Прва форумска сесија во Југоисточниот плански регион

Одржувањето на првата форумска сесија на 10 март 2022 година го најави започнувањето на процесот на Регионални форуми во заедницата во Југоисточниот плански регион, финансиски поддржани од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот “Одржлив и инклузивен рамнoмерен региoнален развoј – 2 фаза“.

Првата форумска сесија беше поделена во два дела, бидејќи се предлагаа проектни идеи и решенија по две Програми и тоа:

  • Програма за проекти преку Грантова шема на МЛС/СДЦ и
  • Програма за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година на МЛС/БРР

Во првиот дел по Програмата за Грантовата шема предвидено е да се доделат средства за еден проект од минимум 320 илјади евра. За таа цел присутните на форумот кои беа од различни категории на граѓани од Југоисточниот плански регион (од Единиците на локалната самоуправа, Советите на општините, невладини организации, бизнис секторот и други заинтересирани граѓани) имаа можност да идентификуваат и дефинираат приоритетни регионални проблеми за секоја од претходно утврдените приоритетни области.

Во вториот дел од денот учесниците предлагаа проектни идеи по Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023, каде на располагање се околу 750 илјади евра за имплементација на проекти од регионално значење.

Над 70 учесници на форумот активно учествуваа во утврдувањето на проблемите кои го засегаат Југоисточниот регион, дискутираа, а воедно предлагаа и решенија како да се надминат проблемите со цел да се подобрат условите за живот на сите граѓани во регионот, што секако е од особено значење за успешна реализација на регионалниот форумски процес.

Во периодот кој што следува врз основа на идентификуваните предизвици од првата форумска сесија ќе се развијат концептни решенија и по двете Програми кои понатаму ќе се презентираат пред Советот за развој на Југоисточниот плански регион како и пред присутните учесници на втората форумска сесија, која е планирана да се одржи кон крајот на месец април 2022 година.