Јавен повик за учество на Камп за претприемништво и иновации за млади 2022

Имате претприемачки дух и иновативна деловна идеја?

Сакате да ги унапредите вашите претприемачки вештини?

 

Кампот за претприемништво и иновации за млади 2022 отвора

повик за 19 претприемачи кои можат да придонесат за развојот на Југоисточниот регион

 

Камп за претприемништво и иновации за млади 2022

26 септември – 2 октомври 2022, Дојран

 

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион заедно со Petreski&Partners организираат Камп за претприемништво и иновации за млади кој ќе се одржи од 26 септември – 2 октомври 2022 во Дојран.

Кампот се организира во рамките на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – Би Ин“ финансиран од Европска Унија и националните фондови на земјите учеснички преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Р. Северна Македонија.

Главна цел на кампот е да го поттикне претприемачкиот дух и иновативноста кај младите луѓе од Југоисточниот регион и да ги зајакне нивните капацитети неопходни за развивање сопствен бизнис.

 

Што ќе научиш?

Кампот за претприемништво и иновации за млади 2022 овозможува развој на специфични вештини непоходни за основање сопствен бизнис. Учесниците ќе имаат можност да научат повеќе за претприемништвото и иновативните деловни практики, да ги унапредат своите претприемачки вештини и да развијат соодветен деловен план преку практична и интерактивна програма.

Учесниците ќе имаат можност да учат од искусни ментори и успешни претприемачи, да слушнат успешни деловни приказни и да добијат соодветни совети и препораки како да ја развијат својата деловна идеја. Исто така, учесниците ќе научат како да подготват деловен план за својата деловна идеја и како истата да ја претстават.

Покрај ова, Кампот за претприемништво и иновации за млади 2022 овозможува вмрежување на учесниците, запознавање со други талентирани млади луѓе од регионот преку забавни и мотивирачки содржини и активности.

 

Услови за учество

Условите што треба да ги исполнувате доколку сакате да учествувате на кампот се:

1) да сте на возраст помеѓу 18-29 години;

2) да живеете во некоја од десетте општини кои го сочинуваат Југоисточниот плански регион.

Селекцијата на најдобрите 19 кандидати ќе биде според квалитетот и иновативноста на вашите одговори за деловната идеја што ја имате, областа во која сакате да работите или проблемот што сакате да го решите.

По завршувањето на кампот, како поддршка за нивниот понатамошен деловен развој, сите учесници ќе добијат на подарок Книга за претприемништво, а најдобрите од нив ќе имаат можност бесплатно да го користат Заедничкиот работен простор кој се наоѓа во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица.

Воедно, сите учесници на кампот ќе имаат можност да бидат дел од тридневното студиско патување во Грција, кое дополнително ќе се организира во рамките на проектот и на кое учесниците ќе имаат можност да посетат бизнис старт-ап центри, бизнис акцелератори и успешни претприемачи од другата страна на границата, со цел понатамошен развој на претприемачките способности.

 

Начин на пријавување

Пополнете го формуларот за пријавување на следниов линк: https://forms.gle/94Vf7ZXis5Bt7GGFA.

Рокот за пријавување е до 20 септември 2022 година.

 

За повеќе информации

Petreski&Partners: тел. за контакт 075/347-712,  е-маил: bootcampei.2022@gmail.com  или

Центар за развој на Југоисточниот плански регион: Марјан Молчанов – проектен асистент, тел. 072/223-628, е-маил: marjan.molchanov@rdc.mk.

ИНФОРМАТИВЕН ВОДИЧ – ЗБИРКА НА ДОБРИ ПРАКТИКИ ЗА СПРАВУВАЊЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ ВО ЗАЕДНИЦИТЕ

Негативните последици настанати како резултат на климатските промени се одвиваат на глобално ниво и се повеќе влијаат врз секојдневниот живот на луѓето.

Размената на добри практики и искуство помеѓу локалните заедници и регионите во различни земји во областа на справување со последиците од климатските промени е клучна за постигнување одржливи резултати, како на локално, така и на регионално и национално ниво, со што се овозможува да се идентификуваат потребите, изводливите решенија, како и истите да се применат кога тоа е потребно.

Токму во таа насока, Центарот за развој на Југисточниот плански регион во партнерство со општина Сандански изработи Информативен водич – Збирка на добри практики за справување со последиците од климатските промени во заедниците, во рамки на проектот „Заеднички активности за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш“ кофинансиран од Европската Унија преку Интеррег-ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија” 2014- 2020.

Во Информативниот водич, потенцирана е важноста на добрите практики и реализирани проекти со различни мерки за прилагодување кон климатските промени и ризици како што се поплава, ерозија, суша итн. Избраните примери за добри практики вклучуваат успешни проекти од Бугарија и од Северна Македонија, како и европски и меѓународни примери за активности за ублажување на последиците од климатски промени и проекти кои се фокусираат на потребата од примена на т.н. зелена инфрастуктура како одржлива мерка за борба против ефектите и спречување на ризиците поврзани со климатските промени.

Преку овој Информативен водич, локалните и регионалните чинители можат да се осврнат на идеи за подобрување на квалитетот на нивните проекти, програми и политики за борба против ефектите од климатските промени и да обезбедат одржлив развој на локалните заедници и региони.

Информативниот водич како двојазичен документ на македонски и англиски јазик во печатена форма е достапен во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а во електронска форма на следниот линк: https://www.jointactions.eu/mk/publications.