Skip to content

Југоисточниот плански регион кон енергетска независност со нови фотонапонски централи

ДАТУМ

ноември 25, 2024

Категории

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, успешно го реализираше проектот „Енергетски ефикасен регион“ за изградба на фотонапонски централи за општините Радовиш, Конче и Василево, за што на 22.11.2024 година одржа и промотивен настан. На настанот присуствуваа Министерот за локална самоуправа, Г. Златко Перински, Градоначалниците на општините вклучени во проектот, претставници од Министерството и проектната канцеларија, како и други гости.

Министерот Пирински истакна дека ова е многу значаен проект, не само заради намалувањето на потрошувачката на електрична енергија, туку и заради долгорочната енергетска сигурност и зачувување на природната околина. „Тој претставува одличен пример за меѓуопштинска соработка, што може да се примени и во други региони, овозможувајќи подобрување на квалитетот на живот и поддршка за економскиот раст“, посочи Перински.

Директорот на Центарот, Ѓоко Камчев, додаде дека овој проект претставува значаен чекор кон создавање на енергетски независен регион. „Проектот е фокусиран на интеграција на нови софтверски решенија за користење и производство на електрична енергија од алтернативни извори. Дополнително, предвидено е ефикасно следење и пренасочување на произведената енергија каде што е најпотребна во даден момент. Со ова Југоисточниот плански регион поставува пример за тоа како регионите треба да се движат кон одржлив развој,“ истакна Камчев.

Фотонапонските централи ќе придонесат за значително намалување на трошоците за електрична енергија во трите општини. Произведената енергија ќе биде распределена по следниот принцип: 25% за општините Конче и Василево, додека 50% ќе припаѓа на Општина Радовиш. Овие заштеди ќе овозможат општините да ги насочат средствата кон други развојни приоритети, како што се подобрување на образованието и инфраструктурата.

Вкупната инвестиција во проектот изнесува околу 23 милиони денари, со финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа и Швајцарската развојна агенција, како и учество на трите општини.

Проектот е реализиран во рамките на грантовата шема на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – втора фаза.“ Со ваквите иницијативи, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион продолжува да го унапредува квалитетот на животот и да создава услови за одржлив развој во регионот.

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

I accept the Privacy Policy