ОДЛОЖЕНО првото прскање против возрасни комарци во Југоисточниот плански регион

Се известуваат сите граѓани на 10-те општини во Југоисточниот плански регион дека СЕ ОДЛОЖУВА првото прскање против возрасни комарци кое беше предвидено да се изврши на 10 и 11 Јуни 2020 година (среда и четврток) на територијата на сите општини во регионот.

Прскањето се одложува поради неповолни временски услови т.е појава на врнежи во предвидениот период, а за спроведување на планираното прво прскање против возрасни комарци, граѓаните од Југоисточниот регион ќе бидат дополнително известени.

Прво прскање против возрасни комарци по земјен пат на територијата на Југоисточниот плански регион

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во соработка со десетте општини од регионот, согласно Одлуката на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, организира прво прскање против возрасни комарци по земјен пат.

Согласно набавката предвидени се вкупно две прскања за ларвициди и три прскања против возрасни комарци на територијата на Југоисточниот регион со вкупна површина од 5.376 ха.

Се известуваат сите граѓани на 10-те општини во Југоисточниот плански регион дека првото прскање против возрасни комарци ќе се изврши на 10 и 11 јуни 2020 година, со следниот распоред:

1.    На 10.06.2020 година (среда), во период од 18.00 до 02.00 часот во општините Конче, Радовиш, Ново Село, Василево, Босилово и Струмица и

2.    На 11.06.2020 година (четврток), во период од 19.00 до 02.00 часот во општините Гевгелија, Богданци, Дојран и Валандово.

Се известуваат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

Прашања и одговори во рамките на тендерската постапка за Набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I)

Прашања и одговори во рамките на тендерската постапка за Набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I)

Референтен број: CN1 – SO2.4 – SC019 – TD03

Прашањата и одговорите во рамките на тендерската постапка за Набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I) во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Р. Северна Македонија CCI No.2014TC16I5CB009 се достапни на следниот линк: ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ.

Започна третирањето против ларвицидни и возрасни комарци во општините од Југоисточниот плански регион

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во соработка со десетте општини од регионот започна со третирање против ларвицидна и возрасна форма на комарци по земјен пат. За разлика од претходните години каде што третирањето беше по авионски пат, оваа година за прв пат се донесе одлука за третирање по земјен пат, со надеж дека со овој метод ќе се постигне поголем ефект и превенција.

Предвидени се две третирања за ларвициди и три третирања против возрасни комарци на територијата на Југоисточниот регион со вкупна површина од 5.376 ха. Теренското третирање против ларви од комарци се врши со средство во вид на гранули кои се расфрлаат во плитка застоена вода и ваквото ларвицидно третирање не е штетно за луѓето, пчелните семејства ниту за домашните миленици.

Второто третирање против ларвицидни комарци е предвидено на крајот во овој месец, а додека третирањето на возрасните комарци ќе започне во периодот од 6ти до 11ти јуни.

Пред да се започне со третирање против возрасни комарци претходно ќе биде објавено известување од Центарот и општините со цел да се известат сопствениците на пчелни семејства да преземат соодветни мерки за заштита, односно да ги затворат истите во најавениот временски период.

ИЗВЕСТУВАЊЕ – Втора измена на датум за доставување на понуди за набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I)

Набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I)

Референтен број: CN1 – SO2.4 – SC019 – TD03

Ве известуваме дека променет е и продолжен датумот за доставување на понуди за набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I) во рамки на проект „Интегриран оперативен Центар за хуманитарна помош – HELP“.

Датумот за доставување на понуди наместо до 06.05.2020 година се продолжува до 05.06.2020 година, 16.00 часот (локално време).

Сите заинтересирани можат да поставуваат прашања заклучно до 15.05.2020 година.

Јавното отварање на понудите ќе се иврши на 12.06.2020 година.

Проверете ги детално промените во тендерската документација на следниот линк: Коригендум бр. 2 на тендерско досие – ХЕЛП

Започна уредувањето на коритото на река Сушица во Радовиш во рамки на проектот „Заеднички мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш“

На 22.04.2020 година започна уредувањето на коритото на река Сушица во Радовиш преку проектот „Заеднички мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш“ финансиран од ЕУ, преку Интеррег – ИПА-Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија што се реализира преку Центарот за развој на Југосточниот плански регион во партнерство со општина Радовиш и општина Сандански од Бугарија, како Водечки партнер во проектот.

Со овој проект за прекугранична соработка една од главните активности е уредувањето на коритото на река Сушица, во должина од 624 метри со што ќе се реконструира најкритичниот дел од реката кој прави големи проблеми при надоаѓање на водите.

Она што е планирано со овој проект е чистење на коритото, поставување на каскадни прагови, кејски ѕид, уредување на дното, градење скали и рампи со цел да се создаде пристап до реката и да се намалат негативните последици од поплавите како и подигање на јавната свест кај населението со вклучување на најмладите преку акција садење дрвја и пошумување на речниот слив.

Градежните работи на р. Сушица се во висина од 324.206,88 евра, а ќе ги изведува фирмата Џови Компани од село Мокрино. Главната цел на проектот е спречување и ублажување на последиците од природни и човечки предизвикани катастрофи од прекугранична димензија и влијание, а вкупната вредност на проектот изнесува 587.931,97 евра, од кои кофинансирањето од општината Радовиш е во вредност од 191.630,00 евра, а преостанатите средства се обезбедени од ЕУ и Министерството за локална самоуправа.

Овој проект е ко-финансиран од ЕУ преку Интеррег-ИПА програмата за прекугранична соработка CCI 2014TC16I5CB006

ИЗВЕСТУВАЊЕ – измена на датум за доставување на понуди за набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I)

Набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I)

Референтен број: CN1 – SO2.4 – SC019 – TD03

Ве известуваме дека поради вонредната состојба за спречување на ширењето на КОВИД -19 пандемскиот вирус која е прогласена во поголем дел од земјите во Европската Унија, променет е и продолжен датумот за доставување на понуди за набавка на Центар за команда, контрола, комуникација, компјутери и разузнавачки информации (C4I) во рамки на проект „Интегриран оперативен Центар за хуманитарна помош – HELP“.

Датумот за доставување на понуди наместо до 06.04.2020 година се продолжува до 06.05.2020 година, 16.00 часот (локално време).

Сите заинтересирани можат да поставуваат прашања заклучно до 15.04.2020 година.

Јавното отварање на понудите ќе се иврши на 13.05.2020 година и поради моменталната ситуација бројот на присуство ќе биде ограничен на по еден претставник по понудувач.

Проверете ги детално промените во тендерската документација на следниот линк: Коригендум бр. 1 на тендерско досие – ХЕЛП

Известување за промена на локација за отварање на понуди по јавниот тендер „Изведување на градежни работи за реконструкција на дел од речното корито на река Сушица во општина Радовиш“

Почитувани,

Поради моменталната ситуација со корона вирусот со цел да се запазат препораките на Министерството за здравство и мерките на претпазливост и заштита, Ве известуваме дека е извршена промена на локацијата за отварање на понудите пристигнати по јавниот тендер „Изведување на градежни работи за реконструкција на дел од речното корито на река Сушица во општина Радовиш“ со референтен број CB006.2.12.062 – 03, објавен на 17 јануари 2020.

Наместо во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, отварањето ќе биде извршено во советничката сала во Дом на АРМ, Струмица. Датумот и времето остануваат непроменети.

Присуството се ограничува на еден претставник по понудувач.

Донесени Одлуки за управување со Прифатилиштата за бездомни животни во ЈИПР и третирање на возрасни комарци по земјен пат

На 11.03.2020 година во просториите на ЦРЈИПР се одржа Шеснаесеттата Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион на која присуствуваа градоначалниците од општините од регионот и Раководителот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Градоначалниците на општините од Југоисточниот плански регион на Седницата донесоа Одлука за формирање на Регионално јавно претпријатие врз база на меѓуопштинска соработка како модел кое ќе управува со прифатилиштата за бездомни животни и ќе врши заловување, транспорт и хумано третирање на бездомните животни од целиот регион за кои веќе се набавени две возила за заловување на бездомните животни од регионот. За почеток ќе функционира само прифатилиштето во Струмица, кое е целосно изградено и опремено за потребите на струмичко-радовишкиот микрорегион, додека пак Прифатилиштето во Валандово е во почетна фаза на изградба и истото ќе биде наменето за потребите на гевгелиско-валандовскиот регион. Со ваквата Одлука Југоисточниот регион е прв регион во државата кој заеднички се обидува да го реши проблемот со бездомните животни.

На Седницата исто така се донесе и едногласна Одлука за прв пат на територија на општините од Југоисточниот регион годинава да се спроведе третирање против ларвицидна и адултна форма на комарци по земјен пат за взаемна заштита на општините од регионот, со цел постигнување на поголем ефект и превенција.

Меѓудругото на Седницата бешe донесена и Одлука за промена на седиштето на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, како и Одлука за предавање и преотстапување на користење и одржување на објект по проект „Туристичка патека од природата до културата на планината Плавуш“ на општина Валандово, а беа усвоени и Завршните сметки за 2019 година на ЦРЈИПР, Годишниот извештај за работата на ЦРЈИПР за 2019 година и Извештајот за попис за 2019 година на ЦРЈИПР.

ВАЖНО!! Се прекинува воспитно-образовниот процес во детските градинки, основното, средното и високото образование, се забрануваат масовни јавни настани и организираните патувања во високо ризичните земји

Владата на Република Северна Македонија на денешната 15-та редовна седница ја разгледа информацијата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи за преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на корона вирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство, и ги донесе следните заклучоци:

 

1.  Да се заострат мерките и активностите за превенција од ширење на корона вирусот.

2. Да се прекине со воспитно – образовниот процес и наставата во сите детски градинки, основни и средни училишта и високо – образовни установи и во јавните научни институти на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена. Се прекинуваат и сите воншколски или дополнителни програми како што се курсеви за странски јазици и слично.

3. За спроведување на оваа мерка еден од родителите на децата до 10 години, што ќе бидат ослободени од обврската да одат во градинките или да ја следат наставата, ќе бидат ослободени и од обврската да ги извршуваат работните обврски.

4. Да се забранат масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на Република Северна Македонија, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1000 учесници.

5. Да се забрани присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 30 дена.

6. Да се воведе задолжителна самоизолација на сите лица кои доаѓаат од високо и средно ризичните држави, во период од 14 дена (согласно листата на Светската здравствена организација).

7. Да се забрани извоз на медицинска опрема и медицински средства и материјали од страна на економските оператори и производители од Република Северна Македонија, освен со посебна дозвола која ја издава Министерство за здравство.

8. Да се препорача на возрасните и високоризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат своето движење и да го избегнуваат јавниот превоз.

9. Да се препорача избегнување на патување во земји кои се од висок и среден ризик, согласно листата од Светската здравствена организација.

10. Државната изборна комисија да ги ослободи од понатамошно учество во изборниот процес вработените од јавните здравствени установи и да бидат заменети со други лица.

11. Физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваа препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

12. Да се воведе health locator карта за сите летови и сите авиокомпании, односно образец кој ќе го пополнуваат патниците со податоци за полесно контактирање доколку за тоа се укаже потреба.

13. Да се забрани организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји, како и од тие земји кон Република Северна Македонија.

14. Да се зајакне присуството на волонтерите од Црвениот крст на Република Северна Македонија, во соработка со Министерството за здравство, на сите гранични премини.

15. Целосно да се почитуваат мерките за превенција од оваа болест, упатени од Министерството за здравство кои се однесуваат на засилени хигиенски мерки.

16. Да се упати заклучок и препорака од страна на Владата на Република Северна Македонија до сите органи на државната управа и до едниците на локалната самоуправа за времен прекин од работни обврски (не одење на работно место и да останат во своите домови) за бремените жени и хроничните болни лица.

17. Сите јавни претпријатија и приватни компании што вршат јавен превоз на патници да вршат редовна дезинфекција на превозните средства.

18. Владата им препорачува на сите владини и државни институции, како и на јавните претпријатија да ги откажат сите патувања или да ги организираат предвидените состаноци преку интернет комуникацијата.

19. Се задолжуваат сите владини и државни институции, како и јавните претпријатија да воведат мерки за заштита и за дезинфекција во сите државни институции на влезовите во институциите. Оваа мерка Владата им ја препорачува и на компаниите од реалниот сектор.

Владата им се заблагодарува на сите медиуми за досегашната соработка и апелира да ги објават најновите мерки за превенција и заштита од корона вирусот, како и да останат во постојана комуникација со официјалните извори на информирање како што е Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија за сите најнови информации и развои на ситуацијата.