Прв состанок на Регионалната група на засегнати страни за проектот SIJMA

Како општествените иновации во комбинација со претприемништвото можат да отворат нови можности за вработување и одржлив развој – беше во фокусот на првиот состанок на Регионалната група на засегнати страни за проектот SIJMA.

Состанокот се одржа на 6 октомври 2025 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, и ги обедини претставниците на локалната самоуправа, бизнис секторот и граѓанските организации. Проектниот тим ги пренесе искуствата и добрите практики од регионот Астуриас во Шпанија, по што следеше отворен дијалог и размена на идеи со учесниците за идентификација на локалните потреби, дефинирање приоритети и создавање препораки за понатамошен економски и социјален развој.

🎯 Зошто општествени иновации во Југоисточниот регион?

Како што беше истакнато на состанокот, општествените иновации се клучен инструмент за применување на нови, креативни и одржливи решенија за социјалните, економските, демографските и еколошките предизвици со кои се соочува регионот.

Тие овозможуваат мобилизација на локалните заедници, граѓанските организации и јавните институции во заедничко решавање на проблемите и развивање на инклузивни модели на локален развој што придонесуваат за подобар квалитет на живот.

Главниот предизвик за Југоисточниот регион е унапредување на локалните и регионалните политики што поттикнуваат општествена иновација, младинско учество и претприемништво – со цел создавање нови можности за вработување, особено за младите и ранливите групи, како и јакнење на социјалната кохезија во руралните и помалку развиени општини.

Развојот на социјалното претприемништво има особено значење за регионот, бидејќи им овозможува на локалните заедници да креираат одржливи економски активности кои ги комбинираат општествените и еколошките цели со економската одржливост, придонесувајќи кон долгорочен и рамномерен регионален развој.

💡 Поврзаност со Програмата за развој на Југоисточниот плански регион

Во фокус на проектот е и Програмата за развој на Југоисточниот плански регион – клучен документ што ги дефинира стратешките приоритети и насоки за развој на регионот.

Преку SIJMA, во Програмата ќе се вградат нови содржини и конкретни мерки инспирирани од европски искуства, со што таа ќе стане практична алатка за подобрување на условите за работа и живот, а не само формален документ.

Овој пристап овозможува европските добри практики да се прилагодат на локалниот контекст, поттикнувајќи одржливи решенија, партнерства и иновации во регионот.

🔍 Главни цели на проектот SIJMA

Проектот има за цел да ги подобри политичките инструменти што ја поттикнуваат општествената иновација и претприемништвото, особено меѓу младите.

Планираните активности вклучуваат:
• Промовирање на општествените иновации во различни економски сектори;
• Креирање можности за вработување во Југоисточниот регион преку идни јавни повици и финансирања;
• Размена и пренесување на добри практики меѓу европски региони;
• Подобрување на политиките за поддршка на социјалното претприемништво.

🤝 SIJMA – Социјални иновации за можности за работа и развој во рударските региони во транзиција е проект финансиран преку програмата Interreg Europe, кој го спроведуваат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Блинк 42-21, во партнерство со организации од Шпанија, Унгарија, Германија и Грција.