ИЗРАБОТЕНА СТУДИЈА ЗА АНАЛИЗА НА ПРЕТПРИЕМАЧКИОТ ЕКОСИСТЕМ ВО ЈУГОИСТОЧНИОТ РЕГИОН

Во рамките на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – Be In“, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во соработка со Гешталт Солушнс  имплементираше серија истражувања во неколку клучни области кои имаат големо влијание врз претприемачката активност и иновативноста во регионот, кои резултираа со креирање на Студија за анализа на претприемачкиот екосистем во Југоисточниот плански регион.

Во рамките на Студијата, се анализираат предностите и слабостите на работната сила во Југоисточниот плански регион. Преку низа прашања анализата дава преглед за тоа дали работниците активно бараат работа, кои се нивните лични карактеристики и кои вештини и работно искуство ги поседуваат. Истовремено, оваа анализа нуди насоки за подобрување на работните услови и развој на современи вештини, што се потребни за напредок во современите бизниси.

Еден од основните аспекти на Студијата вклучува и истражување на претприемачките капацитети и вештини на сегашните и потенцијалните претприемачи во Југоисточниот плански регион кое обезбедува важни информации за растот и потенцијалните можности за иновации во регионот.

Дополнително, Студијата опфаќа и разработка на низа прашања односно длабински интервјуа со менаџери и одговорни лица од мали и средни компании во регионот, кои ги проучуваат предизвиците и можностите кои ги искусуваат бизнисите во регионот, прикажувајќи една карта за состојбата на претприемачката сцена во Југоисточниот регион.

Заклучоците од сите истражувањата меѓудругото покажуваат дека претпријатијата од Југоисточниот плански регион успешно се адаптираат на кризи преку усвојување на нови технологии и практики. Тие најмногу се фокусираат на онлајн маркетинг, продажба и анализа на податоци. Интересен е фактот што ваквата сосотјба на дигитализација на компаниите продолжува и по Ковид кризата, што го прикажува потенцијалот на компаниите од регионот за континуиран раст и развој.

На крајот од Студијата се дадени и препораки за поддршка на микро, малите и средните компании од Југоисточниот плански регион кои вклучуваат активности за поддршка за поголема промоција на претприемништво, организирање на обуки, развој на финансиски и нефинансиски програми, како и воведување на информативни системи за грантови и менторски програми за старт-ап компании. Целта е да се зголеми иновативноста и да се унапреди развојот на МСП во регионот.

Студијата за анализа на претприемачкиот екосистем во Југоисточниот плански регион е достапна на следниот линк: .

Младите претприемачи со нови знаења се вратија од Студиското патување во Грција

Во организација на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а со цел запознавање со можностите за студирање, отворање на бизниси, вмрежување и остварување на соработка во прекуграничниот регион, беше организирано Студиско патување во периодот од 14 до 16 Декември 2022 година на кое учествуваа 19 млади луѓе, сегашни и идни претприемачи од Југоисточниот регион.

Во рамките на тридневното Студиско патување учесниците имаа можност да ги посетат Иновативната зона Александрија, Институтот за истражување при Универзитетот Македонија, самостојната дирекција за иновации и поддршка на претприемништвото на Регионот Централна Македонија, Центарот за истражување и технологија – CERTH, Американското фармерско училиште, Центарот за организирање изложби, конгреси и културни настани во Грција – HELEXPO, Старт ап хабот Октес и Меѓународниот грчки универзитет (International Hellenic University).

Првиот ден од Студиското патување беше планиран за посета на Александрија иновативната зона, каде Г-нот Костас Трамацас, преку презентација и дискусија со учесниците ги запозна со работата и целите на Иновативната зона, но исто така преку обострана дискусија на учесниците ги советуваше како подобро да ги изработат и презентираат своите бизнис идеи и планови пред потенцијални инвеститори, како да изградат свој бизнис и како истиот навремено и според потребите на пазарот да го унапредуваат.

Во продолжение на денот учесниците го посетија и Универзитетот Македонија кој важи за еден од поуспешните Универзитети во Грција, при што Г-нот Џорџ Сиакас со голем ентузијазам и желба им го претстави Универзитетот како и Институтот за истражување кој што функционира во негови рамки. Учесниците имаа можност да ги посетат просториите на Универзитетот и да се запознаат со едукативните програми кој истиот ги нуди.

Вториот ден од Студиското патување започна со посета на просториите на Регионот на Централна Македонија каде Г-нот Костас Михаилидис преку презентација и дискусија со младите претприемачи, ги запозна со историјата, работата и можностите што ги нуди оваа институција, нејзините цели и обврски во регионот Централна Македонија во Грција.

При посетата на Центарот за истражување и технологија – CERTH, учесниците беа пречекани од страна на Др. Никос Кациадакис и преку посета на просториите, презентација и разговор со учесниците, се запознаа со работата на овој институт како и со досегашните постигнувања и истражувања во доменот на екологијата, иновациите и технолошкиот развој, соработката со различни институции и други истражувачки центри во државата, но и надвор од нејзините граници. Од Центарот исто така изразија голема желба за  имплементација на заеднички проекти со Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

Групата учесници го посетија и Американското фармерско училиште која е непрофитабилна едукативна институција, основана во 1904 година, отворена со цел едукација на ученици од Грција, но и од земјите од Балканот. Оваа школа нуди можност за престој и едукација на деца од предшколска возраст до едукација на студенти, од областа на земјоделството, прехранбената индустрија, зачувување на природните ресурси, како и во производството на домашни производи како млеко, јајца и слично со помош на модерна и еколошка технологија. Покрај едукацијата оваа школа врши продажба на своите производи во кампусот, но и надвор од него и тоа им помага на учениците и студентите да се стекнат со искуство и знаење во промоција и продажба на своите производи.

На крајот од денот, Г-а Вики Далкрани при посета на HELEXPO – Центарот за организирање изложби, конгреси и културни настани во Грција сподели информација за саемите и настаните кои што се одржуваат во текот на годината, а кои се од интерес на посетителите.

Последниот ден од Студиското патување беше резервиран за посета на водечкиот стартап хаб  во Солун – OKTHESS, чија цел е развој на локалниот иновациски екосистем и помагање на претприемачи да ги донесат своите иновативни идеи на пазарот. Оваа цел претприемачите имаат можност да ја достигнат преку програма за забрзување која вклучува обука, тренинг, дружење со ментори и пристап до капитал.  Овој стартап хаб и неговите можности на учесниците им го претстави Г-нот Антонио Силиас.

Студиското патување го заокруживме со посета на Меѓународниот грчки универзитет, кој нуди програми кои се изучуваат исклучиво на англиски јазик. Како државен универзитет, сите доделени дипломи се акредитирани од Владата и се признати во Европската Унија и на меѓународно ниво. UCIPS има за цел да се развие како една од најистакнатите истражувачки институции во Европа, привлекувајќи веќе силен меѓународен академски кадар и извонредни студенти од различни земји во светот. Со создавање, комуникација и примена на знаење, универзитетот има за цел да го инспирира секој член на својата заедница и да ги едуцира идните лидери. Работата, успесите и факултетите за општествени и природни науки на овој универзитет на учесниците им ги претстави Проф. Ели Влахополоу.

По завршувањето на оваа студиско патување, учесниците истакнаа дека се презадоволни од локациите кои што ги посетија, но и од споделените искуства и знаења од страна на домаќините на овие институти, универзитети и другите институции. Покрај тоа што ова патување имаше едукативен карактер, им овозможи на учесниците да комуницираат меѓу себе, да се дружат, но и да ги прошират своите видици со цел создавање на подобра и поуспешна иднина.

Оваа активност беше овозможена преку проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – БЕ ИН” финансиран преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција.

ОТВОРЕНИ ДЕНОВИ ЗА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА 3Д ОПРЕМА

Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со цел овозможување на поддршка во развој на нови идеи и вмрежување помеѓу академијата, бизнис заедницата, НВО и невработените лица започна со организација на 6 отворени денови за презентација на опрема за 3D скенирање и принтање која е набавена во рамките на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – Be In“, финансиран преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Република Северна Македонија.

Отворените денови се организираат во периодот ноември – декември 2022 година во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а за време на истите претставници од бизнис секторот, образовните институции, невладини организации, фриленсери, идни претприемачи и истражувачи од Југоисточниот регион имаат можност да се запознаат со воведување на иновации во процесите на дизајнирање и производство на најразлични 3D производи преку користење на 3D принтери и скенери.

Првите два отворени денови беа организирани на 07 и 08 ноември 2022 година за време на кои професори и ученици од средните општински училишта од Југоисточниот регион се запознаа со начинот на работа на 3D принтерите, материјалите кои се користат, техничките спецификации, програмите кои се користат, но имаа и можност заедно со презентерите да дизајнираат и испринтаат макети, со цел да се запознаат како функционира 3D принтањето и времетраењето на еден ваков процес. Присутните ги разменија своите познавања и искуство за таков тип на принтање и неговото значење како во образовниот процес така и во индустријата.

Отворените денови продолжуваат да се одржуваат во нарeдниот период во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со почеток од 11.00 часот и тоа во следниот распоред:

ОТВОРЕН ДЕН #3 – 24.11.2022 г. (четврток)
ОТВОРЕН ДЕН #4 – 25.11.2022 г. (петок)
ОТВОРЕН ДЕН #5 – 30.11.2022 г. (среда)
ОТВОРЕН ДЕН #6 – 01.12.2022 г. (четврток)

Сите заинтересирани можат да го најават своето присуство на следниот контакт:
Лице за контакт: Марјан Молчанов, Тел: 076/228-823

19 млади од регионот се стекнаа со вештини за развој на бизнис планови

Седумдневното дружење во рамките на Кампот за млади иноватори и претприемачи 2022 заврши со презентација на 6 бизнис планови кои беа подготвени од страна на сите учесници под менторство на професори од областа на економијата и бизнисот.

19 млади лица на возраст од 18 до 29 години, преку секојдневни интерактивни предавања од страна на еминентни универзитетски професори, успешни претприемачи и експерти, се стекнаа со нови знаења и вештини во областа на иновациите и претприемништвото. Преку работење во групи и изготвување на бизис планови, се запознаа со основите на претприемништвото, деловната комуникација како круцијален дел во бизнис светот и основањето на сопствени бизниси.

Освен обуките за претприемништво, организирани беа и мотивационо-забавни активности каде младите беа во можност да слушнат успешни животни и бизнис приказни, совети за здрав животен стил со цел да се мотивираат и да работат на бизнис идеи кои беше предвидено учесниците да ги презентираат на завршниот ден од кампот.

Времето поминато во едукација и забава, стекнатите нови знаења и пријатната атмосфера во оваа седумдневно претприемачко патување беа поттик за овие млади да изразат желба и да се стекнат со право за учество во тридневното студиско патување во Грција, кое во наредниот период е предвидено да се одржи во рамките на проектот.

Сите учесници на кампот се стекнаа со сертификати за учество како и со книга насловена како „7 навики на успешните луѓе“ од Стивен Кови кој важи за  најпочитуваниот мотиватор во корпоративниот свет. Учесниците со најдобри бизнис идеи ќе добијат и бесплатно користење на Заедничкиот работен простор кој се наоѓа во просториите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во Струмица.

Кампот беше организиран со цел да се поттикне претприемачкиот дух на младите во регионот, мотивот за соработка, развој на своите бизнис идеи во бизнис планови, како и активно учество на пазарот на трудот.

 

Голема благодарност до соработниците кои придонесоа Кампот за млади иноватори и претприемачи 2022 година да биде корисен за сите учесници и запаметен како добар пример за учење, дружење и соработка:

Петрески и партнери – за поддршка во целосната организација на Кампот, за споделените реални примери од деловниот свет, интерактивните игри како и секојдневната поддршка на учесниците во разработката на нивните идеи;

Проф. Д-р Еленица Софијанова – за обуките за Деловна комуникација;

Филип Чаловски – за споделените мотивациски совети и кулинарски трикови;

Проф. Д-р Илија Груевски – за обуките за Финанскиски планови;

Ирина Тростјанска – за споделените бизнис совети и фитнес активности;

Ивона Трајановска – за споделените совети за финансирање на стартапи;

Проф. Д-р Влатко Пачешкоски – за обуките за подоготовка на бизнис планови;

Елена Божиновска – за споделеното искуство за развивање на бизнис идеја од областа на социјалното претприемништво;

Филип Петрески – за мотивирање на учесниците да дадат се од себе, секогаш стремејќи се кон својот максимум.

 

Кампот за млади иноватори и претприемачи 2022 беше организиран од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во периодот од 26.09-02.10.2022 година во рамките на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – БИ ИН“ финансиран преку ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Р.С.Македонија.

Одржан првиот работен состанок на проектните партнери за имплементација на проектот „Бе Ин“

Во рамките на проектот „Деловен екосистем како интегриран систем – Бе Ин“, финансиран од Европска Унија преку Интеррег ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција – Р. Северна Македонија,на ден 22.03.2022 година, во Солун, Грција, се одржа првиот работен состанок на партнерите по проектот:

  • Регион Централна Македонија, Грција,
  • Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип, Република Северна Македонија
  • Истражувачки институт на Универзитетот Македонија, Грција,
  • Центар за развој на Југоисточниот плански регион, Република Северна Македонија.

На работниот состанок проектните партнери ги утврдија своите улоги, работни обврски и крајните цели од овој проект. Детално беа образложени активностите кои се предвидени, начинот на нивно имплементирање, одговорни партнери по активности, како и временската рамка потребна за да се реализираат истите.

Овој проект ќе овозможи креација на кохерентен, интегриран и иновативен бизнис еко-систем, поттикнување на бизнис идеи, како и унапредување, усовршување на индивидуи, мали и средни претпријатија и зголемување на нивниот капацитетсо цел да се намали јазот помеѓу понудата и побарувачката на пазарот во прекуграничниот регион.

Ваквата цел ќе се постигне преку претходно направени анализи, испитувања и анкети во прекуграничниот регион помеѓу Република С. Македонија и Грција, активности за спроведување на лични интервјуа со менаџери за човечки ресурси, експерти во областа на претприемништвото и иновациите, изготување на дигитални алатки, е-библиотека, дигитални и заеднички работилници, иновациски кампови, студиски патувања, форуми и самит на млади лидери и претприемачи, каде таргет групи се невработени лица со завршено високо образование, мали и средни претпријатија.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 910.144,71 евро, а за реализација на активностите по овој проект за Центарот за развој на Југоисточниот плански регион е предвиден буџет во износ од 152.482,50 евра.

Целосната реализација на овој проект е предвидена да трае 18 месеци до 17.07.2023 година.