На 25 ноември 2026 година, во Струмица, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ја организираше втората регионална работилница во рамки на процесот на изработка на Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за периодот 2027–2031 година.
Работилницата беше насочена кон унапредување на процесот на стратешко планирање, усогласување на развојните приоритети и дефинирање конкретни мерки, активности и проекти кои ќе придонесат за одржлив, рамномерен и инклузивен развој на регионот во следниот петгодишен период.
Во рамки на работилницата беа предвидени презентација на ревидираната Визија за развој на Југоисточниот плански регион до 2031 година, како и разгледување на стратешките цели и приоритети, дополнети врз основа на предлозите и дискусиите од првата регионална работилница.
Посебен фокус беше ставен на четири клучни стратешки области:
- Конкурентна и иновативна економија, современо земјоделство, претприемништво и развој на целогодишен туризам;
- Територијално балансиран и инфраструктурно поврзан регион со квалитетни и достапни јавни услуги;
- Демографски отпорен и социјално инклузивен регион, со квалитетно образование, можности за младите и достапни здравствени и социјални услуги;
- Зелен и климатски отпорен регион, со заштитени природни ресурси, енергетска ефикасност и одржливо управување со отпадот.
Преку партиципативен пристап, групна работа и дискусија, работилницата беше насочена кон вклучување на претставниците на општините, јавните институции, приватниот сектор и граѓанските организации во процесот на идентификување конкретни развојни мерки и проектни иницијативи од регионално значење.
Значаен дел од работилницата беше посветен на подготовката на Акцискиот план за спроведување на Програмата, дефинирањето на очекуваните резултати и мерливите показатели на успешност, утврдувањето на одговорностите, временската рамка, потребните финансиски средства и потенцијалните извори на финансирање, со особено внимание на принципите на родово одговорно буџетирање.
Втората регионална работилница претставува значаен чекор кон подготовката на сеопфатен стратешки документ кој ќе ги одразува реалните потреби, предизвици и развојни потенцијали на сите десет општини во Југоисточниот плански регион.
Центарот за развој на Југоисточниот плански регион продолжува со активности за воспоставување транспарентен, инклузивен и партиципативен процес на регионално планирање, преку активно вклучување на сите релевантни засегнати страни и зајакнување на меѓуопштинската и меѓусекторската соработка.
Заеднички планираме за поконкурентен, позелен, поинклузивен и поразвиен Југоисточен плански регион до 2031 година.
Активноста се реализира во рамки на процесот на подготовка на Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за 2027–2031 година, со поддршка на Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија и Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

No comment yet, add your voice below!