112 пожарникари од регионот ја облекоа својата лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари

Во одбележувањето на денот на пожарникарите, 20 Мај учество и придонес оваа година завзема и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Чествувањето на денот на пожарникарите оваа година пожарникарите од југоистокот ќе го паметат уште долго во своите сеќавања. 112 пожарникари од регионот денес за прв пат ја облекоа својата лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари, која вклучува заштитно одело (пантолони и јакна), чизми, ракавици, шлем (со заштини очила и фенер), маски со филтри и подмаска – балаклава.

Видливо беше задоволството на пожарникарите кои истакнаа дека во своето работење како пожарникари за прв пат добиваат лична заштитна опрема која е со таков квалитет и со која може да се доближат до стандардите на европските пожарникари.

 

Благодарница за успешна соработка и поддршка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион беше доделена од страна на ТППЕ Струмица.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари додели на 50 пожарникари од општина Струмица, 27 пожарникари од општина Гевгелија, 22 пожарникари од општина Радовиш и 13 пожарникари од општина Валандово. За денот на пожарникарите, директорката на Центарот Г-а Жулиета Ѓуркова, заедно со градоначалниците на општините Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово потпишаа протокол за примопредавање на опремата и им посакаа што помалку да ги користат своите одела на терен, но во случај на потреба за гаснење на шумски пожари да можат да целосно опремени да интервенираат на терен.

 

Следен чекор кој ќе ги подигне на скалилото за достигнување на европска спремност во гаснење на шумски пожари ќе бидат обуките спроведени од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи и кои се очекува да започнат со почетокот на есента по намалувањето на ризикот од пожари.

Спроведените и идни активности се дел од имплементацијата на проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р.Северна Македонија 2014-2020.