На 21 септември 2026 година, Центарот за развој на Југоисточниот плански регион (ЦРЈИПР) беше домаќин на настан во рамки на проектот FIREDEFEND – „Fire Detection and Enhanced Fire Emergency Network for Waste Disposal“, посветен на размена на знаења, искуства и добри практики меѓу институциите, проектните партнери, експертите и релевантните чинители од Македонија и Грција.
Настанот создаде простор за заедничка дискусија за предизвиците поврзани со неуправуваните депонии, ризиците од пожари, превентивните мерки и можностите за примена на современи пристапи и решенија, како и за понатамошно зајакнување на прекуграничната соработка.
Во рамки на официјалната сесија, свое обраќање имаа г. Петар Јанков – градоначалник на Општина Струмица, г. Ристо Манчев – градоначалник на Општина Босилово, г. Јован Коцев – в.д. директор на Центарот за развој на ЈИПР и г. Георгиос Тахметзидис – генерален секретар на Регионалната асоцијација на агенции за управување со цврст отпад на Централна Македонија – FODSA KM ΦΟΔΣΑ Κεντρικής Μακεδονίας, Грција. Настанот го модерираше Марија Тасева од ЦРЈИПР.
Во продолжение, г. Јоанис Кумантос, проектен менаџер на FIREDEFEND, ги претстави целите, стратешката рамка, партнерството, клучните активности и очекуваните резултати од проектот, со посебен осврт на неговиот придонес кон подобрување на превенцијата од пожари и управувањето со ризиците поврзани со отпадот.
Претставничките на водечкиот партнер FODSA KM, Анти Икономоу и Аргиро Вумвураки, ја претставија работата и експертизата на институцијата во областа на интегрираното управување со отпад, како и искуствата и практиките од Централна Македонија кои можат да придонесат кон заедничките активности во рамки на FIREDEFEND. Никола Стаменов го претстави Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, неговата улога во поттикнувањето на рамномерниот регионален развој, прекуграничната соработка и реализацијата на иницијативи насочени кон поголема отпорност и одржливост на регионот.
Значаен дел од настанот беше посветен на презентацијата „Мапирање и анализа на ризикот од неуправувани депонии во Југоисточниот плански регион“, презентирана од г. Александар Манчевски, сениор технички експерт преку која беа презентирани конкретни наоди, ризици и препораки како основа за планирање на идните активности и интервенции. Оваа анализа претставува важна стручна основа за следната фаза на FIREDEFEND – воспоставување современ систем со термална камера за рана детекција и мониторинг на пожари, со цел навремено препознавање на ризиците и побрза реакција на терен.
Преку ваквите активности, **FIREDEFEND ги поврзува институциите и експертите од Македонија и Грција, овозможувајќи размена на добри практики, знаења и искуства и развивање заеднички пристапи за поефикасна превенција од пожари, управување со отпад и заштита на животната средина.
Проектот FIREDEFEND е кофинансиран од Европската Унија преку Interreg VI-A IPA Програмата за прекугранична соработка Грција – Северна Македонија 2021–2027.

No comment yet, add your voice below!