Одржан четвртиот состанок на тимот на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р. С. Македонија на ден 13.01.2023 година, во хотел „Сириус“ Струмица – Република С. Македонија, се одржа четвртиот состанок на проектниот тим.

На состанокот на тимот се дискутираше за имплементираните активности во рамки на проектот, успешно спроведените специјализирани обуки и доделени сертификати на учесниците, како и план и програма за реализација на претстојната завршна конференција во спроведувањето на последната активност од проектот.

Тимот разговараше за финални детали и содржина на Меморандумот за создавање на прекугранична мрежа за превенција и одговор на природни и еколошки опасности, чиешто потпишување ќе биде реализирано на завршната конференција на проектот помеѓу двете страни – Центарот за развој на ЈИПР – Струмица и Асоцијацијата на југозападни општини – Благоевград.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.

 

Обуките на пожарникарите и доброволците продолжуваат на терен на југоистокот

Успешно завршија трите дводневни обуки во Република Бугарија, предвидени во активностите на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р. Северна Македонија 2014-2020, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го спроведува во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благовеград, Република Бугарија.

Во следниот период претстои одржување на преостанатите три дводневни специјализрани обуки во Република С.Македонија, со распоред на реализирање:

  • 10-11 Ноември, 2022 година (четврта специјализирана обука);
  • 24-25 Ноември, 2022 година (петта специјализирана обука);
  • 28-29 Ноември, 2022 година (шеста – финална специјализирана обука).

Пожарникарите и доброволците од југозападот на соседна Бугарија ќе имат можност заедно со своите колеги од регионот да си ги измерат своите сили низ практични вежби на планината Огражден, во спасувачка акција во зградата на поранешната Касарна во Струмица како и финален натпревар и завршна конференција на која на учесниците ќе им бидат доделени сертификати за учество во шесте обуки.

 

Приказните од терен и размената на искуства продолжуваат со зголемен интензитет

Дел од доброволните и професионалните пожарникари од југоистокот на Р.С. Македонија и југозападот на Р. Бугарија, на 13 и 14 Октомври, 2022 присуствуваа на втората специјализирана обука во Банско, Република Бугарија, од предвидените шест дводневни специјализирани обуки како дел од активностите на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари”.

Давањето прва помош како еден круцијален момент при несреќи е темата која побуди најголем интерес кај учесниците кои будно и внимателно следеа за да си ги обноват своите знаења, но и да научат мнoгу нови. Обуката беше спроведена од страна на парамедик – болничар г-дин Владимир Филков, член на доброволното противпожарно друштво од Благоевград.

 

Пожарникарите вториот ден го поминаа на терен со практични вежби и примери од втората тематска единица која беше обработена од страна на г-дин Пламен Тодоров, инспектор од Националната Асоцијација на доброволците во Република Бугарија. Пожарникарите и доброволците имаа можност да работат со дел од опремата со која работи и располага територијалната противпожарна единица на Банско. Приказните од терен и размената на искуства продолжуваат и овој пат со зголемен интензитет и интерес од страна на сите учесници во обуката.

 

Обуките се дел од имплементацијата на проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р. Северна Македонија 2014-2020, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го спроведува во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благовеград, Република Бугарија.

Со нови искуства и добри практики од терен пожарникарите ја завршија првата специјализирана обука

На 29 и 30 септември, 2022 година во Банско, Бугарија пожарникарите и доброволците ја поминаа првата специјализирана обука како дел од активностите на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари”. Шеесетина учесници од С. Македонија и Буграија беа дел од обуката чија цел беше збогатување и проширување на знаењата во справувањето со шумски пожари.

 

Обуката и практичните вежби ги модерираше и ги спроведе г-а Ралица Тодорова, сертифициран обучувач од Националната Асоцијација на доброволците во Република Бугарија и Главната Дирекција за пожарна безбедност и заштита на населението. Доброволците и професионалците седнаа заедно на маса со цел да споделат стари, но и научат нови знаења и искуства од своите колеги. Со меѓусебна размена на “приказни од терен” и низ теоретски примери и анализи, но и демонстрација на терен во противпожарната станица во Банско, успешно поминаа двата дена од првиот модул кој е само најава и почеток од одржувањето на претстојните специјализирани обуки. Предвидени се вкупно 6 дводневни обуки, од кои 3 ќе се одржат во Република Бугарија и 3 во Република Северна Македонија.

 

Обуките се дел од имплементацијата на проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р. Северна Македонија 2014-2020, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го спроведува во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благовеград, Република Бугарија.

112 пожарникари од регионот ја облекоа својата лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари

Во одбележувањето на денот на пожарникарите, 20 Мај учество и придонес оваа година завзема и Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Чествувањето на денот на пожарникарите оваа година пожарникарите од југоистокот ќе го паметат уште долго во своите сеќавања. 112 пожарникари од регионот денес за прв пат ја облекоа својата лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари, која вклучува заштитно одело (пантолони и јакна), чизми, ракавици, шлем (со заштини очила и фенер), маски со филтри и подмаска – балаклава.

Видливо беше задоволството на пожарникарите кои истакнаа дека во своето работење како пожарникари за прв пат добиваат лична заштитна опрема која е со таков квалитет и со која може да се доближат до стандардите на европските пожарникари.

 

Благодарница за успешна соработка и поддршка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион беше доделена од страна на ТППЕ Струмица.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион лична заштитна опрема за гаснење на шумски пожари додели на 50 пожарникари од општина Струмица, 27 пожарникари од општина Гевгелија, 22 пожарникари од општина Радовиш и 13 пожарникари од општина Валандово. За денот на пожарникарите, директорката на Центарот Г-а Жулиета Ѓуркова, заедно со градоначалниците на општините Струмица, Гевгелија, Радовиш и Валандово потпишаа протокол за примопредавање на опремата и им посакаа што помалку да ги користат своите одела на терен, но во случај на потреба за гаснење на шумски пожари да можат да целосно опремени да интервенираат на терен.

 

Следен чекор кој ќе ги подигне на скалилото за достигнување на европска спремност во гаснење на шумски пожари ќе бидат обуките спроведени од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи и кои се очекува да започнат со почетокот на есента по намалувањето на ризикот од пожари.

Спроведените и идни активности се дел од имплементацијата на проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р.Северна Македонија 2014-2020.

   

 

Промовирање на волонтерството од најмали нозе!

Центарот за развој на ЈИПР заедно со партнерите од Бугарија во рамките на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ започна кампања за подигнување на свеста за доброволното пожарникарство. Да се биде доброволен пожарникар е херој на денешницата, несебично залагање за спасување на човечки живот, природата и домовите. Љубовта кон доброволното пожарникарство треба да започне да се всадува уште од најмали нозе.

На денот на пожарникарите кога и официјано професионалните пожарникари ја добија својата опрема за лична заштита од шумски пожари, дел од дечињата од основното училиште од Валандово беа во посета на Територијалната противпожарна единица во својата општина.

Дечињата заедно со градоначалникот на Валандово, Г-н Перо Костадинов и директорката на Центарот, Г-а Жулиета Ѓуркова имаа можност да ја видат и да ја пробат новата опрема за гаснење на шумски пожари, да научат што значи да бидеш пожарникар, како се гасне пожар, што се прави кога ќе заѕвони телефонот за дојава на пожар и слично. Настанот беше одлична можност за промоција како од најмали нозе децата да се охрабрат да станат херои – доброволни пожарникари во заедницата. Можноста за гаснење на симулиран пожар, како и возењето со возилата на противпожарната единица беше на особено задоволство и голема радост на децата, но и на пожарникарите кои за возврат добија многу искрени детски насмевки.

Волонтирањето е поттикнување на граѓанската свест за поширок општествен ангажман во полза на заедницата во која живееме, една од најсуштинските и најкорисните активности што можеме како луѓе да ги превземеме уште од најмали нозе.

Проектот за “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ е финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Р. Бугарија и Р.Северна Македонија 2014-2020, а се имплементира од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград, Република Бугарија.

Сами можеме малку, а заедно може да сториме толку многу!

Потпишан договор за Набавка на опрема за противпожарна заштита

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ CB006.2.12.122, како проектен партнер, по објавениот тендер за Набавка на опрема за противпожарна заштита и спроведување на постапката за евалуацијата, успешно склучи договор со еден од понудувачите на јавниот повик за ЛОТ 1 – Противпожарна опрема и лична заштитна опрема и облека. Компанијата „Форес ДООЕЛ Скопје“ Северна Македонија во текот на претстојниот период ќе ги снабди пожарникарите со нова лична заштитна противпожарна опрема за гаснење на шумски пожари.

Втор состанок на тимот на проектот за „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари„

Во рамки на проектот “Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“ финансиран од Европската Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Р.Северна Македонија на ден 16.12.2021 година, во бизнис салата на хотел „Сириус“ Струмица – Република Северна Македонија, се одржа вториот состанок на проектниот тим.

Главната цел на состанокот на тимот беше да се разговара за тековните активности на проектот, насоката на нивното движење, како и плановите кои ќе помогнат во спроведувањето на идните активности.

Се дискутираше за објавената тендерска постапка за набавка на противпожарна опрема, како и за следните чекори во врска со тендерот.

Тимот разговараше и за успешно одржаната работилница за воспоставување на прекугранична неформална мрежа за превенција и подготвениот Меморандум за соработка.

Проектот е ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија – Република Северна Македонија 2014-2020.

Одржана дводневна работилница по проект „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамките на  проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари“, на 26 и 27 Ноември 2021 година, организираше дводневна работилница за формирање на неформална мрежа помеѓу инволвираните страни од двата погранични региона за создавање на добра координација и структура за спречување и адекватно одговарање на природните и еколошките опасности, со посебен акцент и фокус на шумските пожари.

На работилницата покрај вработените во Центарот како организатори,  присутни беа и претставници од Водечкиот партнер на проектот – Асоцијацијата на Југозападни општини, Благоевград – Република Бугарија, претставници на општините, општинските територијални противпожарни единици и волонтерските здруженија од двете земји, претставници од регионалните Центри за управување со кризи, претставници на регионалните канцеларии од Дирекцијата за заштита и спасување, како и сите засегнати страни при превенирање и ублажување на последиците од природни катастрофи, еколошки опасности и катастрофи предизвикани од човечки фактор. Работилницата беше успешно спроведена и сите учесници со своите излагања и дискусии дадоа свој значаен придонес. На работилницата се подготви рамка на функционирање на неформалната мрежа, како и драфт Меморандум за соработка кој ќе биде пратен на сите учесници и засегнати страни за дополнителни коментари и доработка пред конечно да биде потпишан на Завршната конференција од проектот.

„Создавањето на добра координација и структура за спречување на шумските пожари, но и навремената реакција се од суштинска важност при релизирање на оваа партнерство. Тоа ни ја олеснува работата бидејќи контактираме брзо и ефикасно и прибираме податоци. Тие ни даваат нивни податоци, ние даваме наши податоци како во врска со материјалот што гори, површината, временските услови кај нас, временските услови кај нив како би можело да се направи една заедничка акција“ истакна Г-н Митко Димчев – Инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување (регионална единица Струмица).

Мрежата е неформална и во иднина ќе служи како база за подобра координација помеѓу надлежните структури во двете држави. И покрај тоа што Република Северна Македонија и Република Бугарија веќе имаат повеќе меѓународни договори во делот на цивилната заштита, оваа мрежа ќе ја олесни соработката пред се помеѓу локалните и регионалните институции.

„Со формирањето на оваа мрежа во голема мера ќе се олесни и комуникацијата од наша страна и колегите од соседна Република Бугарија за заеднички и координиран настап на терен“, вели Александар Гудев – командир на ТППЕ Струмица.

Учесниците во работилницата споделија многу позитивни искуства од терен по кои треба да се водат институциите во иднина, но и реални проблеми за кои треба да се најде начин заеднички да се надминат.

Овој проект е финансиран од Европската Унија преку Интеррег – ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија и Националните Фондови на земјите учеснички.