Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во координација со фирмата „Тринити Системи“ од Скопје организираа тридневен тренинг за користење на Командниот Центар изработен во рамките на проектот „Интегриран оперативен центар за хуманитарна помош – HELP“, ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.
Тренинзите се одржаа на 2-ри, 11-ти и 12-ти ноември 2020 година и тоа комбинирано, првиот во Струмица на местото каде што е поставен самиот Команден Центар, а другите два онлајн преку ЗООМ платформата.
Целта на овие тренинзи беше да се запознаат сите заинтересирани страни за начинот на функционирање на Командниот центар и за начинот на ракување со опремата поставена во него.
На првиот тренинг детално беше разгледана опремата која е поставена внатре, а беше презентиран и начинот на отварање и затварање на дополнителниот дел од Кабината преку видео презентација. Исто така беше извршен и тренинг за користење на сателитската и радио станицата и обука за користење на алармот. Учесници на овој тренинг беа претставници од Центарот за управување со кризи од Скопје како и од Регионалните Центри од Југоисточниот регион.
На вториот тренинг се изврши презентација на софтверската апликација изработена за потребите на проектот и функционирањето на Командниот Центар. Овој тренинг беше наменет за корисници т.е за претставници од Центарот за управување со кризи и на истиот им беше претставен Софтверот за управување со инциденти, неговите општи и специфични функционалности, а сето тоа беше заокружено и со практична вежба.
Третиот ден од тренингот одржан на 12.11.2020 година беше поделен во три дела. Во првиот дел се одржа обука за администраторите на софтверскиот систем, во вториот дел се организираше пилот акција каде врз основа на поставено сценарио се тестираше функционалноста на системот во реални околности т.е. во услови на поплава. Третиот дел од овој тренинг беше наменет за презентација на Командниот центар пред останатите локални засегнати страни (општини, невладини организации, противпожарна служба, Црвен крст, Дирекција за заштита и спасување) кои исто така треба да го користат во услови на елементарни непогоди при што е потребно да се запознаат со опремата со која располага и како истата се користи.
До крајот на проектот планирано е да се одржат еден инфо ден, на кој пошироката јавност ќе биде запознаена со активностите и резултатите од проектот како и дводневна пилот акција на која ќе бидат претставени и тестирани Командните центри од двете страни на границата и нивната поврзаност помеѓу двата региони пред сите засегнати страни.