Директорот на Центар за развој на Југоисточниот плански регион Г-дин Ѓоко Камчев, потпиша договор за проектот „Е-полначи за електрични возила: Техничка документација“ кој ќе биде финанасиран од Фондот за техничка документација преку Првиот повик од УНДП за финансирање на техничка документација за инфраструктурни проекти. Проектот беше оценет како најдобар со вкупно 97 бодови во рамки на повикот на кој беа пријавени 69 апликанти, од кои само 13 проекти ќе бидат финансирани.
Целта на проектот е да обезбеди детална техничка документација за успешно поставување на 20 станици за полнење на е-возилa во сите 10 општини во Југоисточниот плански регион со фокус на привлекување што повеќе туристи во регионот за да стане атрактивен за туристите кои го заобиколуваат нашиот крај.
Оваа успешна иницијатива претставува значаен чекор напред кон поддржувањето на инфраструктурни проекти во регионот и е добар пример за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, како и меѓу меѓународни и локални партнери. Со оглед на долгорочните предности за општините и жителите, веруваме дека овој проект ќе придонесе кон развој и модернизација на регионот, креирајќи посебна привлечност за туристите, подобрувајќи го регионалниот туристички потенцијал и економски раст.
Покрај главната цел на настанот, во оваа прилика се дискутираше и за идните активности на Фондот за техничка документација. Се обидовме да ги истакнеме истражувањата за институционализацијата на фондот како стален механизам за финансиска и техничка поддршка за локалните самоуправи во подготовката на висококвалитетна техничка документација и управување со градежни проекти во општински контекст.
На официјалното потпишување на договорот присуствуваа и министерот за локална самоуправа, г-дин Ристо Пенов, г-дин Армен Григорјан како претставник на УНДП, г-дин Рамиз Реџепи, директор на Бирото за Регионален Развој и г-дин Микаел Атерхог, раководител на развој на соработка на Шведска.
No comment yet, add your voice below!