На 22.04.2020 година започна уредувањето на коритото на река Сушица во Радовиш преку проектот „Заеднички мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш“ финансиран од ЕУ, преку Интеррег – ИПА-Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија што се реализира преку Центарот за развој на Југосточниот плански регион во партнерство со општина Радовиш и општина Сандански од Бугарија, како Водечки партнер во проектот.
Со овој проект за прекугранична соработка една од главните активности е уредувањето на коритото на река Сушица, во должина од 624 метри со што ќе се реконструира најкритичниот дел од реката кој прави големи проблеми при надоаѓање на водите.
Она што е планирано со овој проект е чистење на коритото, поставување на каскадни прагови, кејски ѕид, уредување на дното, градење скали и рампи со цел да се создаде пристап до реката и да се намалат негативните последици од поплавите како и подигање на јавната свест кај населението со вклучување на најмладите преку акција садење дрвја и пошумување на речниот слив.
Градежните работи на р. Сушица се во висина од 324.206,88 евра, а ќе ги изведува фирмата Џови Компани од село Мокрино. Главната цел на проектот е спречување и ублажување на последиците од природни и човечки предизвикани катастрофи од прекугранична димензија и влијание, а вкупната вредност на проектот изнесува 587.931,97 евра, од кои кофинансирањето од општината Радовиш е во вредност од 191.630,00 евра, а преостанатите средства се обезбедени од ЕУ и Министерството за локална самоуправа.
Овој проект е ко-финансиран од ЕУ преку Интеррег-ИПА програмата за прекугранична соработка CCI 2014TC16I5CB006
No comment yet, add your voice below!