Пилот акција „Беласица 2021“ на тема пожар спроведена во рамки на проектот „ХЕЛП“

На 03 и 04 септември 2021 година се организираше дводневен настан, Пилот акција “Беласица 2021“, во рамки на проектот “Интегриран оперативен центар за обезбедување хуманитарна помош – ХЕЛП“ кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Центарот за управување со кризи и проектните партнери од соседна Грција.

Вежбовната акција за симулација на пожар „Беласица 2021“ беше официјално отворена од страна на Заменик Министерот за локална самоуправа Г-н Зоран Димитровски, Раководителката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова, Директорот на вежбата Г-н Урим Вејсели и претставник од о. Ново Село Г-нот Туше Стојанов, кои со поздравен говор го истакнаа значењето за остварување на непречена координација со соседна Грција во време на природни катастрофи, воведување на современи алатки за брзо реагирање и јакнење на капацитетите за справување со кризи на меѓународно ниво.

По претходно креирано сценарио за справување со природни катастрофи, во овој случај пожар на Беласица, на обете страни од границата, активностите на терен се одвиваа во месноста на Ѓавлски Мост, Сечена Скала, Шарена чешма, Ѕвезден врв, Тумба, Ловечка Куќа и други локално именувани високи делови на планината каде претставници од Центарот за управување со кризи, претставници од Дирекција за заштита и спасување, Црвен Крст, Противпожарни единици, МВР Струмица, невладини организации спроведуваа вежбовни активности за спречување на пожарот користејќи ја опремата на мобилната единица Команден Центар – C4I кој е поставен во Струмица.

Целта за организирање на овој настан беше да се информира јавноста за начинот на управување со опремата, информативниот систем, мапирање на катастрофа, платформата за гејмификација, развиените планови за справување со катастрофи согласно националните протоколи кои се достапни во Командниот центар – C4I, развој на тест настани за употреба на опремата, да се подобрат оперативните и организациските способности на надлежните институции, да се подобри нивото на комуникација и соработка со Грција во време на катастрофи како и поттикнување и активно учество на граѓаните и чинителите во активности за управување со кризи со цел да се зголемат нивоата на нивната свест и реакција.
Како прв Команден центар за управување со кризи кој е поставен во државата, во иднина се очекува оптимално користење на опремата, олеснување на работата на надлежните институции и поврзување за време на природни непогоди со Командниот центар кој е поставен во прекуграничниот регион во Грција.

Со успешната организација на дводневниот настан, Пилот Акција на тема пожар “Беласица 2021“, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ја привршува имплементацијата на активностите кои се дел од проектот “Интегриран оперативен центар за обезбедување хуманитарна помош – ХЕЛП“, ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.

Потпишан Договор за предавање на користење и одржување на Командниот центар набавен во рамките на проектот HELP

Денеска на 30.03.2021 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, Раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Жулиета Ѓуркова и Директорот на Центарот за управување со кризи, Г-н Стојанче Ангелов потпишаа Договор за давање на користење, одржување и сервисирање на Командниот центар набавен во рамките на проектот „Интегриран оперативен центар за хуманитарна помош“ – HELP.
Претходно, претставници од двете институции беа во посета на Регионалниот Центар за управување со кризи, РЦУК Струмица, каде што е поставен самиот Команден Центар со цел да се разгледа поставената опрема, а беше направена и кратка презентација за можностите кои ги има опремата и за тоа како истиот ќе се користи во услови на елементарни непогоди во државата и во прекуграничниот регион со Грција.
Центарот за развој на ЈИПР во изминатиот период интензивно работеше кон остварување на главната цел на проектот односно обезбедување на современа инфраструктура и опрема за управување со кризи, а резултатите се видливи со самото поставување на целосно опремен Команден Центар кој неодамна се постави токму во Југоисточниот плански регион, во Струмица.
„Овој Команден Центар ќе служи не само за Југоисточниот регион, туку секаде каде што има потреба во државата ќе биде транспортиран од причини што ваквиот софистициран контејнер е прв од таков вид направен во нашата држава и се надевам дека ова ќе биде успешен пример на прекугранична соработка со Грција со надеж во иднина ваков проект да спроведеме и со Р. Бугарија со цел побрза интервенција и заштита на граѓаните во целиот прекуграничен регион“, истакна Г-а Ѓуркова во своето обраќање.
Согласно предвидените активности до крајот на имплементацијата на проектот заедно со проектните партнери ќе се спроведат две Пилот-акции, една во нашиот регион и една во Грција за време на кои ќе се креира виртуелно сценарио за одредена непогода во прекуграничниот регион, ќе се претстави начинот на брзо реагирање и комуницирање со прекуграничната област овозможено преку Командниот центар. Исто така планирано е и организирање на еден Инфо ден за презентирање на постигнатите резултати во рамки на проектот.
Проектот е кофинансиран од Европска Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Северна Македонија и Грција и националните фондови на земјите учеснички.