На 03.02.2020 година во канцелариите на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион се одржа обука на тема „Дигитализација на земјоделството преку користење на податоците од Агрометеоролошките станици“, организирана во рамките на проектот „Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина“.
Учесници на обуката беа номинираните лица од сите 10 општини од регионот коишто дадоа голем придонес во имплементацијата на активностите во рамки на проектот и претставници од академскиот сектор.
За време на обуката се дискутираше за функционалноста на станиците за целните групи (земјоделски стопанства, индивидуални земјоделци, истражувачи и консултанти бизнис и академски сектор), користењето на податоците кои се прикажуваат на мобилната апликација „Meteobot“, читање на графици за моделите за прогноза на болести на одредени земјоделски култури кои ќе се прикажуваат на веб страницата www.agrojug.mk како и начинот на одржување на сите 7 сензори кои се составен дел на секоја Агрометеоролошка станица.
По завршената обука, Раководителот на Центарот Г-а Ѓуркова им додели на учесниците Сертификат за управување и одржување на Агрометеоролошките станици кои се поставени на повеќе локации во сите општини во регионот.
Агрометеоролошките станици, по завршувањето на имплементацијата на проектот ќе бидат примопредадени на сите општини од Југоисточниот регион.
No comment yet, add your voice below!