Skip to content

Искуствата од Лајпциг и Борна во фокусот на вториот состанок на Регионалната група на засегнати страни во рамките на проектот СИЈМА

ДАТУМ

октомври 7, 2026

Категории

На 6 октомври 2026 година, во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица, се одржа вториот состанок на Регионалната група на засегнати страни во рамките на проектот СИЈМА – Социјални иновации за можности за работа и развој во рударските области во транзиција низ Европа, кој се спроведува во рамките на програмата Интеррег Европа.

На состанокот учествуваа претставници од општините од Југоисточниот плански регион и претставници од невладиниот сектор, а во фокусот на состанокот беа искуствата, сознанијата и добрите практики од меѓурегионалната студиска посета и тематските активности во Лајпциг и Борна, Германија, со посебен осврт на начинот на кој поранешните рударски подрачја се справуваат со структурните промени и создаваат нови развојни можности.

Германските искуства беа разгледани и во контекст на Југоисточниот плански регион, со посебен фокус на рударските подрачја во Радовиш и Конче. Во рамките на стручната презентација „Техничка стратегија за трансформација по рударството – Примена на германските иновации по рударството (Борна/Лајпциг) во рударските зони на Радовиш и Конче“, беа презентирани можности за поврзување на искуствата од Германија со регионалните предизвици и потенцијали.

Посебно внимание беше посветено на поранешниот рудник Дамјан, заштитата и управувањето со водните ресурси, рекултивацијата на рударските подрачја, како и на потенцијалите на езерото Мантово во однос на земјоделството, водоснабдувањето, рекреацијата и туризмот. По презентацијата следеше отворена дискусија, во која учесниците разменија мислења за можностите за примена и прилагодување на дел од презентираните пристапи кон условите и потребите на Југоисточниот плански регион.

Преку ваквите средби, проектот СИЈМА овозможува учење од европските искуства и нивно поврзување со локалниот контекст, истовремено поттикнувајќи соработка меѓу локалните власти, граѓанскиот сектор и другите релевантни чинители.

Искуствата и заклучоците од меѓурегионалната размена помеѓу партнерските региони од Северна Македонија, Шпанија, Германија, Грција и Унгарија ќе претставуваат основа за понатамошната работа во рамките на проектот и за идентификување на можни пристапи и мерки за одржлив економски и социјален развој на подрачјата кои се соочуваат со структурни промени поврзани со рударството.

     

Споделeте:

Email
Facebook
Twitter
LinkedIn
WhatsApp
Telegram

No comment yet, add your voice below!


Add a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

I accept the Privacy Policy