е забележан тренд на пораст на туризмот како стопанска гранка, преку зголемувањето на бројот на сместувачки капацитети, туристи и ноќевања во регионот.

Преку искористување на своите предности, надминување на слабите страни и искористување на можностите Југоисточниот регион продолжува да се развива во регион кој е посакуван за живеење и инвестирање.