Обуките на пожарникарите и доброволците продолжуваат на терен на југоистокот

Успешно завршија трите дводневни обуки во Република Бугарија, предвидени во активностите на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р. Северна Македонија 2014-2020, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го спроведува во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благовеград, Република Бугарија.

Во следниот период претстои одржување на преостанатите три дводневни специјализрани обуки во Република С.Македонија, со распоред на реализирање:

  • 10-11 Ноември, 2022 година (четврта специјализирана обука);
  • 24-25 Ноември, 2022 година (петта специјализирана обука);
  • 28-29 Ноември, 2022 година (шеста – финална специјализирана обука).

Пожарникарите и доброволците од југозападот на соседна Бугарија ќе имат можност заедно со своите колеги од регионот да си ги измерат своите сили низ практични вежби на планината Огражден, во спасувачка акција во зградата на поранешната Касарна во Струмица како и финален натпревар и завршна конференција на која на учесниците ќе им бидат доделени сертификати за учество во шесте обуки.

 

Промовирање на волонтерството од најмали нозе!

Центарот за развој на ЈИПР заедно со партнерите од Бугарија во рамките на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ започна кампања за подигнување на свеста за доброволното пожарникарство. Да се биде доброволен пожарникар е херој на денешницата, несебично залагање за спасување на човечки живот, природата и домовите. Љубовта кон доброволното пожарникарство треба да започне да се всадува уште од најмали нозе.

На денот на пожарникарите кога и официјано професионалните пожарникари ја добија својата опрема за лична заштита од шумски пожари, дел од дечињата од основното училиште од Валандово беа во посета на Територијалната противпожарна единица во својата општина.

Дечињата заедно со градоначалникот на Валандово, Г-н Перо Костадинов и директорката на Центарот, Г-а Жулиета Ѓуркова имаа можност да ја видат и да ја пробат новата опрема за гаснење на шумски пожари, да научат што значи да бидеш пожарникар, како се гасне пожар, што се прави кога ќе заѕвони телефонот за дојава на пожар и слично. Настанот беше одлична можност за промоција како од најмали нозе децата да се охрабрат да станат херои – доброволни пожарникари во заедницата. Можноста за гаснење на симулиран пожар, како и возењето со возилата на противпожарната единица беше на особено задоволство и голема радост на децата, но и на пожарникарите кои за возврат добија многу искрени детски насмевки.

Волонтирањето е поттикнување на граѓанската свест за поширок општествен ангажман во полза на заедницата во која живееме, една од најсуштинските и најкорисните активности што можеме како луѓе да ги превземеме уште од најмали нозе.

Проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ е финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р.Северна Македонија 2014-2020, а се имплементира од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград, Република Бугарија.

Сами можеме малку, а заедно може да сториме толку многу!