Skip to content

Пилот акција „Беласица 2021“ на тема пожар спроведена во рамки на проектот „ХЕЛП“

ДАТУМ

септември 9, 2021

Категории

На 03 и 04 септември 2021 година се организираше дводневен настан, Пилот акција “Беласица 2021“, во рамки на проектот “Интегриран оперативен центар за обезбедување хуманитарна помош – ХЕЛП“ кој го имплементира Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со Центарот за управување со кризи и проектните партнери од соседна Грција.

Вежбовната акција за симулација на пожар „Беласица 2021“ беше официјално отворена од страна на Заменик Министерот за локална самоуправа Г-н Зоран Димитровски, Раководителката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Г-а Жулиета Ѓуркова, Директорот на вежбата Г-н Урим Вејсели и претставник од о. Ново Село Г-нот Туше Стојанов, кои со поздравен говор го истакнаа значењето за остварување на непречена координација со соседна Грција во време на природни катастрофи, воведување на современи алатки за брзо реагирање и јакнење на капацитетите за справување со кризи на меѓународно ниво.

По претходно креирано сценарио за справување со природни катастрофи, во овој случај пожар на Беласица, на обете страни од границата, активностите на терен се одвиваа во месноста на Ѓавлски Мост, Сечена Скала, Шарена чешма, Ѕвезден врв, Тумба, Ловечка Куќа и други локално именувани високи делови на планината каде претставници од Центарот за управување со кризи, претставници од Дирекција за заштита и спасување, Црвен Крст, Противпожарни единици, МВР Струмица, невладини организации спроведуваа вежбовни активности за спречување на пожарот користејќи ја опремата на мобилната единица Команден Центар – C4I кој е поставен во Струмица.

Целта за организирање на овој настан беше да се информира јавноста за начинот на управување со опремата, информативниот систем, мапирање на катастрофа, платформата за гејмификација, развиените планови за справување со катастрофи согласно националните протоколи кои се достапни во Командниот центар – C4I, развој на тест настани за употреба на опремата, да се подобрат оперативните и организациските способности на надлежните институции, да се подобри нивото на комуникација и соработка со Грција во време на катастрофи како и поттикнување и активно учество на граѓаните и чинителите во активности за управување со кризи со цел да се зголемат нивоата на нивната свест и реакција.
Како прв Команден центар за управување со кризи кој е поставен во државата, во иднина се очекува оптимално користење на опремата, олеснување на работата на надлежните институции и поврзување за време на природни непогоди со Командниот центар кој е поставен во прекуграничниот регион во Грција.

Со успешната организација на дводневниот настан, Пилот Акција на тема пожар “Беласица 2021“, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ја привршува имплементацијата на активностите кои се дел од проектот “Интегриран оперативен центар за обезбедување хуманитарна помош – ХЕЛП“, ко-финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република Северна Македонија 2014-2020.

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

I accept the Privacy Policy