Се инсталираат фотонапонски централи предвидени по проектот „Енергетски ефикасен регион“

Во Радовиш се одржа вториот промотивен настан по проектот “Енергетски ефикасен регион”, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а е финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и од Швајцарската Влада, а со сопствени средства учествуваат и општините Радовиш, Конче и Василево.

На настанот на кој присуствуваше министерот за локална самоуправа во Владата на Р. С. Македонија, градоначалниците на општините Радовиш и Конче, директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и претставници од проектната канцеларија на проектот “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој” беа претставени досегашните реализирани активности.

Со имплементацијата на проектот, од една страна општините Радовиш, Конче и Василево ќе имаат голем бенефит во однос на заштеда на потрошувачка на електрична енергија, а од друга страна корист ќе имаат и граѓаните при што ќе се зголемат средствата за инвестирање во инфраструктурни проекти кои ќе водат кон зголемен економски развој.

– „Се надевам дека сите национални и меѓународни институции ќе ги препознаат придобивките од овие проекти и ќе финансираат други вакви проекти во иднина, со што ќе се овозможи полесно функционирање и полесна одржливост на општините и општинските институции во регионот“ – истакна директорот на Центарот, Г-нот Камчев.

Се очекува до крајот на месец ноември оваа година, комплетно да бидат поставени фотонапонските централи на двата објекти во Радовиш, по што ќе следи и изработка на софтвер за мониторинг на енергија, а планирани се и обуки за користење на системот, наменети за претставници од трите партнерски општини.

ПРОМОВИРАН ПРОЕКТОТ „ЕНЕРГЕТСКИ ЕФИКАСЕН РЕГИОН“

На 24.03.2023 година беше промовиран проектот „Енергетски ефикасен регион“, кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во партнерство со општините Конче, Радовиш и Василево, а со кој е предвидено изградба на систем на фотонапонски централи на покривите на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и Спортската сала „25 Мај“ во Радовиш со капацитет од 430 KW, како и изработка на софтверски дигитален систем.

На настанот свое обраќање имаа Директорот на ЦРЈИПР, Г-н Ѓоко Камчев, Државниот секретар на Министерството за локална самоуправа, Г-н Кирил Парталов, Градоначалникот на општина Радовиш, Г-н Ацо Ристов, Градоначалникот на општина Конче, Г-н Златко Ристов и Градоначалникот на општина Василево, Г-н Славе Андонов.

„Се надевам дека во наредниот период како врвен приоритет во целите на општините и на Центарот ќе биде токму зелената енергија која што значително ќе придонесе во намалувањето на трошоците на општините, а со тоа дополнително ќе им овозможи тие средства кои што досега ги трошеа на енергенси и електрична енергија да ги употребат за реализација на други проекти, кои што ќе бидат од витално значење за граѓаните од општините Василево, Конче и Радовиш“ – истакна директорот на Центарот, Г-нот Камчев.

Од страна на проектниот тим беа презентирани досегашните и идните активности кои ќе се реализираат, очекуваните резултати, како и придобивките по завршувањето на имплементација на проектот.

Вкупниот буџет на проектот изнесува околу 23 милиони денари, средства обезбедени од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка, а свое учество имаат и трите општини партнери во проектот.

Амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Вероник Улман Марти во посета на Југоисточниот плански регион

Кога локалните власти, граѓанското општество и приватниот сектор работат заедно, се прават вистински промени на локално и регионално ниво. Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија заедно со Швајцарската Агенција за развој и соработка изминативе неколку години се посветени на поддршка на одржливиот регионален развој во Република Северна Македонија.

Оваа недела Амбасадорката Н.Е. Вероник Улман Марти го посети Југоисточниот плански регион каде оствари средба со клучните партнери од регионот и се запозна со конкретните резултати од проектите финансирани преку Швајцарската Агенција за развој и соработка на локално и регионално ниво.

На средбата во општина Струмица присуствуваа директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Жулиета Ѓуркова, градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и секретарот на општината Александар Оџаков каде се разговараше за досегашната соработка и плановите за нејзино унапредување.

Во Југоисточниот плански регион, досега се реализирани повеќе проекти финансирани од швајцарските фондови кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живеење, регионалната соработка и кои промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите до сите засегнати страни. Еден од тие проекти е проектот за управување со сливот на река Струмица, со кој се спроведуваа активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето на современи, агроеколошки мерки.

Исто така со директно учество на граѓаните од Југоисточниот регион на партиципативен начин преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, опремени се четири Дневни Центри за лица со посебни потреби со реквизити и опрема за работна окупација, поставени се 23 агрометеролошки станици, воспоставена е Академија за реинтеграција на маргинализирани лица и Заеднички работен простор како средство за зајакнување на соработката со бизнис секторот.

Соработката не застанува тука и во тек се Регионални формуски сесии на заедницата каде како приоритети за решавање оваа година се истакнаа проблемите од делот на заштитата на животната средина и подобрување на туристичката понуда во Југоисточниот регион со што се потврдува заедничката понатамошна заложба за реализација на нови проекти во интерес на граѓаните.

Прва форумска сесија во рамките на Регионалните форуми на заедницата за 2020 година

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦЈИПР), во месец октомври, ги започна подготовките за одржување на Регионални форуми во заедницата како алатка за идентификација, приоретизирање и подготовка на предлог проекти за добивање на финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој на Бирото за регионален развој (БРР) и Министерството за локална самоуправа на РСМ (МЛС). Врз основа на досегашното позитивно искуство од форумските процеси, во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, што Центрите за развој на планските региони го реализираа со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка и МЛС, одлучено е партиципативното и транспарентно носење на одлуки,со широко граѓанско учество, да биде практикувано и при обезбедувањето на поддршка за предлог проекти од БРР и МЛС. Имено, регионалниот форум, како и усогласеноста на проектите со утврдените приоритети во  програмите за развој на планските региони и со годишната листа на проекти донесена од Советите за развој на планските региони, стануваат задолжителен кавалификациски критериум во процесот на аплицирање со проекти и искористување на средствата достапни од Програмата за рамномерен регионален развој на БРР/МЛС.

Според концептот за спроведување на регионалните форуми, предвидено е одржување на две форумски сесии на кои учесниците ќе ги изберат приоритетните области и подобласти од стратешките цели на регионот, ќе ги идентификуваат проблемите, потребите и предизвиците што го засегаат регионот и ќе ги приоретизираат концепт решенијата изготвени врз основа на граѓанските потреби. Но, заради ескалирање на КОВИД 19 пандемијата и големиот број на заразени во Југоисточниот регион само неколку учесници од клучните партнери прифатија физичко присуство, заради што беше донесена одлука првата форумска сесија да се реализира со спроведување на електронски прашалник.

Од анализираните резултати од пополнувањето на електронскиот прашалник, учесниците за приоритетни 2 области и 2 подобласти ги избраа следните:

Област 1. Земјоделство и рурален развој

Подобласти:

1. Развивање на современа и функционална инфраструктура во селата и  подрачјата со специфични развојни потреби

2. Модернизација и подобрување на конкурентноста на земјоделското производство

 

Област 2. Економија, инвестиции, пазар на труд, туризам

Подобласти:

1. Развој и промоција на регионот како атрактивна туристичката дестинација

2. Развој на претприемнички еко систем и поттикнување на претприемништвото (вкл. жени и млади)

Форумскиот циклус од 2019 година заврши со презентација на резултатите на проектот „Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион на 23.09.2020 година во хотел Сириус во Струмица, според протоколите и препораките на Владата за заштита од Ковид-19, ја оранизираше Четвртата и последна форумска сесија од циклусот на Регионални форуми во заедницата од 2019 година во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.

На Четвртата форумска сесија се презентираа резултатите од проектот „Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“, кој на партиципативен и транспарентен начин беше изгласан за прв на листата приоритетни проекти од страна на граѓаните на Југоисточниот плански регион на Регионалните форумски сесии од 2019 година коишто се организираа во рамки на Грантова шема за инвестициски проекти 2019 година финансирана од Министерство за локална самоуправа и Швајцарската Агенција за развој и соработка.

Учесниците на оваа сесија имаа можност да се информираат за текот и процесот на реализација на избраниот проект, резулататите кои се постигнаа со проектот и препораките кои беа упатени од форумот за подобрување на животот во пошироката заедница и регионот.

Проектот „Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“ е прогласен за еден од најиновативните проекти произлезен од Регионални форумски сесии во 2019 година, а за успешноста на овој проект исто така сведочи и тоа што оваа 2020 година уште два Регионални Центри ќе го имплементираат истиот проект во два други плански региони во Република Северна Македонија.

Во однос на останатите предлог проекти кои произлегоа од Регионалните форуми од 2019 година, Г-а. Жулиета Ѓуркова, раководител на ЦРЈИП истакна дека истите се од голема важност за Центарот бидејќи се произлезени од граѓаните на регионот и во иднина ќе се прават напори да бидат финансирани.

Сите потребни информации кои се мерат и обработуваат преку станиците може да се добијат на www.agrojug.mk како и на мобилната апликација “Meteobot” каде што се мапирани сите 23 Агрометеоролошки станици во регионот.