Трето прскање против возрасни комарци по земјен пат во општините во Југоисточниот плански регион

Се известуваат сите граѓани на десетте општини во Југоисточниот плански регион, дека третото прскање против возрасни комарци ќе се изврши во период од 03 до 05 Август 2021 година, со следниот распоред:

 

  1. На 03.08.2021 година (Вторник), во период од 20 до 04 часот во општините Радовиш и Конче.
  2. На 04.08.2021 година (Среда), во период од 20 до 04 часот во општините Ново Село, Босилово, Василево, Струмица.
  3. На 05.08.2021 година (Четврток), во период од 20 до 04 часот во општините Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци.

 

Се известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

Центарот со нови средства за 2021 година за санација на полски патишта

На 23.07.2021 година, Раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова заедно со Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Г-н Арјанит Хоџа потпишаа Договор со кој се доделува финансиска поддршка на Југоисточниот плански регион со цел имплементација на проекти за подобрување на пристапот до обработливи површини во подрачјата на интезивна земјоделска дејност утврдени со Програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со доделените средства во вкупен износ од 2.757.037,00 денари, ќе овозможи уредување и санација на полски патишта во следниве четири општини во Југоисточниот плански регион:

  • Санација на полски пат, место викано Љушев брест и Смоквиње, општина Богданци, во должина 691 метри;
  • Уредување на полски пат во с.Калково, општина Валандово, во должина 627 метри;
  • Уредување на полски пат во с.Богородица, општина Гевгелија во должина од 1625 метри и
  • Полски пат во с.Габрово, место викано Стара Чешма, општина Струмица, во должина од 1050 метри.

Рекoнструкцијата на горенаведените полски патишта има големо значење за земјоделските домаќинства од регионот со коиќе се овозможи пристап до вкупно 298,25 хектари плодно земјоделско земјиште во регионот.

Со олеснувањето на пристапот до нивните земјоделски површини, земјоделците ќе имаат поквалитетен и побрз пристап, ќе бидат и помотивирани да ги извршуваат секојдневните обврски на нивите, а и да одгледуваат подоходовни земјоделски култури, што пак ќе придонесе кон подигнување на квалитетот на животот на луѓето во општините во регионот,а понатаму и поголем економски развој на целиот Југоисточен регион.

     

Повик за проекти за меѓуопштинска соработка

УНДП во соработка со Бирото за регионален развој објавува повик за доставување апликации за грантови, во рамки на проектот „Пост-КОВИД: општините како двигатели за одржливиот развој“.

За потребите на проектот „Пост-КОВИД: општините како двигатели за одржливиот развој“, канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) објавува повик за проекти за меѓуопштинска соработка (МОС).

Општата цел на проектот е да се обезбеди регионален и локален развој кој е инклузивен, родово-сензитивен, заснован на докази и целосно одговара на развојните потреби на најнеразвиените општини чии заедници се најпогодени од пандемијата со КОВИД-19.

Целта на повикот за проекти е зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа преку поддршка на иновативни модели на соработка утврдена во Законот за локална самоуправа како и/или постоечките законски облици на МОС како алатка за спроведување на политиката за регионален развој и подобрена испорака на услуги кон граѓаните. Дополнително, со цел да се подржи најавеното подобрување на целокупната законска рамка за МОС, преку воспоставување, функционирање и анализа на постигнатите резултати на иновативни модели на МОС, ќе се придонесе кон подготовка на сеопфатна оценка за можноста за проширување на постоечкиот број на облици на МОС како и измена и дополна на другите релевантни елементи на Законот.

Повикот за проекти за меѓуопштинска соработка ќе даде поддршка на општините во воспоставувањето и функционирањето на меѓуопштинската соработка во следниве области:

  • финансиско управување,
  • заштита на животната средина,
  • транспортот,
  • намалување на ризикот од катастрофи и
  • други области што традиционално се предмет на политиката за регионален развој на ЕУ.

Исто така, во рамки на овој повик, општините можат да аплицираат и ќе бидат поддржани да спроведуваат пилот-проекти кои се однесуваат на родовата еднаквост и проблемите идентификувани на инклузивен и партиципативен начин. Посебен фокус ќе се стави врз иновации при испораката на локални услуги на технолошко ниво, што ќе придонесе за искористување на можностите создадени со дигитализацијата и ќе ги подигне меѓуопштинската соработка и придобивките од ефикасноста на ново ниво. Дополнително, иновативни и традиционални облици на меѓуопштинска соработка ќе бидат подржани и во останатите области кои се во надлежност на единиците на локалната самоуправа.

Времетраењето на еден проект во рамките на оваа грант шема изнесува 9 (девет) месеци. Вкупниот износ за овој повик изнесува 350.000 УСД. Општините може да поднесат апликации за грантови за проекти за МОС во висина од 30.000 до 50.000 УСД (изразени во МК денари). Финансиските средства кои избраните ЕЛС ќе ги добијат во рамки на овој повик административно ќе се управуваат од страна на УНДП.

Општините кои изразуваат интерес да аплицираат на овој повик, на следните веб страници можат да ги превземаат Оперативните насоки заедно со Формуларот за апликација, образец за буџет како и потребните документи поврзани со пополнување на Индексот за општински развој:

Пријавите се примаат најдоцна до 13 август 2021 година, до 14:00 часот. Ниедна пријава нема да биде примена по истекот на рокот. Со цел за детално презентирање на оперативните насоки и формуларот за аплицирање, во периодот од 19 до 23 јули 2021 година, ќе се оддржат 8 инфо сесии на ниво на планските региони.

Симнете ги потребните документи

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион домаќин на дводневен состанок за размена на експертиза на тема биодиверзитет

На 08 и 09 Јули, 2021 година, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица беше домаќин на Состанок за размена на експертиза, кој го организираше во рамки на проектот „Заеднички стратегии за заштита на биолошката разновидност и одржлив развој на билатералната мрежа на заштитени подрачја – COMBINE2PROTECT“, ко-финансиран од Европска Унија од Првиот повик преку ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Северна Македонија 2014-2020.

На дводневниот состанок присуствуваа експерти од образовни институции, претставници од заштитени подрачја, службеници од национални институции вклучени во биодиверзитетот и зачувување на живеалиштата заедно со граѓанските организации и дискутираа за важноста од спроведувањето на програмите за мониторинг, собирањето податоци и одредбите на законодавството на ЕУ со акцент на мрежа NATURA 2000.

На состанокот виртуелно преку интернет платформата ЗООМ присуствваа и експерти од прекуграничниот регион Грција кои го споделија своето искуство и го дадоа својот придонес и професионално мислење за дадените теми.

На дводневниот состанок експертите разменија искуства и позитивни практики за зачувување на биодиверзитетот,  дискутираа за улогата на граѓанските организации и нивниот придонес, како и за ЕУ законодавството за заштита на природата, ЕУ Директивите за птици и живеалишта, важноста во управувањето со NATURA 2000. На состанокот беше презентирана и Регионалната стратегија за Биодиверзитет на Југоисточниот плански регион изработена во рамки на проектот како еден од позначајните активности на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Проектот Combine2Protect претсавува визија за ефикасно, значително и долгорочно зачувување на биолошката разновидност и придружните услуги на екосистемите во иднина.

Оваа активност е ко-финансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.

Отворена работилница за подигнување на свеста за климатски промени на река Сушица во Радовиш

На 02 јули 2021 година се одржа отворена работилница за подигнување на свеста за климатските промени на местото каде што се изведуваа градежните активности на делови од коритото на река Сушица, во општина Радовиш. Настанот се спроведува во рамките на проектот „Заеднички активности за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш“,кофинансиран од страна на Европската унија преку Програмата за прекугранична соработка Интеррег-ИПА меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија 2014-2020, CCI No2014TC16I5CB006 кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементира во партнерство со општина Радовиш и општина Сандански, Р.Бугарија.

На настанот присуствуваа околу 60 учесници од кои вработени во Општина Радовиш,  средношколци од СОУ „Коста Сусинов“ од Радовиш и средношколци од СОУ „Димитар Влахов“ од Струмица. Како дел од програмата на работилницата беа спроведени интерактивни игри и активности за расчистување и пошумување на местото каде што се изведуваа градежните активности со цел да се зголеми свеста кај младите за последиците од климатските промени и слични ризици како што се ерозија, поплави, суши и други непогоди.

На младите учесници на отворената работилница од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион им беа доделени сертификати за учество и посебен придонес во проектот, а награди беа доделени на најдобрите учесници кои успешно го пласираа своето знаење во интерактивните игри.

Главната цел на проектот е да се спроведат мерки за прилагодување на климатските промени поврзани со намалување на ризикот од поплавување во општините Радовиш (Република Северна Македонија) и Сандански (Република Бугарија).

Проектот е кофинансиран од Европската унија и Националните фондови на земјите учеснички.

Второ прскање против возрасни комарци по земјен пат во општините во Југоисточниот плански регион

Се известуваат сите граѓани на десетте општини во Југоисточниот плански регион, дека второто прскање против возрасни комарци ќе се изврши во период од 07 до 09 Јули 2021 година, со следниот распоред:

  1. На 07.07.2021 година (Среда), во период од 20 до 04 часот во општините Радовиш и Конче.
  2. На 08.07.2021 година (Четврток), во период од 20 до 04 часот во општините Ново Село, Босилово, Василево и Струмица.
  3. На 09.07.2021 година (Петок), во период од 20 до 04 часот во општините Гевгелија, Валандово, Дојран и Богданци.

Се известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.