На 30.03.2022 година започнаа градежните активности за изградба на пристапниот пат до прифатилиштето за бездомни животни во Општина Струмица, проект кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион го имплементира во партнерство со Општина Струмица, а е финансиран од Бирото за регионален развој и Општина Струмица.
Директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Г-а Жулиета Ѓуркова информираше дека средствата во висина од над 4 милиони денари за овој проект се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој по која Центарот во моментот спроведува уште неколку проекти кои имаат големо значење за економскиот развој на Југоисточниот регион.
– Важно е да истакнеме дека преку оваа Програма се изгради самиот стационар и се набавени 2 возила за заловување на кучиња, а со поддршка на УНДП беше набавена целокупната опрема во стационарот. Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи прифатилиштето за бездомни животни да почне непречено да функционира, а се работи и на обезбедување на дополнителни средства за зголемување на капацитетите на стационарот со што ќе се обезбеди почиста и поздрава животна околина за Општина Струмица и за другите општини во регионот – рече Г-а Ѓуркова.
Претседателот на Советот на општина Струмица, Г-н Марјан Даскаловски, истакна дека со овој проект се планира да се изгради модерна инфраструктура за лесен и брз пристап до прифатилиштето за бездомни животни со уредување на влезниот дел од прифатилиштето со паркинг простор, партерно и хортикултурно уредување, со затревување на просторот, поставување на клупи за седење, канти за отпадоци и засадување на дрвја.
Овој проект има регионално значење бидејќи иако со прифатилиштето ќе раководи и ќе го финансира општина Струмица истото во иднина, во согласност со законските прописи, ќе биде во функција и на соседните општини за минимален надомест по заловено куче.