На 15 октомври 2025 година, во Гевгелија, се одржа почетниот состанок на проектот „Зелено за добро“ (G4G), во организација на партнерот ЧИСС Меѓународна соработка Југ Југ подружница Скопје. На состанокот присуствуваа претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР) како водечки партнер на проектот, заедно со останатите проектни партнери од Грција, Центарот за истражување и технолошки развој – CERTH и Општина Терми.
Настанот го означи официјалниот почеток на имплементацијата на проектот, кој се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка Интеррег ИПА Грција – Северна Македонија 2021–2027, кофинансирана од Европската Унија и националните фондови на земјите учеснички.
За време на состанокот, партнерите ги презентираа своите активности и улоги во проектот. Претставниците на Центарот како водечки партнер ги претставија активностите поврзани со координацијата, административното управување и спроведувањето на главната инвестиција – набавка и поставување на шест брзи електрични полначи во општините Валандово, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Дојран и Ново Село.
Посебен дел од агендата беше посветен на посетата на локацијата во Гевгелија, која во рамките на проектот ќе биде трансформирана во Центар за едукација за обновливи извори на енергија. Овој центар ќе служи како место за обука, работилници и активности за подигање на јавната свест за одржлива енергија и заштита на животната средина.
Проектот „Зелено за добро“ има за цел да поттикне развој на нискојаглеродна економија, да ја зајакне употребата на обновливи извори на енергија и да придонесе за одржлив туризам и зелена транзиција во прекуграничниот регион меѓу Северна Македонија и Грција.
Со заеднички активности и партнерства, проектот придонесува кон остварување на целите на Европскиот зелен договор и создавање на почиста, поотпорна и одржлива иднина за регионот.



No comment yet, add your voice below!