ОБЕЗБЕДЕНИ СРЕДСТВА ЗА НОВИ РЕГИОНАЛНИ ПРОЕКТИ

Преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2023 со индикативно планирани средства за 2024 година, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион обезбеди средства за реализација на четири нови проекти.

На ден 27.11.2023 година, Директорот Ѓоко Камчев, потпиша Договори за реализација на проекти во вкупниот износ од 47.609.475,00 денари обезбедени од страна на Бирото за регионален развој за следниве проекти:

  1. „Превземи чекор – заштити ја животната средина“ за кој се предвидени вкупно 11.190.188,00 денари, во кој како партнери се општините Струмица, Конче и Василево;
  2. „Подобрување на Енергетската Ефикасност на јавните објекти во Југоисточниот плански регион“ за кој се предвидени вкупно 19.683.056,00 денари, во кој како партнери се јавуваат општините Босилово, Гевгелија и Радовиш;
  3. „Дојран – медитерански бисер во Југоистокот“ за кој се предвидени вкупно 8.061.143,00 денари, во кој како партнер се јавува општина Дојран;
  4. „Југоисточниот регион – можност за нови туристички авантури“ за кој се предвидени вкупно 8.675.088,00 денари, во кој како партнери се јавуваат општините Василево, Ново Село и Богданци.

Освен средствата обезбедени од Бирото за регионален развој, општините партнери во проектите исто така учествуваат и со средства во вкупен износ од околу 20 милиони денари, обезбедени од општинските буџети.

Во периодот којшто следува, Центарот за развој ќе работи на имплементација на активностите од овие проекти со цел подобрување на условите за живот на сите граѓани во Југоисточниот плански регион.

Се одржа првата форумска сесија за имплементација на регионални проекти

На ден 27.10.2023 година со одржувањето на Првата форумска сесија, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион започна со имплементација на Регионалните форуми во заедницата со цел подготовка на проекти по Програмата за рамномерен регионален развој за 2024 година на Бирото за  регионален развој.

На форумската сесија беа присутни учесници од различни категории од 10-те општини на Југоисточниот плански регион и истите активно учествуваа во утврдувањето на приоритетните области во кои треба да се интервенира, во идентификувањето на проблемите и предлагање на решенија со кои ќе се овозможи подобрување на условите за живот на населението во Југоисточниот регион.

Како приоритени области кои добија најмногу гласови од учесниците на форумот беа следниве:

  • Транспорт и инфраструктура и
  • Економија и туризам.

Врз основа на идентификуваните проблеми, преку нивна анализа и разработка, во наредниот период ќе се развијат концептни решенија. Истите понатаму ќе се презентираат пред Советот за развој на Југоисточниот плански регион, како и пред присутните учесници на втората форумска сесија, која е планирана да се одржи кон крајот на месец ноември 2023 година.

Регионалните форуми во заедницата во Југоисточниот плански регион се финансиски поддржани од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот “Одржлив и инклузивен рамнoмерен региoнален развoј – 2 фаза“.

Спој на убавина и историја – Доизграден и опремен конакот во рамките на манастирската црква Св. Стефан во Конче

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион успешно ги заврши активностите за доизградба и опремување на конак – Манастирска црква Св. Стефан во општина Конче, во рамките на проектот „Збогатување на туристичката понуда на Југоисточниот плански регион“.

Во текот на реализацијата на овој проект беа преземени градежни зафати со кои беше доизграден манастирскиот конак Св. Спас и истиот беше опремен со кујна, мебел и друга неопходна опрема,  која направи оваа место да добие пријатен амбиент и да добие изглед на уредено место кое плени со своето природно опкружување и духовна вредност.

Вкупната вредност на проектот изнесува 5.800.000,00 денари, а средствата се обезбедени од страна на Бирото за регионален развој и општината Конче.

Со имплементацијата на овој проект општина Конче ќе се најде на мапата на манастирски туристички места кое ќе го привлечат вниманието на овој вид на туристи. Овој успешно завршен проект ќе допринесе кон подобрување на туристичката понуда во Југоисточниот регион и ќе ја засили позицијата на општината Конче како како општина со богато културно и религиозно наследство.

Колешинските водопади и Мокринските извори збогатени со нови содржини

Колешинскиот водопад сместен во срцето на планината Беласица, во рамки на активности на проектот „Туризмот – иднината на регионот“ кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со општина Ново Село, финансиски поддржан од Бирото за регионален развој доби нови содржини. Поплочена е патека за искачување до водопадот, поставена е нова ограда на местата каде немаше досега и поправена е веќе постоечката, порамнет и насипен е теренот за паркирање покрај кој е додадена паркинг конструкција за велосипеди, обновнени се постојните летниковци, изработена е нова дрвена платформа, поставени се нови канти за отпадоци, клупи, маси, дрвени патокази и сообраќајни знаци со што на туристите ќе им се овозможи пријатен престој при посета на овие туристички дестинации.

Мокринските извори се збогатени со нова бетонирана пристапна патека за лицата со посебни потреби, адаптиран е еден летниковец за лесен пристап со инвалидска количка и обележани се паркинг места за истите. Покрај оваа содржина дополнително се изградени нови летниковци и поправени се постојните, целокупно се заменети старите реквизити со нови (поставени нови канти за отпадоци, дрвени патокази и сообраќајни знаци), изработена е традиционална македонска фурна која сите посетители можат да ја користат.

Изведувачот на активностите на овој проект ДГТ „МАЈСТОР КОМПАНИ“ за помалку од 2 месеци ги заврши предвидените дејствија, а вредноста за реализираните активности изнесува 4.609.623,00 денари со вклучен ДДВ.

ПУШТЕН ВО ФУНКЦИЈА ПАТОТ ДО СТАЦИОНАРОТ ВО СТРУМИЦА

Градежните активности по проектот „Изградба на пристапен пат до регионалниот стационар за бездомни кучиња“ се финализираа со што од неодамна патот кој води до прифатилиштето за бездомни животни во општина Струмица е целосно функционален и истиот е пуштен во употреба.

Овој пат е од големо значење за oпштина Струмица, но и за целиот регион. Како Центар особено сме горди на овој проект затоа што и самиот стационар е изграден преку проект кој го имплементираше Центарот за развој на ЈИПР при што се овозможи oпштина Струмица да се здобие со стационар согласно сите стандарди, кој понатаму ќе биде во функција и на останатите општини од регионот. На овој начин прифатилиштето непречено ќе ја извршува работата за која е наменет. Со пуштањето во работа на стационарот бездомните кучиња добиваат можност за хумано и топло згрижување, а во исто време ќе се реши долгогодишниот проблем кој  ги измачува жителите на оваа општина.

Со проектот освен пристапниот пат во должина од 561 метри до прифатилиштето, на влезниот дел од прифатилиштето се уреди паркинг простор, зелената површина, се уреди партерно и хортикултурно, а исто така беа поставени клупи за седење, канти за отпадоци и беа засадени зимзелени дрвја.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 4.261.600,00 денари, а е финансиран од Бирото за рамномерен регионален развој и општина Струмица.

Мостот што ги поврзува селата Просениково и Сарај е во завршна фаза на изградба

Со започнување на активностите околу асфалтирањето на мостот и пристапните патишта, изградбата на мостот помеѓу населените места Просениково и Сарај е во завршна фаза и се очекува комплетно градежните работи да завршат за околу една недела, кога и официјално истиот ќе се пушти во употреба. Должината на мостот изнесува околу 25 метри, а заедно со пристапните патишта вкупната должина изнесува околу 215 метри.

Овој мост е од големо значење првенствено за жителите од двете села со што ќе се олесни нивната секојдневна комуникација, за земјоделските производители кои секојдневно го поминуваат мостот за да стигнат до своите земјоделски површини, но и за транспорт на своите производи до пазарите на големо, како и за сите граѓани од општините Струмица, Босилово и Василево.

Осовременување на патниот правец Просениково – Сарај преку изградба на мост на река Турија води кон подобрување на патната инфраструктура во општините Струмица и Босилово и подобрување на условите за живот на граѓаните во овој дел од регион со што се овозможува поголем економски развој на општините, а воедно и на целиот Југоисточен регион.

Изградбата на мостот е дел од проектот „Изградба на мост на река Турија на локален пат с. Просениково – с. Сарај“ кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементира во партнерство со општина Струмица, а финансиските средства за негова имплементација се обезбедени од Бирото за регионален развој – Министерство за локална самоуправа и општина Струмица.

Повеќе информации за проектот: https://southeast.mk/portfolio/.

Втора форумска сесија во рамките на Регионалните форуми на заедницата за 2020 година

Како дел од втората форумска сесија, се спроведе пополнување на е-прашалник со цел приоретизирање на концепти за предлог проекти како предлог решенија произлезени од учесниците на првата форуска сесија, а развиени од страна на експерти во соработка со Центарот за развој на ЈИПР.

Прашалниците беа пополнети од вкупно 62 учесника, претставници од општините, јавна администрација од регионот, бизнис сектор, пензионери, невработени лица и др., од кои 26 (41,9 %) се жени, а 36 (58,1%) се мажи.

По направените анализи и сумираните податоци, концептите за предлог проекти беа рангирани по следниот редослед:

  1. Збогатување на туристичката понуда во Југоисточниот плански регион
  2. Изградба на пристапен пат до регионалниот стационар за бездомни кучиња
  3. Изградба на Локален пат на релација с.Погулево – с.Дамјан
  4. Изградба на Локален пат на релација Колешино – Бориево (трета фаза)
  5. Изградба на Локален патен правец Л603 за поврзување на патниот правец – Стојаково – Ѓавато со крстосницата со регионалниот пат Р1109

Во рамките на Втората форумска сесија на 15.12.2020 година беше одржана и онлајн презентација на резултатите од гласањето како и од аналитичката студија на петте предлог концепти, каде што беа дадени и препораки за нивно подобрување.

Понатаму овие резултати ќе бидат претставени и пред Советот за развој на Југоисточниот регион кој ќе ги земе во предвид при утврдување на конечната листа на приоритени проекти.