На 04 март 2026 година, во Хотел „Сириус“ – Струмица, се одржа првата прес-конференција за проектот „Зелено за добро“ (Green for Good – G4G), што се реализира во рамки на Интеррег VI-A ИПА Програмата „Грција – Северна Македонија 2021–2027“. Проектот е кофинансиран од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.
Настанот беше организиран од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, со присуство на претставници на проектот, институции, владини претставници и медиуми.
Изјави за медиумите дадоа Златко Перински – министер за локална самоуправа, Петар Јанков – претседател на Советот за развој на Југоисточниот плански регион / градоначалник на Општина Струмица и Јован Коцев – в.д. директор на ЦРЈИПР, по што следуваа нивни поздравни обраќања, заедно со обраќање од Горан Бошков – претставник од CISS. Во своето обраќање, в.д. директорот на ЦРЈИПР, Јован Коцев, истакна: „Вредноста на овој проект, не е само во поединечните активности туку и во основата што ја поставува за долгорочни промени. Тој го зајакнува капацитетот на регионот да планира и да инвестира стратешки, со подобра координација меѓу општините и усогласување со националните политики и европските програми.“
Во продолжение беше презентиран проектот „Зелено за добро“ (G4G) и беше прикажано промотивно видео. Проектот е насочен кон намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот; поголема употреба на обновлива енергија и воведување на паметно управување со енергијата; унапредување на одржлива мобилност; развој на зелена урбана инфраструктура и еколошко образование; како и зајакнување на прекуграничната соработка преку заеднички иницијативи и структури на управување.
Во рамки на проектот се планираат и конкретни активности и инвестиции, меѓу кои поставување на 8 станици за брзо полнење електрични возила во прекуграничниот регион, инсталација на фотоволтаични системи во повеќе општини и воспоставување Центри за зелено образование со цел долгорочни и одржливи придобивки за заедницата.
Настанот заврши со сесија прашања и одговори и конструктивна дискусија за наредните активности и следните чекори во имплементацијата на проектот.


No comment yet, add your voice below!