Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, ги посетија локациите на кои што се имплементирани проектни активности во рамките на два проекти финансирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, со цел да направат увид во постигнатите резултати.
Во рамките на проектот „Југоисточниот регион – можност за нови туристички авантури“, дел од активностите вклучуваат реконструкција и поставување на нова урбана опрема на Смоларските водопади и излетничкиот локалитет Пирго кај Мокриево, во општина Ново Село преку изградба на нови пешачки патеки, санација на дрвените огради и поставување нов пешачки мост пред водопадите. На Пирго се изградени нови летниковци, проширен е капацитетот на постојниот амфитеатар, поставени се детско катче и ново одбојкарско игралиште на песок.
„Зголемениот број на посетители на овие локации е показател за успехот на овој проект,“ изјави директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев. „Проектот не само што ќе го зголеми туристичкиот потенцијал на регионот, туку и ќе придонесе кон подобрување на условите за живот на локалното население.“
Во рамките пак на проектот „Подобрување на енергетската ефикасност на јавни објекти во Југоисточниот регион“, во село Секирник, општина Босилово ќе добие енергетски ефикасен објект со реконструкција на кровот на училиштето Св. Кирил и Методиј, поставување на фотоволтаици, замена на фасадата на училиштето со нова, како и поставување на термоизолација, а направена е и промена на начинот на загревање со поставување на современ систем на парно греење. Сето ова ќе овозможи веќе од новата учебна година учениците и наставниот кадар да имаат соодветни услови за следење и реализација на наставата, а истовремено ќе се намалат трошоците за одржување на објектот.
Во својата изјава министерот Перински истакна дека овие инвестиции се од клучна важност за развој и промовирање на регионот, но и за привлекување на домашни и странски туристи. Директорот на Бирото г-нот Мемиши, пак, додаде дека проектите се пример за успешна соработка меѓу институциите и локалната заедница, што води кон рамномерен развој и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
No comment yet, add your voice below!