Успешно завршена Финалната Конференција на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем

Финалната конференција на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем” – Be In на која присуствуваа повеќе од 50 гости, успешно се одржа на 17-ти Ноември 2023 година во хотел „Сириус“ во Струмица.

Во првиот дел од конференцијата ја имавме честа да ги слушнеме поздравните зборови на Државниот секретар на Министерството за локална самоуправа, Г-н Кирил Парталов, Претседателот на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-н  Славе Андонов, Раководителот на Генералниот Директорат за внатрешна организација и операции, Регион Централна Македонија во Грција, Г-н Костас Михалидис, како и на Директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-н Ѓоко Камчев.

Во вториот дел од конференцијата се претставија резултатите, конкретните активности по проектот, како и неговото значење за создавање на еден интегриран деловен екосистем. Пред присутните гости се направи анализа на резултатите од спроведените истражувања од двете страни на границата, кои се однесуваа на работната сила и претприемачките капацитети на МСП, а се презентираше и за значењето на стартап бизнисите и нивното влијание врз економскиот раст и вработеноста.

Освен официјалниот дел од големо значење беше и можноста да се оствари соработка и размена на идеи помеѓу бизнис заедницата, експертите, младите претприемачи и другите засегнати страни. Гостите имаа можност да ги прошират своите мрежи, создавајќи трајни врски со колеги, партнери и експерти во различни области на бизнисот, но и преку разговор и дискусии да дојдат до конкретни решенија за подобрување на деловниот екосистем во Југоисточниот плански регион.

Иако Финалната конференција го означи завршувањето на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем“, Центарот за развој останува и понатаму посветен да работи на нови активности и проекти кои ќе продолжат да ја развиваат претприемачката активност во регионот.

Проектот се имплементираше околу две години, а е финансиран од Националните фондови на земјите учеснички и Европска унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република С. Македонија.

Одржан трет состанок по проектот „Би Ин“

Третиот состанок по проектот „Деловен екосистем како интегриран систем Be In се одржа на 27 Јуни 2023 година во Солун, Грција и истиот беше организиран од страна на вториот проектен партнер – Истражувачкиот институт на Универзитетот Македонија, Грција.

На состанокот беа разработени клучните аспекти неопходни за непречено спроведување на проектот и постигнување на целите. Состанокот започна со сеопфатна дискусија за досегашниот напредок на проектот, фокусирајќи се на досегашните направени трошоци и нивна валидација за секој од партнерите.

Во продолжение на состанокот присутните претставници разговараа за излезните резултати од секоја планирана и спроведена активност нагласувајќи ја нивната важност во воспоставувањето на претприемачкиот еко-систем во прекуграничниот регион.

На крајот се утврдија следните чекори кои треба да се преземат преку изработка на календар на одржување на настаните до крајот на проектот со цел да се постави јасна траекторија на движење и да се обезбеди добро координирано  и ефикасно извршување на проектот.

Проектот е кофинансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Р. С. Македонија и со продолжувањето на рокот на имплементација на проектот истиот ќе се имплементира до 30ти Ноември 2023 година.

НОВА ДИГИТАЛНА РЕАЛНОСТ – Работилници во рамките на проектот Би Ин

Основната дигитална трансформација во време кога технологијата е насекаде околу нас е застарена тема.
Од витално значење за секоја компанија денес, од мали до најголеми компании, е да стават акцент на воведување паметни информациони системи во своето работење и максимално да ги модернизираат организациските текови користејќи дигитални алатки кои им се на располагање, за креирање успешна деловна приказна.
Новите навики на потрошувачите бараат иновативен пристап во работењето. Време е да се соочиме со новата дигитална реалност и крајно да ги искористиме бенефитите кои ги нуди.

 

За таа цел, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион организира две, дводневни Работилници за дигитална промоција на компаниите од Југоисточниот плански регион преку онлајн маркетинг, промоција и продажба.

Тие се наменети за сите кои се стремат кон дигитална модернизација, за сите бизниси кои бараат нов дигитален начин на промоција, како и нови начини дигитално да ги понудат своите производи и услуги.

Термини на одржување на работилниците:
– 13 и 14 Март 2023 година и
– 16 и 17 Март 2023 година.
Пријавете се за бесплатна работилница на тема НОВА ДИГИТАЛНА РЕАЛНОСТ на следниот линк: .
Бројот на учесници е ограничен.