На 24.03.2023 година беше промовиран проектот „Енергетски ефикасен регион“, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во партнерство со општините Конче, Радовиш и Василево, а со кој е предвидено изградба на систем на фотонапонски централи на покривите на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и Спортската сала „25 Мај“ во Радовиш со капацитет од 430 KW, како и изработка на софтверски дигитален систем.
На настанот свое обраќање имаа Директорот на ЦРЈИПР, Г-н Ѓоко Камчев, Државниот секретар на Министерството за локална самоуправа, Г-н Кирил Парталов, Градоначалникот на општина Радовиш, Г-н Ацо Ристов, Градоначалникот на општина Конче, Г-н Златко Ристов и Градоначалникот на општина Василево, Г-н Славе Андонов.
„Се надевам дека во наредниот период како врвен приоритет во целите на општините и на Центарот ќе биде токму зелената енергија која што значително ќе придонесе во намалувањето на трошоците на општините, а со тоа дополнително ќе им овозможи тие средства кои што досега ги трошеа на енергенси и електрична енергија да ги употребат за реализација на други проекти, кои што ќе бидат од витално значење за граѓаните од општините Василево, Конче и Радовиш“ – истакна директорот на Центарот, Г-нот Камчев.
Од страна на проектниот тим беа презентирани досегашните и идните активности кои ќе се реализираат, очекуваните резултати, како и придобивките по завршувањето на имплементација на проектот.
Вкупниот буџет на проектот изнесува околу 23 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, а свое учество имаат и трите општини партнери во проектот.