Електромобилноста во фокусот на втората G4G работилница во Солун

На 17 септември во Солун, се одржа втората работилница во рамки на проектот „Зелено за добро“ (G4G), на тема „Забрзување на примената на електромобилноста: стратегии, бизнис модели и локално вклучување“, како дел од CIVITAS Forum 2026.

Работилницата беше организирана од проектниот партнер CERTH и ги обедини проектните партнери, експерти и релевантни засегнати страни кои разменија  искуства и дискутираа за начините на кои стратегиите, инфраструктурата, финансирањето, регулативата и локалното вклучување можат да придонесат за поширока примена на електромобилноста.

Д-р Василис Капатос, директор на HIT/CERTH, го претстави растечкиот сектор на електромобилност во Грција, истакнувајќи ги 6.282-те регистрации на целосно електрични возила (BEV) во периодот јануари–јули 2026 година – што претставува пораст од 28,8 % на годишно ниво – како и повеќе од 8.700 јавни станици за полнење. Во презентацијата беше нагласена потребата од подобра покриеност, полнење со поголема моќност и „паметно“ полнење, поддржани од големиот потенцијал на Грција во областа на обновливите извори на енергија.

Проф. д-р Страхиња Трпевски ја презентираше актуелната состојба со електромобилноста во Северна Македонија и го истакна брзиот раст на бројот на електрични патнички возила – од 561 во 2023 година на 2.047 во 2025 година – што е околу 0,3% од вкупниот број на патнички автомобили. Беше претставено и проширувањето на јавната мрежа за полнење, како и потребата од посигурна меѓуградска инфраструктура, повеќе можности за полнење дома и на работното место и посилно поврзување на електромобилноста со обновливите извори на енергија.

Искуството на Градот Јанина покажа како локалната стратегија може да се преточи во конкретни активности, меѓу кои се плановите за проширување на мрежата за полнење електрични возила од 30 на 100 станици до 2038 година, електрификација на јавниот возен парк и воведување зони со ниски или нулти емисии. Искуството од пилот-системот за електрични велосипеди дополнително ја нагласи важноста од навремено воспоставување регулаторна рамка, рано вклучување на засегнатите страни и планирање на работењето и одржувањето пред воведување нови решенија за мобилност.

Романските експерти ја надополнија дискусијата со поширока перспектива од аспект на јавните политики, со порака дека електромобилноста треба да се разгледува како дел од интегриран систем за одржлива мобилност, а не само како премин кон електрични возила. Беше нагласена потребата транспортните политики да се поврзат со инфраструктурата за полнење, електроенергетската мрежа, обновливите извори, одржливите бизнис модели, податоците, управувањето и потребите на корисниците.

Заедничката порака од работилницата беше дека самата инфраструктура не е доволна. За G4G, размената обезбеди практични насоки за следните чекори во развојот и одржливото користење на инфраструктурата за полнење електрични возила во прекуграничното подрачје, со поголема локална соработка и поврзување на електромобилноста со пошироките цели на зелената и енергетската транзиција.

Проектот „Зелено за добро“ – G4G се имплементира во рамки на Интеррег VI-A ИПА Програмата Грција – Северна Македонија 2021-2027 и е кофинансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички.

 

     

Одржан вториот проектен состанок во рамки на проектот „Зелено за добро“ – G4G

Вториот проектен состанок во рамки на проектот „Зелено за добро“ – G4G се одржа на 3ти jуни во Солун, Грција. На состанокот учествуваа претставници од проектното партнерство, а домаќин беше Центарот за истражување и технологија – Хелас.

За време на состанокот, партнерите дискутираа за досегашниот напредок во имплементацијата на проектот, со фокус на координацијата, комуникациските и промотивните активности, подготвените проектни материјали, тековните проектни резултати и следните чекори за имплементација.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, како водечки партнер, го презентираше својот досегашен напредок, а посебно внимание беше посветено на планираната инвестиција во шест брзи полначи за електрични возила во Југоисточниот регион, како една од главните активности на водечкиот партнер. Партнерите, исто така, разговараа за продолжување на проектната комуникација, обврските за известување, идните активности и потребната координација за претстојниот период на имплементација.

Состанокот овозможи и размена на информации меѓу партнерите за заедничките проектни активности, вклучувајќи одржлив туризам, зелена транзиција, нискојаглеродна мобилност и прекугранична соработка.

Проектот „Зелено за добро“ – G4G се имплементира во рамки на Интеррег VI-A ИПА Програмата Грција – Северна Македонија 2021-2027 и е кофинансиран од Европската Унија и Националните фондови на земјите учеснички.