Прва работилница во рамки на проектот Зелено за добро G4G – одржана во Солун

На 23 март 2026 година, во просториите на CERTH во Солун се одржа првата работилница на проектот „Зелено за добро“ (G4G), организирана од страна на Центарот за истражување и технологија, Hellas.

На настанот присуствуваа партнерите на проектот – Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, ЧИСС Меѓународна соработка Југ Југ подружница Скопје, Центарот за истражување и технологија Хелас и Општина Терми – кои заедно со другите учесници придонесоа кон конструктивна размена на ставови и предлози за одржлив туризам.

Работилницата опфати презентации и интерактивна студија на случај, фокусирана на Солун како стратешка туристичка дестинација, создавајќи простор за дискусија, размислување и споделување практични идеи. Учесниците истражуваа како туризмот може да се развива на поурамнотежен и поодржлив начин, а притоа да одговори и на потребите на локалните заедници и посетителите.

Како прва работилница организирана во рамките на проектот G4G, настанот означи значаен почеток на оваа серија активности и ја истакна вредноста на соработката, размената на знаење и заедничкото дејствување кон поодржливи и поотпорни заедници.

Успешно реализирана прес-конференција за проектот „Зелено за добро“ (G4G)

На 04 март 2026 година, во Хотел „Сириус“ – Струмица, се одржа првата прес-конференција за проектот „Зелено за добро“ (Green for Good – G4G), што се реализира во рамки на Интеррег VI-A ИПА Програмата „Грција – Северна Македонија 2021–2027“. Проектот е кофинансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.
Настанот беше организиран од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, со присуство на претставници на проектот, институции, владини претставници и медиуми.
Изјави за медиумите дадоа Златко Перински – министер за локална самоуправа, Петар Јанков – претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион / градоначалник на Општина Струмица и Јован Коцев – в.д. директор на ЦРЈИПР, по што следуваа нивни поздравни обраќања, заедно со обраќање од Горан Бошков – претставник од CISS. Во своето обраќање, в.д. директорот на ЦРЈИПР, Јован Коцев, истакна: „Вредноста на овој проект, не е само во поединечните активности туку и во основата што ја поставува за долгорочни промени. Тој го зајакнува капацитетот на регионот да планира и да инвестира стратешки, со подобра координација меѓу општините и усогласување со националните политики и европските програми.“
Во продолжение беше презентиран проектот „Зелено за добро“ (G4G) и беше прикажано промотивно видео. Проектот е насочен кон намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот; поголема употреба на обновлива енергија и воведување на паметно управување со енергијата; унапредување на одржлива мобилност; развој на зелена урбана инфраструктура и еколошко образование; како и зајакнување на прекуграничната соработка преку заеднички иницијативи и структури на управување.
Во рамки на проектот се планираат и конкретни активности и инвестиции, меѓу кои поставување на 8 станици за брзо полнење електрични возила во прекуграничниот регион, инсталација на фотоволтаични системи во повеќе општини и воспоставување Центри за зелено образование со цел долгорочни и одржливи придобивки за заедницата.
Настанот заврши со сесија прашања и одговори и конструктивна дискусија за наредните активности и следните чекори во имплементацијата на проектот.

           

Почетен состанок на проектот „Зелено за добро“

На 15 октомври 2025 година, во Гевгелија, се одржа почетниот состанок на проектот „Зелено за добро“ (G4G), во организација на партнерот ЧИСС Меѓународна соработка Југ Југ подружница Скопје. На состанокот присуствуваа претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР) како водечки партнер на проектот, заедно со останатите проектни партнери од Грција, Центарот за истражување и технолошки развој – CERTH и Општина Терми.

Настанот го означи официјалниот почеток на имплементацијата на проектот, кој се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија 2021–2027, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.

За време на состанокот, партнерите ги презентираа своите активности и улоги во проектот. Претставниците на Центарот како водечки партнер ги претставија активностите поврзани со координацијата, административното управување и спроведувањето на главната инвестиција – набавка и поставување на шест брзи електрични полначи во општините Валандово, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Дојран и Ново Село.

Посебен дел од агендата беше посветен на посетата на локацијата во Гевгелија, која во рамките на проектот ќе биде трансформирана во Центар за едукација за обновливи извори на енергија. Овој центар ќе служи како место за обука, работилници и активности за подигање на јавната свест за одржлива енергија и заштита на животната средина.

Проектот „Зелено за добро“ има за цел да поттикне развој на нискојаглеродна економија, да ја зајакне употребата на обновливи извори на енергија и да придонесе за одржлив туризам и зелена транзиција во прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија и Грција.

Со заеднички активности и партнерства, проектот придонесува кон остварување на целите на Европскиот зелен договор и создавање на почиста, поотпорна и одржлива иднина за регионот.