Граѓаните на Југоисточниот плански регион ги рангираа приоритетните проекти за 2022 година

На 22 Април 2022 година во Хотел Сириус во Струмица од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, се одржа Втората форумска сесија од Регионалните форуми во заедницата кои се реализираат во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој-2 фаза“ финансиран преку  Швајцарската Агенција за развој и соработка и Владата на Република С. Македонија, претставувана од Министерството за локална самоуправа.

На Втората форумска сесија присуствуваа претставници од општините од Југоисточниот плански регион, членови и претседатели од Советите на општините од Југоисточниот плански регион, советници од ЕЛС, претставници од бизнис заедницата, граѓански здруженија, урбани/месни заедници и други заинтересирани страни од регионот. Учесниците имаа можност да ги рангираат предлог концептите по двете програми  Програма за Грантова шема за проекти со задолжителна дигитална компонента и Програма на МЛС/БРР за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година, кои произлегоа од страна на учесниците за време на Првата форумска сесија, а се во насока на подобрување на животот во пошироката заедница и регионот.

Гласањето се одвиваше на тој начин што секоја работна маса требаше да ги оцени предлог концептите давајќи најмногу бодови за тој што сметаат дека е најприоритетен, помалку на останатите кои што сметаат дека се со среден или низок приоритет. Дадените бодови од секоја маса се впишуваа јавно, по што вкупниот број на поени ја даде финалната ранг листа на предлог концептите.

Рангирање на Предлог Концептите по Програмата за Грантова шема за проекти со задолжителна дигитална компонента:

  1. Смарт вело регион
  2. Енергетски ефикасен регион
  3. Дојран регионална еко-оаза

Рангирање на Предлог Концептите по Програмата на МЛС/БРР за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023:

  1. Туризмот – иднината на регионот
  2. Културното богатство – наследство за идните генерации
  3. Реконструкција на локален пат с.Стојаково – с.Ѓавото
  4. Изработка на техничка документација за изградба на велосипедски патеки во општините Конче, Радовиш и Василево

Следните чекори кои ќе бидат превземени се однесуваат на подготовка на проектни апликации и  доставување до комсијата за оценување на предлог концепти по Грантовата шема, додека пак предлог концептите од Програмата на МЛС/БРР ќе бидат презентирани на Советот за развој на ЈИПР и по нивно разгледување ќе се донесе Одлука за утврдување листа на регионални предлог проекти за 2022 година, секако земајќи го во предвид гласањето од Втората форумска сесија.

ОДРЖАНА VII (СЕДМАТА) СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ ЗА РАЗВОЈ НА ЈУГОИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН

Во просториите на општина Радовиш, на 14.04.2022 година се одржа VII (седмата) седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион.

На седницата освен членовите на Советот беа присутни и преставници од СДЦ/Министерството за локална самоуправа, како и Проф. Др. Борис Цизаљ експерт за регионално управување. Исто така беше присутен и Г. Тихомир Петрески надворешен експерт за подготовка на концепт решенија и предлог проекти.

На седницата согласно дневниот ред свое обраќање имаше Проф. Др. Борис Цизаљ, од Р.Словенија, кој ги презентираше своите практики и искуства како долгогодишен експерт во областа на регионалниот развој. Целта на неговата презентација беше преку отворена дискусија со градоначалниците да се утврди кои држави, согласно планираната Студиска посета на членовите на Советот, можат да се посетат и од нив да се земат добри практики кои би биле применливи во Југоисточниот плански регион, која активност е предвидена во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.

Надворешниот експерт Г. Тихомир Петрески ги презентираше концепт решенијата за аплицирање на проекти преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2022 година со индикативно планирани средства за 2023 година на МЛС/БРР и Грантова шема на Швајцарската Агенција за развој и соработка (SDC), кои беа предложени на Првата форумска сесија, со цел членовите на Советот да се запознаат со предлог концептите и да дадат свое мислење и препораки за подобрување.

На седницата беа усвоени и Кодексот на етика и шест Политики, кои се од особена важност за целокупното работење на вработените во Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Исто така беа усвоени и завршните сметки  на Центарот за 2021 година.

Амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Вероник Улман Марти во посета на Југоисточниот плански регион

Кога локалните власти, граѓанското општество и приватниот сектор работат заедно, се прават вистински промени на локално и регионално ниво. Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија заедно со Швајцарската Агенција за развој и соработка изминативе неколку години се посветени на поддршка на одржливиот регионален развој во Република Северна Македонија.

Оваа недела Амбасадорката Н.Е. Вероник Улман Марти го посети Југоисточниот плански регион каде оствари средба со клучните партнери од регионот и се запозна со конкретните резултати од проектите финансирани преку Швајцарската Агенција за развој и соработка на локално и регионално ниво.

На средбата во општина Струмица присуствуваа директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион Жулиета Ѓуркова, градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, претседателот на Советот Марјан Даскаловски и секретарот на општината Александар Оџаков каде се разговараше за досегашната соработка и плановите за нејзино унапредување.

Во Југоисточниот плански регион, досега се реализирани повеќе проекти финансирани од швајцарските фондови кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живеење, регионалната соработка и кои промовираат иновативен пристап во обезбедувањето на услугите до сите засегнати страни. Еден од тие проекти е проектот за управување со сливот на река Струмица, со кој се спроведуваа активности за зголемување на конкурентноста на земјоделското производство во регионот и намалување на неговото влијание врз животната средина, преку воведувањето на современи, агроеколошки мерки.

Исто така со директно учество на граѓаните од Југоисточниот регион на партиципативен начин преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, опремени се четири Дневни Центри за лица со посебни потреби со реквизити и опрема за работна окупација, поставени се 23 агрометеролошки станици, воспоставена е Академија за реинтеграција на маргинализирани лица и Заеднички работен простор како средство за зајакнување на соработката со бизнис секторот.

Соработката не застанува тука и во тек се Регионални формуски сесии на заедницата каде како приоритети за решавање оваа година се истакнаа проблемите од делот на заштитата на животната средина и подобрување на туристичката понуда во Југоисточниот регион со што се потврдува заедничката понатамошна заложба за реализација на нови проекти во интерес на граѓаните.