Овогодинешната тридневна Конференција за отчетност на Центрите за развој на осумте плански региони во Р.С. Македонија се одржува во Гевгелија, со Југоисточниот плански регион како домаќин. Конференцијата ја отвори министерот за локална самоуправа, г-дин Златко Перински, пред аудиториум составен од високи претставници на Швајцарската агенција за развој, Бирото за регионален развој, како и градоначалници од сите региони.
Центарот за развој на Југоисточниот плански регион активно учествуваше на конференцијата, при што беа презентирани сите проекти имплементирани во изминатата година, заедно со тековните активности и идните развојни планови. Вториот ден беше посветен на идентификација и координација на донаторските фондови во рамки на работилницата „Fundraising“, насочена кон пронаоѓање финансиски средства за нови проекти. Завршниот дел од конференцијата беше резервиран за презентација на активностите на Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој за поддршка на рамномерниот регионален развој во 2025 година.
Како и претходните години, и оваа конференција овозможи вмрежување, тим-билдинг, размена на искуства и промоција на регионални вредности и брендови, сето тоа во духот на заедничката мисија за балансиран развој, со цел подобрување на квалитетот на живот на граѓаните – од регионално до национално ниво.
No comment yet, add your voice below!