НА ВТОРАТА ФОРУМСКА СЕСИЈА ИЗГЛАСАНИ ПРИОРИТЕТНИ ПРОЕКТИ ЗА 2024 ГОДИНА

На 24.11.2023 година во хотел Цар Самуил се одржа втората форумска сесија во рамките на која учесниците имаа можност да ги приоретизираат концептите за предлог проекти кои произлегоа од идентификуваните проблеми и предложените решенија на првата форумска сесија.

Во периодот помеѓу двете форумски сесии од страна на назначените експерти беше изготвена и првична анализа за придобивките и трошоците за секој од проектните концепти. Ваквите анализи беа презентирани пред форумот, и по претставување на правилата се пристапи кон гласање.

Предлог концептите беа рангирани по следниот редослед:

  1. Подобрување на инфраструктурата во Југоисточниот плански регион преку изградба и реконструкција на локални улици;
  2. Зајакнување на туризмот, подобрување на патиштата: визија за подобар регион!
  3. Набавка на противпожарно возило – Цистерна со капацитет од 10 000 литри;
  4. Набавка на 10 (десет) возила на електричен погон (комбиња) за општините во Југоисточен плански регион;
  5. Уредување на рекреативен парк Топлик и Смарт Сити Дојран – 2 фаза;
  6. Реконструкција на голема сала за манифестации во Пионерски дом –Гевгелија;
  7. Изградба на дел од фекален колектор за нови урбани блокови бр.35-42, Урбана единица 5 во Струмица, Општина Струмица.

Во наредниот период оваа листа ќе биде презентирана пред Советот за развој на Југоисточниот плански регион. По нивно разгледување ќе се донесе Одлука за утврдување приоритетна листа на регионални предлог проекти со кои Центарот за развој ќе аплицира преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2023 година со индикативно планирани средства за 2024 година на Бирото за регионален развој, секако земајќи го во предвид гласањето од Втората форумска сесија.

Регионалните форумски сесии беа организирани во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – 2 фаза“ финансиран преку  Швајцарската Агенција за развој и соработка и Владата на Република С. Македонија, претставувана од Министерството за локална самоуправа.

 

Потпишан договор за нов проект „Техничка документација: Е-полначи за електрични возила“

Директорот на Центар за развој на Југоисточниот плански регион Г-дин Ѓоко Камчев, потпиша договор за проектот „Е-полначи за електрични возила: Техничка документација“ кој ќе биде финанасиран од Фондот за техничка документација преку Првиот повик од УНДП за финансирање на техничка документација за инфраструктурни проекти. Проектот беше оценет како најдобар со вкупно 97 бодови во рамки на повикот на кој беа пријавени 69 апликанти, од кои само 13 проекти ќе бидат финансирани.

Целта на проектот е да обезбеди детална техничка документација за успешно поставување на 20 станици за полнење на е-возилa во сите 10 општини во Југоисточниот плански регион со фокус на привлекување што повеќе туристи во регионот за да стане атрактивен за туристите кои го заобиколуваат нашиот крај.

Оваа успешна иницијатива претставува значаен чекор напред кон поддржувањето на инфраструктурни проекти во регионот и е добар пример за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, како и меѓу меѓународни и локални партнери. Со оглед на долгорочните предности за општините и жителите, веруваме дека овој проект ќе придонесе кон развој и модернизација на регионот, креирајќи посебна привлечност за туристите, подобрувајќи го регионалниот туристички потенцијал и економски раст.

Покрај главната цел на настанот, во оваа прилика се дискутираше и за идните активности на Фондот за техничка документација. Се обидовме да ги истакнеме истражувањата за институционализацијата на фондот како стален механизам за финансиска и техничка поддршка за локалните самоуправи во подготовката на висококвалитетна техничка документација и управување со градежни проекти во општински контекст.

На официјалното потпишување на договорот присуствуваа и министерот за локална самоуправа, г-дин Ристо Пенов, г-дин Армен Григорјан како претставник на УНДП, г-дин Рамиз Реџепи, директор на Бирото за Регионален Развој и г-дин Микаел Атерхог, раководител на развој на соработка на Шведска.

Успешно завршена Финалната Конференција на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем

Финалната конференција на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем” – Be In на која присуствуваа повеќе од 50 гости, успешно се одржа на 17-ти Ноември 2023 година во хотел „Сириус“ во Струмица.

Во првиот дел од конференцијата ја имавме честа да ги слушнеме поздравните зборови на Државниот секретар на Министерството за локална самоуправа, Г-н Кирил Парталов, Претседателот на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-н  Славе Андонов, Раководителот на Генералниот Директорат за внатрешна организација и операции, Регион Централна Македонија во Грција, Г-н Костас Михалидис, како и на Директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-н Ѓоко Камчев.

Во вториот дел од конференцијата се претставија резултатите, конкретните активности по проектот, како и неговото значење за создавање на еден интегриран деловен екосистем. Пред присутните гости се направи анализа на резултатите од спроведените истражувања од двете страни на границата, кои се однесуваа на работната сила и претприемачките капацитети на МСП, а се презентираше и за значењето на стартап бизнисите и нивното влијание врз економскиот раст и вработеноста.

Освен официјалниот дел од големо значење беше и можноста да се оствари соработка и размена на идеи помеѓу бизнис заедницата, експертите, младите претприемачи и другите засегнати страни. Гостите имаа можност да ги прошират своите мрежи, создавајќи трајни врски со колеги, партнери и експерти во различни области на бизнисот, но и преку разговор и дискусии да дојдат до конкретни решенија за подобрување на деловниот екосистем во Југоисточниот плански регион.

Иако Финалната конференција го означи завршувањето на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем“, Центарот за развој останува и понатаму посветен да работи на нови активности и проекти кои ќе продолжат да ја развиваат претприемачката активност во регионот.

Проектот се имплементираше околу две години, а е финансиран од Националните фондови на земјите учеснички и Европска унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Република С. Македонија.

Избран нов Претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион

На 10.11.2023 година во општина Струмица беше одржана XX Седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион на која присуствуваа градоначалниците на десетте општини во регионот, директорот и претставници на Центарот развој на Југоисточниот плански регион.

На оваа седница за претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион беше избран градоначалникот на општина Василево, г-н Славе Андонов, кој ќе претседава со мандат од една година.

Превземајќи ја улогата Претседател на советот, Г-н Андонов се заблагодари на довербата на своите колеги градоначалници и истакна дека треба предност да им се даде на регионалните проекти кои ќе креираат трајни решенија за подобар и поквалитетен живот и во руралните средини покрај градските средини.

На Седницата на советот беа прифатени одлуки за примопредавање на пет успешно завршени проекти во рамки на Програмата за рамномерен регионален развој со индикативни средства за периодот 2022/2023:

-Примопредавање на пешачка патека во општина Босилово, во рамките на проектот „Туризмот – иднината на регионот“.

-Примопредавање на велосипедска патека и соодветна опрема во општина Дојран, како дел од реализацијата на проектот „Туризмот – иднината на регионот“.

-Примопредавање на обиколница во општина Радовиш, како дел од широкиот проект „Туризмот – иднината на регионот“.

-Примопредавање на изграден помошен објект – натстрешница во Домот на културата во општина Радовиш, вклучен во проектот „Културното богатство – наследство за идните генерации“

Овие реализирани проекти преставуваат значителен напредок во областа на туризмот и културното наследство како стратешки аспекти за развојот на Југоисточниот плански регион и се надеваме дека ќе имаат долгорочен позитивен ефект врз квалитетот на живот за локалната заедница и дека ќе придонесат кон зголемување на атрактивноста и квалитетот на живот во општините во Југоисточниот плански регион.

На општините во Југоисточниот регион доделени дронови за детекција на пожари

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, како дел од проектот eFIDAR во своите напори за подобрување на реакцијата во случај на шумски пожари, набави три специјализирани дронови со термална камера за рано откривање на пожари со резервни батерии од производителот DJI Модел: Mavic 3 Thermal за ТППЕ Струмица, Гевгелија и Радовиш.

Со цел успешно управување на овие дронови и соодветно прибирање на информации, Центарот организираше
дводневна заедничка тренинг програма за сите засегнати страни меѓу кои се претставниците на четирите ТППЕ од регионот, претставници од Центарот за управување со кризи, како и Дирекцијата за заштита и спасување. Оваа иновативна обука ќе им овозможи на засегнатите страни да ги користат дроновите како моќно средство за рано откривање и следење на пожарите во реално време.

Обуката вклучуваше стекнување на практични знаења за управување со дронови, технички аспекти на нивната операција, и користење на специјализирани камери и сензори за откривање чад. Учесниците ќе научат како да ги користат дроновите за брзо лоцирање на пожарите, што ќе им овозможи да реагираат на време и да спречат нивно ширење.

Оваа обука не само што ги подобрува капацитетите за борба против шумски пожари туку и придонесува за поголемата безбедност на локалната заедница и животната средина.

Обуката за дронови е само еден дел од широкиот пристап на проектот “eFIDAR” кон подобрување на реакцијата на природните катастрофи и опасности. Со оваа иновативна технологија и обука, регионот се подготвува за поефикасно спречување и управување со шумски пожари. Овие три дронови на 10ти ноември во рамките на самата обука официјално беа предадени за користење на тројцата градоначалници на општините Струмица, Гевгелија и Радовиш за потребите на трите Територијални противпожарни единици. Додека пак ТППЕ Валандово преку друг проект веќе има добиено ваков дрон и истиот се користи при детекција и маркирање на пожарите.

Проектот е кофинансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.

 

Доделено ново противпожарно возило на о.Струмица

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во рамки на проектот „Рано откривање на пожарите и нивно движење за превенција и справување со катастрофи – eFIDAR“ успешно ja заврши набавката на специјализирано противпожарно возило – мал противпожарен камион за потребите на Територијалната противпожарна единица – Струмица.

На 10-ти ноември ТППЕ Струмица доби специјализиран мал камион за гаснење шумски пожари и спасување со цел да се покријат потребите на општината Струмица, како и на руралните општини од Струмичкиот микро регион вклучувајќи ги општините Босилово, Василево и Ново Село. Новото специјализирано противпожарно возило навремено и според планот беше успешно набавено и предадено на користење и одржување на општина Струмица за потребите на ТППЕ Струмица. Вкупната вредност на возилото е 107.000,00 евра.
Оваа набавка значително го подобрува капацитетот на Територијалната Противпожарна Единица во Струмица и ќе ги олесни интервенциите на терен, особено при справување со шумски пожари, кои во последните години предизвикаа сериозни економски штети, дури и човечки жртви во регионот.

Новото противпожарно возило ќе овозможи подобра подготвеност за превенција и справување со катастрофи, обезбедувајќи регионално, брзо и ефикасно реагирање на можни катастрофи во борбата за заштита на животната средина и безбедноста на граѓаните во регионот.

Преку овој проект веќе се набавени специјализирани противпожарни возила за ТППЕ Валандово и ТППЕ Гевгелија, а до крајот на проектот предвидено е свое возило да добие и ТППЕ Радовиш со што целиот Југоисточен регион ќе биде целосно опремен.

Проектот е кофинансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички

Реализираните студиски посети, инспирација за нови проекти и предизвици

Во време на брзи промени и глобални предизвици, развојот и поддршката на претприемничките екосистеми стануваат суштински за развојот на иднината на Југоисточниот регион.

Проектот „Деловен екосистем како интегриран систем“ – Be In има за цел да го истражи, подобри и засили деловниот оптимизам и иновациите во нашиот регион. Токму во насока на развивање на претприемничкиот дух и интеграцијата на иновациите како неизбежен чекор кон подобра и одржлива иднината, а во рамките на проектот беа реализирани две студиски посети во Барселона и Амстердам.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион имаше неверојатна можност да погледне во светот на претприемништвото и иновациите и да го истражи интегрираниот пристап кон развојот на деловниот екосистем. Овие посети беа можност за да ги истражиме предизвиците и можностите кои ги носат глобалните трендови.

Во Барселона, го доживеавме иновативниот дух и претприемачките иницијативи кои го прават овој град еден од највлијателните центри за иновации во Европа. Посетата на Барселона Актива и другите иновативни институции нè обогати со знаење и ни покажа еден нов начин на поддршка на стартапите и претприемачите од страна на националните институции.

Во Амстердам, деновиве ги исполнивме со посета на АМС Стартап Институтот за напредни метрополитски решенија, Стартап Вилиџ, како и Немо научниот музеј. На Фем стартап наградите ги проследивме и најновите трендови во областа на претприемништвото.

Студиските посети во Барселона и Амстердам ни овозможија да се запознаеме со успешните претприемнички екосистеми и иновации во други региони во Европа. Ги запознавме идеите и практиките кои ги користат успешните инкубатори, стартапи и претприемачи и можноста истите да ги адаптираме во нашиот деловен екосистем.

Освен успешни практики имавме можност да ги утврдиме и недостатоците во нашиот претприемачки свет. Научивме за важноста на постојаната соработка и комуникација со други институции и организации за споделување на искуства и знаење, инвестициите и поддршката во иновациите и претприемништвото на локално ниво, развивање на програми и обуки за млади претприемници и стартапи.

Со цел да ги примениме придобивките од студиските посети, подготвени сме да оствариме партнерства со релевантните структури, да ги претвориме идеите во проекти и да ги поддржиме младите претприемачи и иноватори. Работата пред нас е предизвик, но веруваме дека со правилна стратегија и ангажман, можеме да го подобриме нашиот деловен екосистем и да станеме дел од глобалната претприемничка заедница.

Проектот е финансиран од Европска Унија и Националните Фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Р. Македонија 2014-2020.