Почетен состанок на проектот „Зелено за добро“

На 15 октомври 2025 година, во Гевгелија, се одржа почетниот состанок на проектот „Зелено за добро“ (G4G), во организација на партнерот ЧИСС Меѓународна соработка Југ Југ подружница Скопје. На состанокот присуствуваа претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР) како водечки партнер на проектот, заедно со останатите проектни партнери од Грција, Центарот за истражување и технолошки развој – CERTH и Општина Терми.

Настанот го означи официјалниот почеток на имплементацијата на проектот, кој се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија 2021–2027, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.

За време на состанокот, партнерите ги презентираа своите активности и улоги во проектот. Претставниците на Центарот како водечки партнер ги претставија активностите поврзани со координацијата, административното управување и спроведувањето на главната инвестиција – набавка и поставување на шест брзи електрични полначи во општините Валандово, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Дојран и Ново Село.

Посебен дел од агендата беше посветен на посетата на локацијата во Гевгелија, која во рамките на проектот ќе биде трансформирана во Центар за едукација за обновливи извори на енергија. Овој центар ќе служи како место за обука, работилници и активности за подигање на јавната свест за одржлива енергија и заштита на животната средина.

Проектот „Зелено за добро“ има за цел да поттикне развој на нискојаглеродна економија, да ја зајакне употребата на обновливи извори на енергија и да придонесе за одржлив туризам и зелена транзиција во прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија и Грција.

Со заеднички активности и партнерства, проектот придонесува кон остварување на целите на Европскиот зелен договор и создавање на почиста, поотпорна и одржлива иднина за регионот.

Работен состанок за имплементација на проектот SEBCoVE – Паметна електрична енергија за згради

На 14 октомври 2025 година во Скопје се одржа целодневен работен состанок посветен на имплементацијата на проектот SEBCoVE (Smart Electric Buildings Competence Vocational Excellence), финансиран преку Erasmus+ програма на Европската комисија – Брисел, со вкупна вредност од 3,7 милиони евра.

На состанокот активно учествуваа тимовите на трите партнерски институции: Емкице, Југоисточен плански регион и ССКМ. На средбата се разгледаа изминатите активности, тековните обврски и финансиската документација за новата транша на буџетот, како и приоритетите за следните девет месеци од спроведувањето на проектот.

Како домаќин на настанот, новоизбраниот претседател на ССКМ, г. Горан Ѓорѓиевски, го презентираше новото раководство на Комората, новоформираните работни тела и групации, како и клучните насоки во кои ќе се развива организацијата. Особено внимание беше посветено на потребата за едукација и сертификација на нови профили на стручен кадар, кои се дефицитарни на пазарот на труд и претставуваат важен сегмент за економски раст – во согласност со целите на проектот SEBCoVE.

Од страна на Југоисточниот плански регион се презентираа финансиските аспекти и регионалните потреби за развој на компетенции во секторите енергетика, електроника и електрика, при што беа истакнати 12-те модули за обука кои ќе резултираат со европски сертификати.

Националниот координатор на проектот, г. Илија Вучков, даде преглед на реализираните и планираните активности, како и идните чекори поврзани со формалното воспоставување на CoVE – Centre of Vocational Excellence. Овој центар ќе претставува регионален екосистем кој ги обединува образовните институции, бизнис секторот и јавните институции со цел развој на иновативни програми за обука, практична работа и нови услуги во областа на паметната електрична енергија за згради.

CoVE ќе понуди:
* ко-дизајн на наставни програми заедно со компаниите
* пилот проекти и практична работа во реални компании
* мобилности и стажирања за ученици и наставници
* воведување европски стандарди и следење на резултати
* поддршка за стартапи и иновации и пристап до ЕУ финансирање

Во финална фаза е подготовката на 12 сертифицирани обуки, а наскоро ќе биде објавен јавен повик за *експерти, предавачи и млади професионалци кои ќе може да се вклучат во реализацијата на програмите. Почетокот на курсевите е закажан за ноември 2025 година, а учесниците ќе имаат можност да стекнат европски признати сертификати во области како што се:

* дигитализација и автоматизација
* обновливи извори на енергија
* системи за складирање и анализа на енергија
* инсталација на електрични мрежи и EV станици
* управување со одржливост и енергетска ефикасност

Проектот SEBCoVE претставува значаен чекор кон создавање на стручна работна сила подготвена да одговори на предизвиците на енергетската транзиција и да придонесе за одржлив економски развој на Република Македонија.

Прв состанок на Регионалната група на засегнати страни за проектот SIJMA

Како општествените иновации во комбинација со претприемништвото можат да отворат нови можности за вработување и одржлив развој – беше во фокусот на првиот состанок на Регионалната група на засегнати страни за проектот SIJMA.

Состанокот се одржа на 6 октомври 2025 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, и ги обедини претставниците на локалната самоуправа, бизнис секторот и граѓанските организации. Проектниот тим ги пренесе искуствата и добрите практики од регионот Астуриас во Шпанија, по што следеше отворен дијалог и размена на идеи со учесниците за идентификација на локалните потреби, дефинирање приоритети и создавање препораки за понатамошен економски и социјален развој.

🎯 Зошто општествени иновации во Југоисточниот регион?

Како што беше истакнато на состанокот, општествените иновации се клучен инструмент за применување на нови, креативни и одржливи решенија за социјалните, економските, демографските и еколошките предизвици со кои се соочува регионот.

Тие овозможуваат мобилизација на локалните заедници, граѓанските организации и јавните институции во заедничко решавање на проблемите и развивање на инклузивни модели на локален развој што придонесуваат за подобар квалитет на живот.

Главниот предизвик за Југоисточниот регион е унапредување на локалните и регионалните политики што поттикнуваат општествена иновација, младинско учество и претприемништво – со цел создавање нови можности за вработување, особено за младите и ранливите групи, како и јакнење на социјалната кохезија во руралните и помалку развиени општини.

Развојот на социјалното претприемништво има особено значење за регионот, бидејќи им овозможува на локалните заедници да креираат одржливи економски активности кои ги комбинираат општествените и еколошките цели со економската одржливост, придонесувајќи кон долгорочен и рамномерен регионален развој.

💡 Поврзаност со Програмата за развој на Југоисточниот плански регион

Во фокус на проектот е и Програмата за развој на Југоисточниот плански регион – клучен документ што ги дефинира стратешките приоритети и насоки за развој на регионот.

Преку SIJMA, во Програмата ќе се вградат нови содржини и конкретни мерки инспирирани од европски искуства, со што таа ќе стане практична алатка за подобрување на условите за работа и живот, а не само формален документ.

Овој пристап овозможува европските добри практики да се прилагодат на локалниот контекст, поттикнувајќи одржливи решенија, партнерства и иновации во регионот.

🔍 Главни цели на проектот SIJMA

Проектот има за цел да ги подобри политичките инструменти што ја поттикнуваат општествената иновација и претприемништвото, особено меѓу младите.

Планираните активности вклучуваат:
• Промовирање на општествените иновации во различни економски сектори;
• Креирање можности за вработување во Југоисточниот регион преку идни јавни повици и финансирања;
• Размена и пренесување на добри практики меѓу европски региони;
• Подобрување на политиките за поддршка на социјалното претприемништво.

🤝 SIJMA – Социјални иновации за можности за работа и развој во рударските региони во транзиција е проект финансиран преку програмата Interreg Europe, кој го спроведуваат Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и Блинк 42-21, во партнерство со организации од Шпанија, Унгарија, Германија и Грција.