Во текот на изминатите триесетина години на транзиција, влегувајќи од криза во криза и покрај огромните напори кои ги вложуваат државните институции и невладиниот сектор, вклученоста на лицата кои се изложени на социјален ризик и понатаму отсуствува на пазарот на трудот. Од ваквата состојба ја црпиме нашата мотивација, убедени дека преку спроведување и реализирање на основните цели на овој проект можеме да постанеме движечка сила, тренд и одговор за решавање на негативните влијанија на повторувачката криза заради големите социјални разлики, и да понудиме хумана поширока визија на инклузивна стратегија за одржлив развој на лицата со посебни потреби и другите социјално исклучени и стигматизирани групи.
Центарот за развој на Југоисточниот плански регион преку реализација на овој проект во соработка со Здружение „ИЗБОР“ ќе овозможи унапредување на постоечките можности во регионот за подобро вклучување на маргинализираните лица на пазарот на трудот.
Во рамки на проектот ќе се набави опрема за збогатување на веќе постоечката програма за реинтеграција на маргинализирани лица која вклучува низа активности за работно оспособување во областа на органското производство, градинарство, цвеќарство, билкарство, пекарство, пакување и етикетирање на зрнести и прашкасти производи.
Преку набавката на ваквата опрема ќе се овозможи континуирана поддршка за развој на иновативните услуги за социјална инклузија и рамноправен пристап до квалитетни работни места на претставниците на маргинализираните групи кои се наоѓаат во неповолни социо-еконоимски услови, преку стекнување вештини за органското производство, пекарски вештини, вештини поврзани со сушење и пакување на земјоделски производи, други вештини кои ќе бидат идентификувани како потреба на пазарот на трудот во регионот.
Цели на проектот:
- Збогатување на програмата за реинтеграција на маргинализираните лица преку набавка на опрема за обработка, пакување, складирање и производство на храна;
- Создавање на подобри услови за развивање на вештини во областа на пекарство, градинарство, билкарство кои ќе им помогне на маргинализираните лица во процесот на вклучување на пазарот на трудот.
Резултати од проектот:
- Набавена основна опрема за обработка, пакување, складирање и производство на храна која ќе се користи од страна на сите целни групи кои ги опфаќа Здружението „ИЗБОР“;
- Работно оспособени и вработени маргинализирани лица од Југоисточен регион преку програмата за реинтеграција.