Прва форумска сесија во Југоисточниот плански регион

Одржувањето на првата форумска сесија на 10 март 2022 година го најави започнувањето на процесот на Регионални форуми во заедницата во Југоисточниот плански регион, финансиски поддржани од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка преку проектот “Одржлив и инклузивен рамнoмерен региoнален развoј – 2 фаза“.

Првата форумска сесија беше поделена во два дела, бидејќи се предлагаа проектни идеи и решенија по две Програми и тоа:

  • Програма за проекти преку Грантова шема на МЛС/СДЦ и
  • Програма за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година на МЛС/БРР

Во првиот дел по Програмата за Грантовата шема предвидено е да се доделат средства за еден проект од минимум 320 илјади евра. За таа цел присутните на форумот кои беа од различни категории на граѓани од Југоисточниот плански регион (од Единиците на локалната самоуправа, Советите на општините, невладини организации, бизнис секторот и други заинтересирани граѓани) имаа можност да идентификуваат и дефинираат приоритетни регионални проблеми за секоја од претходно утврдените приоритетни области.

Во вториот дел од денот учесниците предлагаа проектни идеи по Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023, каде на располагање се околу 750 илјади евра за имплементација на проекти од регионално значење.

Над 70 учесници на форумот активно учествуваа во утврдувањето на проблемите кои го засегаат Југоисточниот регион, дискутираа, а воедно предлагаа и решенија како да се надминат проблемите со цел да се подобрат условите за живот на сите граѓани во регионот, што секако е од особено значење за успешна реализација на регионалниот форумски процес.

Во периодот кој што следува врз основа на идентификуваните предизвици од првата форумска сесија ќе се развијат концептни решенија и по двете Програми кои понатаму ќе се презентираат пред Советот за развој на Југоисточниот плански регион како и пред присутните учесници на втората форумска сесија, која е планирана да се одржи кон крајот на месец април 2022 година.

Проектот „Академија за реинтеграција на маргинализирани лица“ е пример како еден регион да се развива одржливо во областа на социјалната инклузија

Креирање на еднакви можности за социјално загрозените лица при вработување, подобрување на услугите кои се нудат во регионот преку Програма за реинтеграција во општеството, можности за дообразување, стручно усовршување и други форми на учење низ работење со современи машини за производство на храна. Тоа се дел од резултатите кои се постигнаа преку проектот кој го имплементираше Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Здружение за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанци – „ИЗБОР“.

Идејата беше Програмата за реинтеграција на социјално загрозени лица која се нуди во регионот да се збогати со современи ресурси кои ќе помогнат во создавање на услови за одржлив развој преку непречено испорачување на услугите и производите кон крајните корисници: ранливите групи на граѓани кои имаат потреба од обуки и вработување, компаниите кои имаат потреба од оспособени работници и купувачите кои имаат потреба од квалитетни и безбедни органски земјоделски и пекарски производи.

Токму тоа се овозможи преку самата имплементација на проектот, се унапредија постоечките услуги во Југоисточниот регион за подобро вклучување на маргинализираните лица на пазарот на трудот преку набавка на опрема наменета за органско производство на овошје и зеленчук, пекарство, пакување и етикетирање на прашкасти и зрнести производи, градинарство и цвеќарство. Со помош на набавената опрема и Програмите кои ги нуди Здружението „ИЗБОР“, социјално загрозените лица имаат можност да се стекнат со вештини кои ќе придонесат да бидат самостојни, корисни во општеството и квалификувани на пазарот на трудот.

За време на периодот на имплементација исто така се овозможи вработување на три лица кои стекнуваат работни вештини во рамки на Програмата за реинтеграција, а во наредниот период се очекуваат дополнителни вработувања на лица кои се веќе во фаза на рехабилитиација во Здружението „ИЗБОР“.

Ваквиот пристап на делување во потполност одговара на приоритетите и стратегиите на ЕУ во борбата против социјалната исклученост преку обезбедување на квалитетни работни места, подобар и поквалитетен живот за ранливите групи и на лицата кои заради својот стил на живот се подолго време на листата на невработени.

„Академија за реинтеграција на маргинализирани лица“ се имплементираше девет месеци во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ финансиран од Министерство за локална самоуправа и Швајцарска Агенција за развој и соработка.