Ново специјализирано комунално возило за унапредување на комуналните услуги во Општина Струмица

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион на 29 октомври 2026 година изврши примопредавање на ново специјализирано комунално возило од марката Ford Trucks 1833DC, наменето за подобрување на комуналните услуги и унапредување на системот за управување со отпад на територијата на Општина Струмица.

Набавката на возилото е реализирана во рамки на проектот „Модернизација на регионот – набавка на специјализирани возила“, кој се спроведува од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, со финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа – Бирото за регионален развој, преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2026 година, со кофинансирање од Општина Струмица.

Примопредавањето се реализираше во просториите на јавното комунално претпријатие во Струмица, со што се создаваат услови за понатамошно зајакнување на техничките и оперативните капацитети за обезбедување поквалитетни и поефикасни комунални услуги.

Новото специјализирано возило е наменето за собирање и транспорт на комунален отпад и ќе придонесе за подобрување на организацијата и ефикасноста на комуналните служби, како и за поефективно одржување на јавната хигиена во урбаните и руралните населени места на територијата на Општина Струмица.

Со реализацијата на оваа инвестиција се очекува постигнување на повеќе значајни придобивки, меѓу кои зголемување на ефикасноста при собирањето и транспортот на комуналниот отпад, подобрување на јавната чистота, намалување на ризикот од создавање диви депонии и унапредување на заштитата на животната средина.

Дополнително, модернизацијата на комуналната инфраструктура ќе овозможи подобро искористување на расположливите ресурси, унапредување на квалитетот на услугите што им се обезбедуваат на граѓаните и создавање поздрава и почиста животна средина.

Оваа инвестиција претставува уште еден конкретен чекор кон остварување на целите за рамномерен регионален развој, преку поддршка на општините во подобрувањето на локалната инфраструктура, јакнењето на јавните услуги и воспоставувањето поодржливи практики во управувањето со комуналниот отпад.

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и во наредниот период ќе продолжи со реализација на проекти и инвестиции насочени кон модернизација на регионалната и локалната инфраструктура, подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и поттикнување на одржливиот развој на Југоисточниот плански регион.

Преку проектот „Heart Safe CBA“ до посилни здравствени капацитети и побезбедна прекугранична заедница

На 29.10.2026 година во Струмица се одржа прес-конференција на која беше претставен проектот „Heart Safe CBA – Towards a Cross-Border Area Safe for the Heart“ на која беа присутни претставници на медиумите, Здравствените домови од Југоисточниот регион, Црвен крст и општините.
На настанот беа презентирани целите, партнерството, планираните активности и очекуваните резултати од проектот, кој се реализира во рамките на програмата Interreg VI-A IPA Грција – Северна Македонија 2021–2027, со финансиска поддршка од Европската Унија и националните фондови.
Проектот е насочен кон подобрување на подготвеноста за навремена и ефикасна реакција при срцев застој и други животозагрозувачки состојби, преку едукација, современа медицинска опрема и унапредување на практичните капацитети на здравствените служби.
Една од најзначајните компоненти предвидува обука на повеќе од 1.200 здравствени работници, граѓани и волонтери за примена на техники за спасување животи, основно и напредно одржување во живот и соодветно постапување во итни медицински ситуации.
Покрај едукативните активности, проектот опфаќа и набавка на современа медицинска опрема, вклучително и амбулантни возила, дефибрилатори и електрокардиографи, како и воспоставување капацитети за медицинска симулација и практична обука.
Проектот се реализира преку партнерство на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Универзитетската болница АХЕПА од Солун и Хеленското здружение за итна претхоспитална медицинска грижа (HSEPC). Преку здружување на институционалното и медицинското искуство од двете земји, партнерите работат на создавање подобро подготвен и поотпорен прекуграничен регион.
„Знаењето спасува животи. Секоја секунда е важна.“ е пораката што ја отсликува суштината на проектот и неговата определба – навремената реакција, обучените луѓе и соодветната медицинска опрема да станат достапни и ефикасни ресурси во заштитата на човечкиот живот.

Претставници од Југоисточниот плански регион учествуваа на меѓурегионална средба во Кожани, Грција

На 20 и 21 октомври 2026 година, претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион учествуваа на третата меѓурегионална средба во Кожани, Грција, организирана во рамките на проектот СИЈМА – „Социјални иновации за можности за работа и развој во рударските области во транзиција низ Европа“. Средбата беше посветена на социјалните иновации, претприемништвото и создавањето можности за вработување во рударските региони кои се наоѓаат во процес на економска и општествена транзиција.

Во текот на дводневната програма, партнерите од Македонија, Грција, Германија, Шпанија и Унгарија разменија искуства, добри практики и идеи за справување со предизвиците поврзани со губењето работни места, одливот на кадри и иселувањето на младите од регионите погодени од транзициските процеси.

Учесниците реализираа студиски посети на Центарот за развој на вештини и вработување во Кожани, Социјалниот Хаб (Insocial Hub), Регионалниот фонд за развој и Универзитетот на Западна Македонија. Преку презентации и директни средби со претставници на овие институции, учесниците имаа можност да се запознаат со успешни модели за поддршка на социјалната економија, развој на вештини, социјално претприемништво и локални иновациски иницијативи.

Посебно внимание беше посветено на улогата на партнерствата помеѓу институциите, образовниот сектор, граѓанските организации и бизнис заедницата во создавањето одржливи можности за локален развој и вработување. Во рамките на тематските работилници се дискутираше и за начините на кои социјалните иновации можат да придонесат кон создавање нови работни места и подобрување на квалитетот на живот во заедниците што се соочуваат со транзициски предизвици.

Стекнатите знаења и искуства ќе придонесат кон унапредување на регионалните политики и иницијативи во Југоисточниот плански регион, со фокус на поддршка на претприемништвото, развојот на вештини, социјалните иновации и создавањето подобри можности за младите луѓе.

Проектот СИЈМА е кофинансиран од програмата Интеррег Европа и има за цел да ја поттикне меѓурегионалната соработка и размената на искуства за подобрување на политиките за развој во регионите во транзиција низ Европа.

Искуствата од Лајпциг и Борна во фокусот на вториот состанок на Регионалната група на засегнати страни во рамките на проектот СИЈМА

На 6 октомври 2026 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, се одржа вториот состанок на Регионалната група на засегнати страни во рамките на проектот СИЈМА – Социјални иновации за можности за работа и развој во рударските области во транзиција низ Европа, кој се спроведува во рамките на програмата Интеррег Европа.

На состанокот учествуваа претставници од општините од Југоисточниот плански регион и претставници од невладиниот сектор, а во фокусот на состанокот беа искуствата, сознанијата и добрите практики од меѓурегионалната студиска посета и тематските активности во Лајпциг и Борна, Германија, со посебен осврт на начинот на кој поранешните рударски подрачја се справуваат со структурните промени и создаваат нови развојни можности.

Германските искуства беа разгледани и во контекст на Југоисточниот плански регион, со посебен фокус на рударските подрачја во Радовиш и Конче. Во рамките на стручната презентација „Техничка стратегија за трансформација по рударството – Примена на германските иновации по рударството (Борна/Лајпциг) во рударските зони на Радовиш и Конче“, беа презентирани можности за поврзување на искуствата од Германија со регионалните предизвици и потенцијали.

Посебно внимание беше посветено на поранешниот рудник Дамјан, заштитата и управувањето со водните ресурси, рекултивацијата на рударските подрачја, како и на потенцијалите на езерото Мантово во однос на земјоделството, водоснабдувањето, рекреацијата и туризмот. По презентацијата следеше отворена дискусија, во која учесниците разменија мислења за можностите за примена и прилагодување на дел од презентираните пристапи кон условите и потребите на Југоисточниот плански регион.

Преку ваквите средби, проектот СИЈМА овозможува учење од европските искуства и нивно поврзување со локалниот контекст, истовремено поттикнувајќи соработка меѓу локалните власти, граѓанскиот сектор и другите релевантни чинители.

Искуствата и заклучоците од меѓурегионалната размена помеѓу партнерските региони од Северна Македонија, Шпанија, Германија, Грција и Унгарија ќе претставуваат основа за понатамошната работа во рамките на проектот и за идентификување на можни пристапи и мерки за одржлив економски и социјален развој на подрачјата кои се соочуваат со структурни промени поврзани со рударството.

     

50 здравствени работници обучени за навремена реакција во животозагрозувачки ситуации

Знаењето и брзата реакција можат да бидат пресудни кога секоја секунда е важна. Токму на навременото препознавање и соодветното постапување во животозагрозувачки ситуации беше посветена дводневната Intermediate Life Support (ILS) обука, која успешно заврши во Струмица со учество на 50 здравствени работници од Југоисточниот регион.

Обуката се одржа на 30 септември и 1 октомври во хотел „Сириус“, во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР), во рамки на проектот „Heart Safe CBA – Towards a Cross-Border Area Safe for the Heart“, кофинансиран од Interreg VI-A IPA CBC Greece – North Macedonia 2021–2027 Programme.

Лекари, медицински сестри и други здравствени работници во текот на двата дена работеа со четворица обучувачи од грчките проектни партнери, комбинирајќи теоретска настава со практични вежби и симулации на итни медицински состојби. Фокусот беше ставен на развивање на практични вештини за рано препознавање на состојбата на пациентот, навремено започнување на соодветна интервенција и ефикасно постапување во ситуации во кои брзината и координацијата се од особено значење.

Работата во мали групи им овозможи на учесниците стекнатото теоретско знаење да го применат во симулирани сценарија, со што обуката беше насочена не само кон стекнување знаење, туку и кон неговата практична примена во реални услови.

„Heart Safe CBA“ преку ваквите активности придонесува кон унапредување на капацитетите на здравствените работници и подобрување на подготвеноста за итни медицински ситуации во прекуграничниот регион.

ILS обуката е дел од пошироката серија активности на проектот, преку кои партнерите од Северна Македонија и Грција работат на јакнење на здравствените капацитети и развивање на побезбедна прекугранична област.

Heart Safe CBA – Towards a Cross-Border Area Safe for the Heart.