Одржан четвртиот состанок на тимот на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р. С. Македонија на ден 13.01.2023 година, во хотел „Сириус“ Струмица – Република С. Македонија, се одржа четвртиот состанок на проектниот тим.

На состанокот на тимот се дискутираше за имплементираните активности во рамки на проектот, успешно спроведените специјализирани обуки и доделени сертификати на учесниците, како и план и програма за реализација на претстојната завршна конференција во спроведувањето на последната активност од проектот.

Тимот разговараше за финални детали и содржина на Меморандумот за создавање на прекугранична мрежа за превенција и одговор на природни и еколошки опасности, чиешто потпишување ќе биде реализирано на завршната конференција на проектот помеѓу двете страни – Центарот за развој на ЈИПР – Струмица и Асоцијацијата на југозападни општини – Благоевград.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.

 

Втор состанок на тимот на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари„

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р.Северна Македонија на ден 16.12.2021 година, во бизнис салата на хотел „Сириус“ Струмица – Република Северна Македонија, се одржа вториот состанок на проектниот тим.

Главната цел на состанокот на тимот беше да се разговара за тековните активности на проектот, насоката на нивното движење, како и плановите кои ќе помогнат во спроведувањето на идните активности.

Се дискутираше за објавената тендерска постапка за набавка на противпожарна опрема, како и за следните чекори во врска со тендерот.

Тимот разговараше и за успешно одржаната работилница за воспоставување на прекугранична неформална мрежа за превенција и подготвениот Меморандум за соработка.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.

Одржана прва прес конференција во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ на 24 Септември 2021 година, во Хотел Сириус, Струмица одржа прес конференција на која беа поканети претставници од медиумитеод регионот. Проектниот тим заедно со Директорката на Центарот, Г-а Жулиета Ѓуркова и со претставник од територијалната противпожарна единица (ТППЕ), Струмица, ги презентираа активностите и очекуваните резултати со цел подетално запознавање на јавноста која е целта на проектот и кои бенефити се очекуваат од истиот.
Преку овој проект 112 пожарникари од Југоисточниот плански регион ќе добијат специјализирана лична заштитна опрема за шумски пожари, а истиот се реализира како резултат на анализата која покажа дека ниту една противпожарна единица во овој регион не поседува одела за пожарникарите наменети за шумски пожари.

“Нашата цел и нашата идеја е да бидат рамо до рамо со сите европски пожарникари, да ја имаат комплетната опрема да можат да одговорат. Тие се способни, ги имаат сите вештини, обучени се, меѓутоа треба да имаат соодветна опрема и соодветно да бидат облечени за да бидат ефикасни.“ – посочи директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Ѓуркова.

За пожарникарите набавката на новата опрема е многу значајна бидејќи со неа ќе се овозможи многу поголема ефикасност за време на интервенциите во шума, а истовремено ќе се зголеми нивната безбедност, истакна Г-н Ристо Јанакиев – претставник на ТППЕ Струмица, и додаде дека со опремата тие значително ќе се приближат до стандардите на Европската Унија.

На прес конференцијата преку кратка презентација од страна на проектниот тим беа информирани новинарите и за останатите активности кои се планирани во рамките на овој проект, а тоа се формирање на прекугранична мрежа за превенција и одговор од природни и еколошки опасности кои настануваат од шумските пожари, организација на шест специјализирани обуки за дел од претставниците на територијалните противпожарни единици и волонтерските здруженија со меѓународно сертифицирани обучувачи, промоција и подигање на јавната свест за поттикнување на волонтеризмот во справување со пожари како и спречувањето на шумските пожари.

Проектот е предвиден да трае 24 месеци.

Прв состанок на тимот по проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ одржан во Благоевград, Република Бугарија

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р.Северна Македонија на ден 30.08.2021 и 31.08.2021 година, во Благоевград во просториите на Водечкиот партнер – Асоцијација на Југозападни Општини, Република Бугарија се одржа првиот состанок на проектниот тим.

Целта на состанокот беше да се продискутираат проектните активности, што е имплементирано до сега и кои се следните чекори на имплементација на секој од партнерите.

Согласно обврските на тимот за поднесување на Барања за прво ниво на контрола (Request for First level control) двата партнери заедно во координација ги поднесоа барањата во рамките на зададениот рок. На состанокот беше разгледан и дискутиран Извештајот за напредокот на проектот (Project Progress Report 2 – PP2) кој беше поднесен на Порталот за бенефициенти за предходниот проектен период.

Тимот разговараше и за одржување на првите прес конференции во рамките на проектот, како и за првата работилница за воспоставување на прекугранична мрежа за превенција и одговор во случај на опасности на природата и животната средина.Во рамките на предвидените планирани настани се одлучи истите да бидат релизирани согласно активните мерки во тој момент за COVID-19.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.