Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ на 24 Септември 2021 година, во Хотел Сириус, Струмица одржа прес конференција на која беа поканети претставници од медиумитеод регионот. Проектниот тим заедно со Директорката на Центарот, Г-а Жулиета Ѓуркова и со претставник од територијалната противпожарна единица (ТППЕ), Струмица, ги презентираа активностите и очекуваните резултати со цел подетално запознавање на јавноста која е целта на проектот и кои бенефити се очекуваат од истиот.
Преку овој проект 112 пожарникари од Југоисточниот плански регион ќе добијат специјализирана лична заштитна опрема за шумски пожари, а истиот се реализира како резултат на анализата која покажа дека ниту една противпожарна единица во овој регион не поседува одела за пожарникарите наменети за шумски пожари.
“Нашата цел и нашата идеја е да бидат рамо до рамо со сите европски пожарникари, да ја имаат комплетната опрема да можат да одговорат. Тие се способни, ги имаат сите вештини, обучени се, меѓутоа треба да имаат соодветна опрема и соодветно да бидат облечени за да бидат ефикасни.“ – посочи директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Ѓуркова.
За пожарникарите набавката на новата опрема е многу значајна бидејќи со неа ќе се овозможи многу поголема ефикасност за време на интервенциите во шума, а истовремено ќе се зголеми нивната безбедност, истакна Г-н Ристо Јанакиев – претставник на ТППЕ Струмица, и додаде дека со опремата тие значително ќе се приближат до стандардите на Европската Унија.
На прес конференцијата преку кратка презентација од страна на проектниот тим беа информирани новинарите и за останатите активности кои се планирани во рамките на овој проект, а тоа се формирање на прекугранична мрежа за превенција и одговор од природни и еколошки опасности кои настануваат од шумските пожари, организација на шест специјализирани обуки за дел од претставниците на територијалните противпожарни единици и волонтерските здруженија со меѓународно сертифицирани обучувачи, промоција и подигање на јавната свест за поттикнување на волонтеризмот во справување со пожари како и спречувањето на шумските пожари.
Проектот е предвиден да трае 24 месеци.