Во пресрет на одржувањето на пилот акциите одржан состанок на проектниот тим во рамките на проектот „ХЕЛП“

На 24 и 25 август 2021 година, непосредно пред одржувањето на пилот акциите планирани по проектот „Интегриран оперативен центар за хуманитарна помош – HELP“ се одржа и последниот состанок на проектниот тим.

Состанокот се одржа комбинирано, со физичко присуство и со онлајн вклучување за оние партнери кои што не беа во можност да присуствуваат, како и со цел да се запазат мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија.

Целта на состанокот беше партнерите да го разгледаат нацрт сценариото за одржување на пилот акциите по проектот, како настан кој ќе ја заокружи имплементацијата на проектот. Од страна на сите партнери беа дадени коментари и конструктивни забелешки врз основа на кои понатаму сценариото ќе се доработи и финализира. Се работи за дводневен настан кој истовремено ќе се организира и во двете прекугранични земји каде што ќе се поврзат двата Командни Центри и ќе се тестира нивната функционалност во реално време на терен врз основа на претходно утврдена елементарна непогода разработена детално во самото сценарио.

Беа разгледани и останатите активности кои треба да се имплементираат до крајот на проектот, како и степенот на исполнување на поставените индикатори.

Исто така се дискутираше и за потребната документација, како и за одредени крајни рокови кои треба да се запазат со цел успешно затварање на проектот.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.

Повеќе за проектот може да прочитате на следниот линк: https://southeast.mk/portfolio/.

Одржана дваесет и деветтата(XXIX) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

На 18.08.2021 година (среда) се одржа дваесeт и деветтата (XXIX) Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион,онлајн преку виртуелната платформа ZOOM.

На Седницата присуствуваа Градоначалниците од општините во состав на Југоисточниот плански регион и директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Жулиета Ѓуркова.

На одржаната седница беше донесена Одлука за утврдување на учество со членови во Управниот или Надзорниот орган на општините во Заедничкото Јавно претпријатие за заловување на бездомни кучиња „АСТРА-ЛУНА“ – Струмица.
Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Г-а Ѓуркова ги извести членовите на советот дека Заедничкото Јавно претпријатие за заловување на бездомни кучиња „АСТРА-ЛУНА“ – Струмица е регистрирано и согласно одлуката за основање назначен е и В.Д директор ветеринарен лекар Г-а Сузана Стојкова, од страна на претседателот на регионот односно, градоначалникот на општина Струмица Г-ин Коста Јаневски. Од нејзина страна беше образложено дека е неопходно да се издаде Дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство, за да може стационарот да започне со работа. Овие документи мора да бидат одобрени од Управниот одбор, поради што неопходно е негово брзо формирање. Од тие причини им беше даден благовремен рок на Советите на општините да предложат членови на Управниот и Надзорниот одбор, додека Одлуката за избор ќе ја донесе Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

Продолжен е рокот на Повикот за проекти за меѓуопштинска соработка

Се продолжува рокот за доставување на апликации во рамки на повикот за проекти за меѓуопштинска соработка распишан од страна на УНДП. Крајниот рок за доставување на проекти е понеделник 23 август 2021 година во 17.00 часот.

Оние апликации кои се веќе доставени нема потреба да се испраќаат по втор пат. Сепак, тие апликанти имаат можност да прават промени во проектната апликација. Во тој случај ќе биде евалуирана последната доставена верзија на проектната апликација.

Повикот за проекти за меѓуопштинска соработка е распишан во рамките на проектот „Пост-КОВИД: општините како двигатели за одржливиот развој“ кој го спроведува УНДП во соработка со Бирото за регионален развој и Министерството за локална самоуправа.

Преку повикот ќе бидат поддржани иновативни проекти за меѓуопштинска соработка и единиците на локалната самоуправа ќе може да аплицираат за проекти во вредност од 30.000 до 50.000 УСД.

Сите детали за повикот можете да ги најдете на следниот линк: .