Потпишани договори за национално кофинансирање на два проекти преку Програмата за прекуграничната соработка со Грција

На ден 04.05.2022 година, во просториите на Офицерскиот дом во Битола, Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова и Министерот за локална самоуправа Г-н Горан Милевски потпишаа Договори за национално кофинансирање на два проектикои Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ги имплементира преку Вториот повик во рамките на Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република С.Македонија.

Се работи за кофинансирање од националниот буџет на Министерството за локална самоуправа во висина од 15% од средствата одобрени за Центарот како партнер во двата проекти кои се имплементираат во две приоритетни области и тоа за развој на локалната економија и превенција и заштита од природни катастрофи.

Преку реализација на едниот проект за којшто беше потпишан Договор за национално кофинансирање, „Деловен еко систем како интегриран систем–Be In” ќе се спроведуваат мерки за намалување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот на трудот, поттикнување на иновативноста и развој на капацитети и вмрежување. Вкупниот буџет на Центарот за реализација на проектот изнесува 152.482,50 евра, со времетраење на реализација од 18месеци.

Додека со проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи – eFIDAR“, со времетраење на имплементација од 24 месеци и вкупен буџет на Центарот од 267.939,50 евра, ќе се набават две противпожарни возила со противпожарна опрема и ќе се спроведуваат активности за ефикасно откривање и управување со шумски пожари во прекуграничната област.

Преку Првиот повик од Програмскиот период 2014-2020 од ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција, Центарот кон крајот на 2021 година заврши со имплементацијата на два проекти, а досега има склучено договори за вкупно седум проекти за прекугранична соработка со Грција.