На 24 март 2026 година официјално започна имплементацијата на проектот „Кон прекугранична област, безбедна за срцето“ (Heart Safe CBA), со одржувањето на првиот работен состанок.
Проектот се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија 2021–2027, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.
На настанот присуствуваа претставници од сите партнерски институции – Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Општата болница АХЕПА од Солун и Друштвото за итна претхоспитална нега на Грција. На состанокот беше дискутирано за координација на активностите, дефинирање на следните чекори и зајакнување на прекуграничната соработка во областа на итната медицинска помош.
Проектот предвидува значајни инвестиции во здравствената инфраструктура во Југоисточниот регион. Планирана е набавка и поставување на 18 автоматски (мобилни) дефибрилатори на јавни локации, вклучително општински објекти и граничните премини во Гевгелија, Дојран и Ново Село. Дополнително, ќе бидат обезбедени 6 полуавтоматски дефибрилатори, 6 ЕКГ апарати и 4 целосно опремени амбулантни возила за потребите на здравствените домови.
Посебен акцент на состанокот беше ставен на организацијата на обемна програма за едукација. Во рамки на проектот ќе се реализираат 60 обуки за укажување прва помош со користење на дефибрилатори, наменети за доктори, медицински персонал, вработени во повеќе институции, како и за граѓаните од регионот.
Со реализацијата на овие активности, проектот „Heart Safe CBA“ има за цел да го унапреди системот за итна медицинска помош, да ја зголеми подготвеноста за реагирање при срцеви итни случаи и да придонесе кон создавање побезбедна и поотпорна прекугранична заедница.


No comment yet, add your voice below!