Успешно реализиран прв состанок на проектот SIJMA во Овиедо, Шпанија

Во периодот од 11 до 13 јуни 2025 година, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион учествуваше на официјалниот почетен состанок на проектот СИЈМА – Социјални иновации за можности за работа и развој во рударски подрачја во транзиција ширум Европа, кој се одржа во Овиедо, главниот град на шпанската автономна покраина Астурија.

Проектот СИЈМА, финансиран од Интеррег Европа Програмата, има за цел развој на иновативни пристапи кои ќе ги подобрат можностите за вработување и социјално учество на младите. Фокусот е ставен на социјални иновации, претприемничко размислување и активно вклучување на локалните чинители.

Настанот започна со работна сесија, каде партнерите од пет земји Шпанија, Германија, Грција, Унгарија и Македонија, ги презентираа целите на проектот, работната структура и активностите кои ќе се реализираат во наредниот период. Состанокот беше одлична можност за поставување на основите за соработка, зајакнување на партнерската мрежа и усогласување на чекорите за имплементација.

Во рамки на програмата беше организирана теренска посета на биосферниот резерват Муниљос, поранешно рударско подрачје кое денес претставува пример за успешно управување со природните ресурси и транзиција кон одржлив рурален развој. Присутните имаа можност да се запознаат со повеќе локални иницијативи, како и со активности насочени кон намалување на депопулацијата и промоција на циркуларната економија. Регионалните градоначалници споделија примери како преку социјална иновација и диверзификација се обновува економијата во нивните заедници.

Во продолжение, беше организирана и посета на Долината Налон, поранешен центар на тешката индустрија. Партнерите ги посетија двата референтни центри: Валналон, технолошки парк кој ги поттикнува младите кон претприемачки дух преку образовни и стартап програми, и Аркус, отворен простор за млади каде се развиваат креативни и социјални иницијативи преку неформално учење и заедничко дејствување. Двата примери покажаа како социјалните иновации можат да создадат долгорочни перспективи за млади луѓе во слаборазвиени региони.

Проектот SIJMA, има за цел да овозможи трансфер на добри практики помеѓу различни региони и да придонесе кон подобрување на политиките за вработување, младинска вклученост и инклузивен локален развој. Искуствата од Овиедо претставуваат силна почетна точка за натамошната имплементација на активностите и за создавање услови за одржлив развој и во Југоисточниот плански регион.