📢 Почетен (Kick-off) состанок во рамки на проектот TX4ALL

На 17 март 2026 година, во Солун, Грција, се одржа почетниот (kick-off) состанок во рамки на проектот „Accessibility and inclusion for all to public tourism assets & services“ (TX4ALL), финансиран од Европската Унија преку Интеррег VI-A ИПА Програмата „Грција – Северна Македонија 2021–2027“.

Состанокот беше организиран од водечкиот партнер – Институтот на Националната конфедерација на лица со попреченост (IN-ESAmeA) од Грција, а на истиот учествуваа сите проектни партнери.

Во рамки на состанокот, партнерите ги презентираа своите организации, проектни тимови и планираните активности, со посебен акцент на улогата на секој партнер во реализацијата на проектот. Дополнително, беше направен преглед на проектните работни пакети, комуникациските активности, како и следните чекори за успешна имплементација.

Посебно внимание беше посветено на координацијата помеѓу партнерите, временската рамка за реализација на активностите, како и подготовката и спроведувањето на јавните набавки, кои претставуваат клучен сегмент во проектот.

🔹 Во рамки на проектот, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе реализира повеќе активности насочени кон подобрување на пристапноста во туризмот, меѓу кои:

  • создавање на инклузивна плажа на Дојранското Езеро
    • набавка на инклузивно опремено возило
    • изработка на мобилна апликација
    • набавка на електрични возила за разгледување на туристички локации
    • набавка на аудио-базиран систем за лица со оштетен вид
    • поставување на 14 универзално пристапни знаци за насочување
    • инсталација на нов лифт во зградата на Центарот
    • набавка на 18 мобилни рампи за општините во регионот

Проектот TX4ALL претставува значаен чекор кон создавање на подостапен, поинклузивен и одржлив туризам, кој ќе овозможи еднаков пристап до туристичките услуги за сите граѓани.

#TX4ALL #Инклузија #Пристапност #Интеррег #ЕУПроекти

Комплетно нова опрема за пожарникарите од регионот за справување со шумски пожари

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион започна со имплементација на проектот „Прекугранична соработка во справување со шумски пожари” во рамки на Програмата за прекугранична соработка Р. Бугарија – Р. Северна Македонија 2014 – 2020. Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе го спроведува проектот во партнерство со Асоцијацијата на Југозападни општини од Балгоевград, Република Бугарија, кој е Лидер партнер во имплементација на проектот.

Во рамките на овој проект ќе биде набавена комплетна лична заштитна опрема за шумски пожари за сите пожарникари од Југоисточниот плански регион, со која во моментов не располага ниту една од противпожарните единици од регионот. Ќе се набави професионална опрема за шумски пожари која вклучува комбинезони, ќебиња, чизми, ракавици, шлемови направени специјално за шумски пожари, заштитни маски против чад и балаклави огноотпорни маски. За секоја од противпожарните единици во регионот ќе се набават пумпи, противпожарни црева и моторни пили. Со оваа опрема значајно ќе се унапреди безбедноста и функционалноста на пожарникарите од регионот и нивен навремен и соодветен одговор против шумските пожари кои предизвикуваат огромни штети, ја уништуваат нашата шума, природата, а не ретко како што е познато од минатото има и човечки жртви.

Покрај набавката на опрема ќе се креира и прекугранична мрежа за спречување и одговор на опасности од природата и животната средина во која ќе учествуваат претставници на општинските територијални противпожарни единици и волонтерските заедници од двете земји чија цел е да се создаде добра координација и структура за превенција и соодветен одговор на катастрофите со посебен акцент на шумските пожари. За дел од членовите на мрежата е предвидено спроведување на низа обуки (вкупно 6) од страна на меѓународни сертифицирани обучувачи. Ќе се спроведе и информативна и медиумска кампања за промовирање на волонтерство и спречување на шумските пожари.

Проектот е со вкупна вредност од 395.361 евра, од кои буџетот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е 197.602 евра, а истиот ќе се имплементира 24 месеци.