Втор состанок на тимот на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари„

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р.Северна Македонија на ден 16.12.2021 година, во бизнис салата на хотел „Сириус“ Струмица – Република Северна Македонија, се одржа вториот состанок на проектниот тим.

Главната цел на состанокот на тимот беше да се разговара за тековните активности на проектот, насоката на нивното движење, како и плановите кои ќе помогнат во спроведувањето на идните активности.

Се дискутираше за објавената тендерска постапка за набавка на противпожарна опрема, како и за следните чекори во врска со тендерот.

Тимот разговараше и за успешно одржаната работилница за воспоставување на прекугранична неформална мрежа за превенција и подготвениот Меморандум за соработка.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.

Одржана дводневна работилница по проект „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките на  проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, на 26 и 27 Ноември 2021 година, организираше дводневна работилница за формирање на неформална мрежа помеѓу инволвираните страни од двата погранични региона за создавање на добра координација и структура за спречување и адекватно одговарање на природните и еколошките опасности, со посебен акцент и фокус на шумските пожари.

На работилницата покрај вработените во Центарот како организатори,  присутни беа и претставници од Водечкиот партнер на проектот – Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград – Република Бугарија, претставници на општините, општинските територијални противпожарни единици и волонтерските здруженија од двете земји, претставници од регионалните Центри за управување со кризи, претставници на регионалните канцеларии од Дирекцијата за заштита и спасување, како и сите засегнати страни при превенирање и ублажување на последиците од природни катастрофи, еколошки опасности и катастрофи предизвикани од човечки фактор. Работилницата беше успешно спроведена и сите учесници со своите излагања и дискусии дадоа свој значаен придонес. На работилницата се подготви рамка на функционирање на неформалната мрежа, како и драфт Меморандум за соработка кој ќе биде пратен на сите учесници и засегнати страни за дополнителни коментари и доработка пред конечно да биде потпишан на Завршната конференција од проектот.

„Создавањето на добра координација и структура за спречување на шумските пожари, но и навремената реакција се од суштинска важност при релизирање на оваа партнерство. Тоа ни ја олеснува работата бидејќи контактираме брзо и ефикасно и прибираме податоци. Тие ни даваат нивни податоци, ние даваме наши податоци како во врска со материјалот што гори, површината, временските услови кај нас, временските услови кај нив како би можело да се направи една заедничка акција“ истакна Г-н Митко Димчев – Инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (регионална единица Струмица).

Мрежата е неформална и во иднина ќе служи како база за подобра координација помеѓу надлежните структури во двете држави. И покрај тоа што Република Северна Македонија и Република Бугарија веќе имаат повеќе меѓународни договори во делот на цивилната заштита, оваа мрежа ќе ја олесни соработката пред се помеѓу локалните и регионалните институции.

„Со формирањето на оваа мрежа во голема мера ќе се олесни и комуникацијата од наша страна и колегите од соседна Република Бугарија за заеднички и координиран настап на терен“, вели Александар Гудев – командир на ТППЕ Струмица.

Учесниците во работилницата споделија многу позитивни искуства од терен по кои треба да се водат институциите во иднина, но и реални проблеми за кои треба да се најде начин заеднички да се надминат.

Овој проект е финансиран од Европската Унија преку Интеррег – ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и Националните Фондови на земјите учеснички.

 

Одржана прва прес конференција во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ на 24 Септември 2021 година, во Хотел Сириус, Струмица одржа прес конференција на која беа поканети претставници од медиумитеод регионот. Проектниот тим заедно со Директорката на Центарот, Г-а Жулиета Ѓуркова и со претставник од територијалната противпожарна единица (ТППЕ), Струмица, ги презентираа активностите и очекуваните резултати со цел подетално запознавање на јавноста која е целта на проектот и кои бенефити се очекуваат од истиот.
Преку овој проект 112 пожарникари од Југоисточниот плански регион ќе добијат специјализирана лична заштитна опрема за шумски пожари, а истиот се реализира како резултат на анализата која покажа дека ниту една противпожарна единица во овој регион не поседува одела за пожарникарите наменети за шумски пожари.

“Нашата цел и нашата идеја е да бидат рамо до рамо со сите европски пожарникари, да ја имаат комплетната опрема да можат да одговорат. Тие се способни, ги имаат сите вештини, обучени се, меѓутоа треба да имаат соодветна опрема и соодветно да бидат облечени за да бидат ефикасни.“ – посочи директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Ѓуркова.

За пожарникарите набавката на новата опрема е многу значајна бидејќи со неа ќе се овозможи многу поголема ефикасност за време на интервенциите во шума, а истовремено ќе се зголеми нивната безбедност, истакна Г-н Ристо Јанакиев – претставник на ТППЕ Струмица, и додаде дека со опремата тие значително ќе се приближат до стандардите на Европската Унија.

На прес конференцијата преку кратка презентација од страна на проектниот тим беа информирани новинарите и за останатите активности кои се планирани во рамките на овој проект, а тоа се формирање на прекугранична мрежа за превенција и одговор од природни и еколошки опасности кои настануваат од шумските пожари, организација на шест специјализирани обуки за дел од претставниците на територијалните противпожарни единици и волонтерските здруженија со меѓународно сертифицирани обучувачи, промоција и подигање на јавната свест за поттикнување на волонтеризмот во справување со пожари како и спречувањето на шумските пожари.

Проектот е предвиден да трае 24 месеци.

Прв состанок на тимот по проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ одржан во Благоевград, Република Бугарија

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р.Северна Македонија на ден 30.08.2021 и 31.08.2021 година, во Благоевград во просториите на Водечкиот партнер – Асоцијација на Југозападни Општини, Република Бугарија се одржа првиот состанок на проектниот тим.

Целта на состанокот беше да се продискутираат проектните активности, што е имплементирано до сега и кои се следните чекори на имплементација на секој од партнерите.

Согласно обврските на тимот за поднесување на Барања за прво ниво на контрола (Request for First level control) двата партнери заедно во координација ги поднесоа барањата во рамките на зададениот рок. На состанокот беше разгледан и дискутиран Извештајот за напредокот на проектот (Project Progress Report 2 – PP2) кој беше поднесен на Порталот за бенефициенти за предходниот проектен период.

Тимот разговараше и за одржување на првите прес конференции во рамките на проектот, како и за првата работилница за воспоставување на прекугранична мрежа за превенција и одговор во случај на опасности на природата и животната средина.Во рамките на предвидените планирани настани се одлучи истите да бидат релизирани согласно активните мерки во тој момент за COVID-19.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.