Во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица се одржа IV седница на Советот за развој на Југоисточниот плански регион, со која претседаваше градоначалникот Петар Јанков.
На седницата беа разгледани и усвоени повеќе точки од значење за понатамошниот развој на регионот, со посебен акцент на актуелните отворени повици за финансирање на проекти од национален интерес.
Советот го разгледа Повикот за финансирање предлог-проекти за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, објавен од Министерството за локална самоуправа, со вкупен буџет од 74.840.000 денари, наменет за сите осум центри за развој во Република Северна Македонија. По разгледување на приоритетите, членовите на Советот едногласно донесоа одлука за аплицирање со проект за набавка на комунално возило за општина Валандово.
Воедно беше разгледан и повикот од Бирото за регионален развој, со вкупен износ од 81.545.150 денари за финансирање проекти во планските региони. Согласно Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеност за периодот 2024–2028 година, за Центарот за развој на ЈИПР се предвидени околу 10.200.000 денари. Во рамки на овој повик беше донесена одлука за аплицирање со проект за набавка на комунално возило за општина Струмица, како и проект за изградба на пат во населеното место Старо Владиевци, до црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во општина Василево.
Сите општини ќе учествуваат со сопствено кофинансирање, со што дополнително се потврдува заедничката посветеност кон реализација на приоритетните проекти.
Со донесените одлуки, Советот ја нагласи потребата од координиран и стратешки пристап во користењето на расположливите финансиски средства, со цел унапредување на инфраструктурата, подобрување на комуналните услуги и обезбедување рамномерен развој на целиот Југоисточен плански регион.

No comment yet, add your voice below!